Насловна / Вести / Изградено и прекопано Водно ќе станува заштитен предел

Изградено и прекопано Водно ќе станува заштитен предел

Министерството за животна средина и просторно планирање најави дека годинава ќе заврши процесот за прогласување на планината Водно за заштитено подрачје откако претходно Нацрт-одлуката за прогласување ќе помине низ јавна расправа, на која своите забелешки ќе може да ги дадат екологистите и другите заинтересирани страни. МЖСПП ги најави јавните расправи за почетокот на февруари годинава со дополнителна најава.

Vodno_resize
Во ноември лани Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата и донесе Одлука за прифатливост на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, со која го задолжи Министерството да спроведе јавна расправа по предлогот, да го изготви конечниот акт за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел и конечниот предлог да го достави до Владата на усвојување.

DSC00770_resize

Предлог-актот е достапен за увид и коментирање на веб-страницата на МЖСПП и на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР).

Површината на идното заштитено подрачје:  Заштитен предел – Водно изнесува 3992,5 хектари.

Она за што повеќето активисти, екологисти и експерти веќе долги години се борат, а тоа е заштита на Водно од сеча, узурпација и градење, сега дојде на ред да се заштитува. Прашањето е зошто се дозволи Водно толку да се уништи, а сега да се заштитува она што остана од планината и белите дробови на Скопје.

003_resize

ЧЕТИРИ ЗАШТИТНИ ЗОНИ

Во заштитеното подрачје предложени и дефинирани се четири зони, кои се воспоставуваат заради вршење на дејноста за заштита и унапредување на природата. Предлог-зоната за строга заштита зафаќа 276,3 хектари или  6,9 отсто од вкупната површина на предлог-заштитеното подрачје. Предлог-зоната за активно управување зафаќа вкупно површина од 2089,7 хектари или 52,3 отсто од вкупната површина на предлог-заштитеното подрачје. Предлог-зоната за одржливо користење зафаќа површина од 1532,1 хектари или 38,4 отсто од вкупната површина на предлог-заштитеното подрачје Водно. Во рамките на предлог-границите на заштитеното подрачје Водно внатрешниот заштитен појас зафаќа површина од 94,4 хектари или 2,4 отсто од површината на предлог-заштитеното подрачје.

001_resize

Со Одлуката е определен Градот Скопје за субјект кој ќе управува со ова заштитено подрачје.

Со прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел ќе се овозможи заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности, назначување на субјект за управување кој ќе се грижи за заштитеното подрачје и донесување План за управување согласно одредбите од Законот за заштита на природата. Воедно ќе се зголеми површината на заштитени подрачја на национално ниво и со тоа ќе се постигне прогрес во однос на исполнување на обврските од Просторниот план на државата (2004), Aichi целите од Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD), целите и акциите од Националната стратегија за заштита на природата со Акциски план (2017 – 2027), Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски план за период (2018 – 2023), како и прогрес во имплементација на ЕУ-директивите за живеалишта и птици, меѓународните конвеции, кои се ратификувани од нашата држава (CBD, Bern, CITES, Bonn, Ramsar).

ЗОНА ЗА СТРОГА ЗАШТИТА

Зоната за строга заштита претставува дел од заштитеното подрачје со највисок интерес за заштитата, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики. Како што е наведено во Нацрт-одлуката зоната за строга заштита зафаќа 276,3 хектари или 6,9 отсто од вкупната површина на заштитеното подрачје. Во зоната за строга заштита не треба да се спроведуваат активности со кои се загрозува изворноста на природата и се нарушува природната рамнотежа.

Заради одржување на карактеристиките на зоната за строга заштита субјектот надлежен за управување со  заштитеното подрачје треба да обезбеди постојан мониторинг. Исто така, во Нацртот е наведено дека во зоната за строга заштита може да се вршат научноистражувачки активности доколку тие не се во спротивност со примарните цели на заштита на подрачјето,  по  претходно добиена дозвола од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата во соработка со субјектот надлежен за управување со заштитеното подрачје.

