Насловна / Арт и дизајн / Inside Out: Не е скапо да се произведе уметност – скапо е истата да недостига

Inside Out: Не е скапо да се произведе уметност – скапо е истата да недостига

Промени и напредок што ќе се почувствува во општеството, сакаме да видиме сите; истовремено свесни дека ставовите и вредностите за кои се залагаме како општествени чинители ги дефинира нашата култура; чиј недостиг е директно поврзан со кочењето на прогресот.

А сепак, големо мнозинство од нас, културата, односно уметноста како нејзин најпрефинет израз, ја доживуваат како нешто што постои за мал број луѓе. Поради тоа останува неискористен најсилниот потенцијал на општеството за промени, кои додека ги чекаме од политиката, ги занемаруваме културата и уметноста.

А тие можат многу побрзо и поефикасно, со мали вложувања, да вратат бесценети резултати.

INSIDEOUT-PROJECT_resize

Ова е парадигмата на нашиот културен/општествен моментум што сакаат да ја променат иницијаторите на акцијата: Весела Моловска и Марија Коробар во соработка со Максим Ристевски – „Нека светлината од уметниците се одрази врз целата заедница“.

Таа се реализира во рамките на проектот „Inside Out“, осмислен од познатиот француски уметник JR, како глобална платформа што овозможува поединци и групи ефектно да се изразат, визуелно претставени – заедно со својата кауза – преку големи фотографски портрети во црно-бела техника, колажно распоредени и изложени на јавен простор.

Акцијата со слоганот „Нека светлината од уметниците се одрази врз целата заедница“ порачува дека ако не ги поддржиме уметниците, ќе продолжиме да го жртвуваме креативното и инспиративното, на олтарот на прозаичната политичка реалност со сѐ поограничени можности, веќе полна со ќор-сокаци.

Зашто на работата на уметниците предолго се чувствува одекот од ставот на општеството: Овде е бесмислено да се вложува во култура. При што како доказ се користи и малубројноста на публиката која ги следи случувањата од областа на културата и уметноста.

Иницијаторите на оваа акција сакаат да ја демаскираат привидната оправданост на дефетистичките: „Криза е“, „Не е време за култура“, „Нема буџети“ …; повикувајќи се на фактот дека не е скапо да се произведе уметност – скапо е истата да недостига поради предрасудата оти е привилегија на мал број луѓе.

Скопската „Inside Out“ акција вклучува 134 портрети на уметници и останати профили од сферата, кон кои ако се сврти рефлекторот на јавноста можат да влијаат да се зголеми критичната маса потребна за промена на односот на нашето општество кон културата.

Акцијата индикативно се случува во Скопје, градот граден, а по земјотресот од 1963 година и реизграден на култура. Каде како никаде на друго место се испреплетувале различните култури и обичаи – Истокот и Западот; правејќи го Скопје крстопат на културите, а по земјотресот и сцена на глобалната солидарност чиј карактер го изразил големиот Блаже Конески во својот говор при отворањето на Музејот на современата уметност во 1970 година: „Од таков дух тоа е и зачнато – од чувството на соработка и солидарност во културната акција за утврдување на човечките вредности.“

Максим РИСТЕВСКИ

30_resize

 * * * * *

За културата, светлината, Inside Out, за тоа дали пораката е примена Порта 3 разговараше со иницијаторите и лидерите на оваа акција Весела Моловска и Марија Коробар

Дали на Скопје му фали јавен простор, па потоа култура или му фали квалитетна култура на јавен простор?

