Насловна / Архитектура / Градови кои се борат со урбанизмот: од јапонските урбани проекти во 60-тите години

Градови кои се борат со урбанизмот: од јапонските урбани проекти во 60-тите години

japonska izlozba vo muzej na skopje
Музејот на град Скопје во соработка со Јапонската фондација и Амбасадата на Јапонија во Виена пред македонската публика во вторник, 8 април 2014 во 20 часот, ќе  ја претстават изложбата насловена Градови кои се борат со урбанизмот: од јапонските урбани проекти во 60-тите години на минатиот век“. Оваа патувачка изложба е креирана во 2010 година од архитектот Наохико Хино, кој, во основниот концепт, ги зема како појдовна точка разновидните експериментални идеи за градовите што процутеа во Јапонија во текот на шеесеттите години на минатиот век. Изложбата  ги презентира истражувањата преку кои се преиспитуваат разновидните околности како во  јапонските, така и во други градови во светот од 1960 година се до денес, при што особено се обрнува внимание на идентификувањето на  дистинктивните аспекти на околностите манифестирани во денешно Токио. Покрај претставувањето на „Планот за Токио-1960“ на Кензо Танге, раритет на изложбата е претставувањето на оригиналната макета од урбанистичкиот проект – „Градови во воздух“ на легендата на светската архитектура, Арата Изосаки.

Изложбата тематски е поделена на четири дела: Историја на идеален град, Амбициозни урбани проекти во Јапонија, Светски градови: 1960 – 1970 и Проблематиката на градовите од нашето време.

Додека повеќето урбанистички проекти на Метаболистите во Јапонија не се  реализирани, неколку планови беа имплементирани надвор од Јапонија, меѓу кои од особен урбанистички интерес се Бразилија на Лусиу Кошта, главните градови на Македонија и Нигерија по проекти на Кензо Танге и Чандигар во Индија на Ле Корбизје. Токму овие урбанистички планови се посочени на изложбата.

Во поставувањето на изложбата, кураторот користи комбинација од различни медиуми – од архитектонски макети до фотографии и слајдови, преку анимации и други аудио-визуелни материјали.

Со патувањето на изложбата во различни градови во светот, ќе биде овозможено на секоја нова дестинација да биде  преиспитано прашањето на урбанизацијата, а истовремено да се разберат актуелните предизвици и идните насоки на нашите вечно растечки градови и тоа во контекст на особениот однос кон  секоја – домаќин локација.

Испрати коментар

Scroll To Top