DSC00772_resize

ЗОНА ЗА АКТИВНО УПРАВУВАЊЕ

Зоната за активно управување претставува зона од висок интерес за заштита, во која се потребни управувачки интервенции со цел реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот, како и нивно одржување.

Зоната за активно управување зафаќа вкупна површина од 2089,7 хектари или 52,3 отсто од вкупната површина на заштитеното подрачје. Во зоната за активно управување може да се вршат активности на управување кои се однесуваат на манипулирање со живеалишта и со видови. Исто така во оваа зона може да се врши спроведување на активности кои немаат негативно влијание на примарната цел на заштита на Заштитен предел – Водно, како екотуризам и традиционално екстензивно земјоделство.

ЗОНА ЗА ОДРЖЛИВО КОРИСТЕЊЕ

Зоната за одржливо користење претставува значителен дел од заштитеното подрачје која не поседува високи вредности за заштитата, каде што се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади коишто не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште. Оваа зона зафаќа површина од 1532,1 хектари или 38,4 отсто од вкупната површина на Заштитениот предел – Водно. Истата во најголем дел се протега од границата на заштитеното подрачје (во подножјето) кон средновисоките делови на планината Водно. Покрај тоа, во рамките на оваа зона е издвоен мал урбанизиран простор кај хотелот Панорама на Средно Водно со површина од 9,8 хектари.

DSC00771_resize

ЗАШТИТЕН ПОЈАС

Заштитниот појас е површина во заштитеното подрачје која има улога да ги заштити  останатите три зони од заканите што потекнуваат надвор од заштитеното подрачје.

Во рамките на границите на заштитениот предел – Водно се воспоставува внатрешен заштитен појас со површина од 43,2 хектари, кој ја следи трасата на гасоводот низ зоната на строга заштита и зоната за активно управување. Овој појас во вид на бафер широк 20 метри се протега долж планинското било, а од Дамацуле постепено се спушта кон север во правец на селото Шишево. Дел од овој појас, минува јужно од Крстовар (1.066 метри) по Ридско Рамниште во правец на Сопиште.

Во Нацрт-одлуката е наведено дека се воспоставува и втор внатрешен заштитен појас, како бафер, кој се протега и низ зоната за активно управување долж асфалтните патишта од хотелот Панорама  до селото Горно Нерези и од хотелот Панорама до под врвот Крстовар.

Трет внатрешeн заштитен појас се воспоставува  кај селото Сопиште, односно месноста Турски Камен со површина од 51,2 хектари, кој има заштитна функција.

Вкупната површина на внатрешниот  заштитен појас изнесува 94,4 хектари или 2,4 отсто од површината на заштитениот предел –  Водно. Стопанските дејности во рамките на заштитниот појас предвидено е да се вршат согласно одредбите на оваа одлука и одредбите утврдени во Законот за заштита на природата.

Go sakam Vodno_resize

НАДЛЕЖНОСТИ НА ГРАД СКОПЈЕ

Градот Скопје е должен заштитата на природното наследство на територијата на Заштитениот предел – Водно да ја спроведува преку воспоставување режим на заштита на заштитеното подрачје, преземање мерки за заштита на утврдените зони во заштитеното подрачје, изработка и донесување на План за управување со заштитен предел, да врши мониторинг на состојбата со природните вредности, да спречува штетни активности од физички и правни лица во заштитеното подрачје, да врши заштита и зачувување на биолошката  и пределската разновидност од национално и меѓународно значење и да ги идентификува заканите, како и да изработи инвентар за живеалишта, диви видови, геодиверзитет и предели.

Исто така, во надлежност на Град Скопје ќе биде и да создава услови за развој на туризмот, остварување на културни, научни, образовни и рекреативни цели, кои во исто време ја одржуваат природната состојба на заштитниот предел, да ја поттикнува научноистражувачката работа, а истовремено и да ја подигнува јавната свест, особено во воспитно-образовниот процес за заштита на заштитеното подрачје.