ВМ: Тоа што на Скопје одамна му фали е живот, му фали разновидност во програмата, му фали екстаза, му фали доживување, му фалат многу нешта што ќе ги натера луѓето да посакаат и нешто поразлично од „кафич и кафана“. Не оспорувам ниту една институционална уметничка програма, не го оспорувам турбофолкот, не ги оспорувам кафеаните, не ги оспорувам кафулињата, тие отсекогаш биле дел од нашето живеење, но го оспорувам моментот дека не знаеме или не посакуваме ништо друго понатаму од тоа. Оние кои посакуваат поразлична културно-уметничка програма се едно те истата малубројна публика. Дебар Маало, на пример, од најкултното место во градот се претвори во турбо естрада, Старата чаршија повторно не е разновидна и достапна за сите, се повлековме и од неа… И така, секој човек што има потреба од квалитетна култура, полека, полека се повлекува и доминира сè, освен урбаното и убавото. Што значи, на Скопје јавен простор не му фали, туку му фали добро осмислен и креативен јавен простор што ќе предизвикува интерес кај минувачите. Значи му фали квалитетна култура на јавен простор за да се предизвикаат промени во потребите и однесувањето кај луѓето.

МК: На градот му недостасува култура, како и повеќе културна програма на јавни површини. Малубројните случувања од овој карактер собираат значаен број на публика што ни укажува за потребата на граѓаните.

А ако по дефиниција јавен простор се плоштадите и парковите, сметам дека може да се каже дека на Скопје му недостасува јавен простор.

4_resize

Архитектурата е таа која го формира или го одзема јавниот простор? Одземен ли ни е многу јавен простор?

ВМ: Кога дојде мојот другар Хавиер од Мадрид на гости во Скопје ми рече вака: „Боже колку ви е грд градов, а колку сте вие убави“. Секако, не е само Скопје. За останатите градови можеме само да молчиме и да подголтнуваме. Јасно ни е дека секое парче земја се силува од денот на нашата независност, од денот кога македонските партии ја презедоа сета контрола врз државата. Да не зборуваме, пак, за времето кога во името на напредокот и културата не се доведовме на самото дно туку се самозакопавме. Така што кај нас напредок не постои и преку архитектурата континуирано ни го одземаат секое делче, а воедно нема никаков повидок за тие одземени зданија да можат, преку интервенции на уметниците, да бидат разубавени.

МК: Урбаниот хаос во нашиот град сите го дишеме и живееме. Ако се водиме по стандардите за хумано живеење ние практично и немаме вистинска градска средина. Сепак сметам дека одмина времето за потенцирање на проблемите, време е за решавање на истите.

3_resize

Дали се парите и вложувањата од институциите во културата, пресудни за нејзиниот квалитет? Максим Ристевски вели дека „не е скапо да се произведе уметност – скапо е истата да недостига“.

ВМ: Во нашиов крајно криминален и коруптивен систем никој не размислува на квалитет. Сите вметнати во културата размислуваат за своите проекти, во кои е напишано дека се создаваат за општествено добро и за развој на што поширока публика и што поголема промена на културолошката свест, а напишаното ретко е поврзано со реалното. Се откорнавме од дебатирање во празно. Ние де факто функционираме институционално, а институциите ни се загниени. Институциите ни се партиски. Гнили. Со чест на исклучоци каде некои од тие институции се обидуваат, а некои навистина преземаат. Но како и да е, луѓето не одат по музеи, не одат во театар, не одат на опера и балет, филхармонија… не одат. Тоа е малубројна публика во однос на масовноста што ни е потребна за воопшто да почувствуваме промена.

МК: Квалитетот во уметноста се изразува преку уникатното искуство на поединецот. Успехот на едно креативно дело е во потенцијалот кој го поседува да остава впечаток неважно од неговите површински вредности. Тоа се постигнува преку квалитетот на идеите, иновативноста и мајсторството на авторот да ги пренесе истите. Всушност претставува синтеза на вештина со иновативна перспектива на уметникот.

Нашата акција беше апел за поддршка на уметниците. Кај нас ситуацијата е таква што европските фондови се главен извор на финансирање и се влегува во различни партнерства со што се доведува во прашање интегритетот на уметникот. Голем дел од квалитетните уметници кај нас не можат, ниту сакаат да функционираат на овој начин.

