Насловна / Хортикултура / Природна заштита од бучава

Природна заштита од бучава

prirodna-zastita-od-bucava-1.jpgБучавата е еден од главните фактори за намалениот квалитет на живеење,
особено во урбаните средини, каде константно е присутна. За да се
постигне намалување на бучавата, најчесто се користат бариери од
најразлични материјали, не земајќи ја предвид едноличноста и
монотонијата што може да ја предизвикаат. Единствена предност како
решение за заштита од бучава е тоа што зафаќаат помала површина, но не
може да се каже дека имаат поголем ефект од растителните паравани,
бидејќи во целост ја одбиваат бучавата, но не ја апсорбираат.

 

Исто така, од растителните паравани може да се искористат низа други придобивки. Растенијата во централното градско подрачје не само што апсорбираат јаглероден диоксид, влијаат врз локалната микроклима и спречуваат ерозија, туку во голема мера можат и да ја пригушат бучавата. Големината на звукот изразена во децибели (dB) е различна во различни делови од градот. За таа цел потребно е да се направи правилен избор на видови за формирање на растителни паравани со што би се намалила бучавата до нејзино целосно загушување.

prirodna-zastita-od-bucava-1.jpg

Бучава која се движи од 60 до 120 dB е штетна по здравјето. За време на викендите во подоцнежните часови, се забележува зголемена бучава, која може да биде поголема од 80 dB. Ваквата бучава предизвикува зголемен крвен притисок, премореност и нервоза. Од 90 – 110 dB почнува да се чувствува и вибрации, а кај луѓето може да предизвика наглувост, додека бучава на 170 dB предизвикува смрт. Степенот на заштита од бучава зависи од составот, густината и длабочината на насадот. Според USDA, правилно дизајниран параван од дрвја и грмушки може да ја намали бучвата за околу 10 dB. Насадите од листопадни видови со средна густина и ширина од 8 метри ја намалуваат бучавата на сообраќајот до 15 dB.

 

Добро развиен шумски масив со широчина од 30-35 метри ја намалува бучавата од сообраќајот до 25 dB, а на растојание од 250 метри потполно го намалуваат или одбиваат звукот. Најдобар ефект се постигнува ако се користат листопадни видови со густа крошна, и поситни ливчиња. Насадите треба да бидат подигнати од комбинација од дрвја и грмушки, така што пред изворот на бучава би имало тревен појас, па потоа појас од грмушки, а најдалеку појас од дрвја. Со овој начин на подигање заштитни појаси, покрај тоа што растенијата апсорбираат голем дел од бучавата, во голема мера ја пренасочуваат во височина. Како видови најповолни за подигнување на ваков тип на насади се: Tilia cordata, Popolus sp; Quercus robur, Carpinus betulus, Acer platanoides. Во Скопје, во минатото можеа да се сретнат голем број на вакви дрвни масиви, најчесто од тополи, кои служеа како заштита помеѓу фреквентните сообрајаќници и станбените блокови.

prirodna-zastita-od-bucava-2.jpg

 

Најголем дел од нив сега се исечени, а површините на кои тие се наоѓаа, за жал, дел се поплочени, а на дел се подигнати паркови кои на изглед се далеку поубави и како дизајн и како архитектонско решение, но од практична гледна точка, во моментов не можат во целост да ја покријат санитарната функцијата на старите насади, поради тоа што станува збор за млади насади, кај кои придобивките би се искористиле во иднина.

 

Филип Филипоски, дипл.шум.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top