* * *

Став на „Го сакам Водно“, Организација за заштита на животната средина

За Водно мора да се алармира

Дојдовме до момент во кој се носат одредени одлуки кои мора да бидат максимално актуализирани и да се нагласат можностите за злоупотреба на истите.

„Го сакам Водно“ очекуваше навистина многу повеќе од актуелниот градоначалник на Скопје, кој, како што самиот се изрази е стар скопјанец и во таа насока даде уверувања дека максимално ќе го заштити местото кое е препознатливо зелено обележје на градот, Водно. Во еден момент даде и уверувања дека ќе се изработи специјален закон за Водно со цел заштита на парк-шумата од континуираното уништување. Ваквото уверување звучеше искрено, па се очекуваа построги механизми и пoaгресивен пристап за зацврстување на декларираната заштита, коja постоечките акти во последните децении очигледно не ja обезбедуваа.

Но…

Денес сме сведоци на носење одлука од Министерството за животна средина и просторно планирање, (акт кој дури не е ни закон, камоли специјален) за Водно која одредува категорија на заштита V, далеку пониска и од онаа на паркот Гази Баба. Да потсетиме дека Водно со децении ужива заштита со одлука на Градот Скопје (уште од далечната 1976, па 1989 и 1991).

Новата (де)градација секако не обезбедува заштита од континуираното уништување, и овозможува уште поголема узурпација, сега и законски поткрепена со поделбата на различни зони на заштита. Сето тоа поткрепено со студија за евалуација која речиси ексклузивно се потпира само на Законот за заштита на природата. Водно е разгледувано само од биолошко-географски и во извесна мерка социјален аспект. Воопшто не е земена важноста на шумите како штит од ерозија, неговата важност за граѓаните на Скопје, особено имајќи предвид дека како што и самата студија кажува над 220 илјади жители живеат во неговото подножје.

Go sakam Vodno1_resize

Се добива впечаток дека намерата е да се вметнат нови содржини наместо Водно на некој начин да се конзервира за понатамошни влијанија и да се задржи онакво какво што било и е, зелено, пошумено и заштитено.

Трудот и стручноста на авторите на студијата за евалуација не е воопшто спорен, но спорен е моментот на заштита на Водно САМО врз основа на оваа студија, кога сите знаеме дека Водно е вештачки пошумувано и неговите биолошки и природни вредности НЕ СМЕАТ да бидат пресудни за негова заштита.

Бевме присутни на двете расправи за Студијата за евалуација, уредно поднесовме забелешки, за кои секако не бевме известени дека воопшто се разгледувале при формирањето на конечната верзија.

Со оваа одлука, зоната на заштита се намалува, од 4 500+ на 3 992,5 ха.

Еден интересен момент во првичната верзија на студијата беше изјавата од авторите дека тоа е направено на барање токму на МЖСПП и општините. Со ова се овозможува исклучување делови од заштитената зона кај кои е веќе направена голема градежна офанзива, а со тоа нивно легализирање.

Поделбата пак на зони, особено зоната за активно управување (ако ја погледнете картата, дури и на самиот врв на Водно) овозможува законско никнување нови градби.

Наш заклучок од оваа одлука е дека, под превезот на заштита на природата се овозможува само уште поголем влез на градежната инвазија на Водно.

Согледувајќи го манипулативниот аспект во носење на една ваква одлука, би сакале да алармираме дека, тоа што Водно треба да претставува за градот и тоа за што Водно е пред половина век реанимирано, ќе биде комплетно погазено во име на профит и лични интереси на штета на благосостојбата на обичните граѓани.

Ќе присуствуваме на двете најавени расправи за оваа одлука, но гледајќи како смислено се обезвреднува неговото значење, не веруваме во совеста на институциите и нивната позитивна мисла за иднината на Водно, а воедно и на градот.

МОРА да се алармира.

Испрати коментар

Scroll To Top