8_resize

Се случуваат и квалитетни настани од областа на културата, но неретко публиката е малубројна, тоа се главно истите луѓе. Како да се привлече нова публика?

ВМ: Како? Со креативност! Со излегување надвор од институциите. Со создавање програма што ќе вознемирува, возбудува и ќе допре до сите сетила, а не пародии, парадички и настанчиња. И тоа не институциите да ангажираат уметници кои самите ќе ги определат, туку уметниците сами да се ангажираат и слободно да почнат да се изразуваат во јавноста.

Не се прави култура со по 500 евра поделени на рој независни уметници од скромниот буџет на РМ. И тука ни е промашена стратегијата. Културата е скапа играчка, но како што рече Максим, не е толку скапа колку што е скап недостатокот од истата.

Што значи, бидејќи е скапа играчка, главното олеснување би било со менување на Законот за донации и спонзорства кој е создаден крајно нефункционално во однос на културата. Даночното ослободување со 5 % од профитот на големите и успешни фирми може многу да промени, а воедно да има буквално за сите без да се оптоварува Министерството за култура во неговите институционални програмирања.

Доста е со изговорот дека преку културата ќе можело пари да се проперуваат бидејќи досега преку што сè не ги пропраа, ништо на народот не му дадоа. Постои начин, постои создавање стручно независно тело во „Култура“ (значи, не партиско туку стручно), кое ќе биде одговорно за одобрување на проектите, постои исто така создавање стручно тело во „Финансии“ кое ќе го контролира приливот и одливот само на проектите од култура. Сè може да се докаже и покаже. Треба да се сака истото да се направи. Како една Европска Унија успева да ги исконтролира сите возможни проекти во однос на финансиите и изведбите? Ние едноставно не сакаме, не се ни обидуваме, не размислуваме за општественото добро, живееме во институционална лага на една квазиинтелектуала.

Друга стратегија, откако ќе се создаде олеснителен закон за употреба на средства за креација е вклучувањето на граѓаните во културните процеси и разубавување на јавниот простор, создавање мали плоштатчиња каде младите ќе се собираат, константна разновидност на креативни програми и што уште не, но пред сè, со ангажирање што повеќе уметници од нашето поднебје. Тие се создатели.

Па не сме свесни колку уметност и креатива кубури во овој безизлез кај нас. Уметникот може чуда да направи! А да не зборуваме за тоа дека што повеќе култура и публика, тоа поголем економски раст доживува една земја. И тоа не го знаат нашиве. Кога еден Черчил го прашале дали да скратат од средствата на културата за да можат да ја финансираат војната, знаете што им одговорил? Рекол: „Па за што тогаш се бориме ние?“ Ете така.Топлата вода одамна е измислена, само треба да ја пуштиме за да се измиеме.

МК: Решението за оваа проблематика го гледам во едукација на новите генерации. Треба да работиме сега, веднаш, за во иднина да имаме резултати.

10_resize

Институциите се декларираат дека ја поддржуваат културата, точно ли е тоа? Умеат ли да разграничат квалитетни од неквалитетни случувања?

ВМ: Од една страна имаме недостаток од квалитетно обучена администрација, а од друга администрација што сака, а нема можност ништо да преземе, така што немаме ниту квалитетно декларирани институции. Ќе повторам, со чест на исклучоци кои сериозно водат борба за нешто да постигнат и постигнуваат, за одредена мала публика која живее во меурот на квалитетните случувања и задоволства.

МК: Не сакам да коментирам за програмските активности на институции од кои не сум дел. Како и врз база на што ги креираат програмите. Резултатите ги гледаме и чуствуваме сите.

Нам ни недостасува стратегија за развој на културата, а особено недостасува поддршка на уметниците.

18_resize

Скопската „Inside Out“ акција вклучува 130 портрети. Кој ја правеше селекцијата на луѓето? Се среќававте ли со коментари, кои сте вие да решавате, и кај ги најдовте токму нив?

ВМ: Селекцијата ја правевме ние и главно тоа се луѓето од нашето опкружување кои ги познаваме лично, а некои ги познаваме преку пријатели или ги добивме по препорака од другите уметници. Имавме многу кратко време за реализација на портретите, а сред лето, многу беа исто така недостапни. Се сретнавме со тој тип на коментари од професионалци, од куратори и од пријатели дури, но мене сериозно ме иритираше таквото прашање бидејќи што е до нас би сакале сите да ги вклучиме, би сакале цел град и сите згради да ги облепиме и насекаде да одекне пораката за неопходноста од поразвиена култура на нашево поднебје која ќе опстојува и надвор од институциите, независно и самостојно. Целта не беше кој е застапен на портретите, целта беше да се продре, а воедно и да се прочита и сфати пораката која сите заедно ја испративме.

МК: Свесни за тешкиот избор кој следува и за ограничувањето во однос на средствата, одлучивме да се водиме според основната идеја, тоа да бидат уметници, културни работници и поддржувачи на културна сцена, кои на свој начин оставиле белег во општеството, личности политички неискомпромитирани, етаблирани во својата дејност.

13_resize

Се судиравте со проблеми при изборот на локација за портретите, не сите беа расположени да ви отстапат простор. Дали и ова е знак на незаинтересираност, несфаќање на културата и недоверба?

ВМ: Знаете, ние сме прекрасни, но исто така сакаме и да му умре козата на комшијата. Секако дека се сретнавме со сериозни проблеми. Па мене дури човекот од мојата зграда кој мислев дека со воодушевување ќе ме поддржи, навидум секогаш зборувајќи за култура и претставувајќи се како едуциран и културолошки продуховен, ме пријави кај администраторот со предупредување дека ќе подлежам на судска жалба ако не ја вратам фасадата во првобитна состојба.

Голем дел од луѓето едноставно не знаат дека уметноста создава, а не уништува.

Од другата зграда поголемиот дел од соседите ме познаваат од дете и не само што ми дозволија туку се воодушевуваа и беа пресреќни, мал дел негодуваа, а некои од нив дури сакаа да спечалат од оние што денар не заработуваат од создавање уметност.

Од друга страна, да не зборувам за другите локации каде одев од врата на врата и се соочував со сериозна недоверба кај граѓаните, а уште помалку, пак, да зборувам за барањето до Министерството за култура за користење на една институционална локација за кое еве сè уште немаме никаков одговор.

МК: Секако ова беше можеби најтешкиот дел од акцијата.

Мислите ли дека светлината ќе допре до заедницата, ја разбраа ли пораката?

ВМ: Во однос на заедницата, немаше човек што помина, а што не застана да праша што се случува, да ја изрази најискрената желба за културен напредок и поддршка за иницијативата. Така што народот бидејќи живее во недостиг и тоа како ја разбира пораката. Но, не станува збор за тоа дали тие ја разбрале или не ја разбрале пораката туку станува збор за тоа колку оваа порака ќе одекне кај одговорните за создавањето на стратегиите за култура и колку ќе се преземат чекори за истата да биде позастапена. Но, не да се создаваат стратегии за институциите, туку стратешки да се организираат институциите и да ѝ се даде на сцената независно да функционира.

МК: Со нашата акција сакавме да ги потсетиме сите граѓани дека уметноста е моќна алатка за социјални промени која дава глас на младите, студентите, политички и социјално загрозените. Всушност таа директно инспирира промена и влијае во прогресивниот напредок на општеството и социјалните кругови.

Не сметам дека едно уметничко дело може да направи промена, така што не

сметам дека ниту со оваа акција можеме да ја направиме истата, но сметам дека

ставање фокус на лицата кои стојат зад нашата порака може да поттикне на актуализирање на прашањето за неопходноста од колективен труд на уметниците и институциите околу таа идеја.

mv_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top