Насловна / Архитектура / Еден од бисерите на македонската хотелска архитектура

Еден од бисерите на македонската хотелска архитектура

Хотелската архитектура во Македонија својот најголем подем и раст го доживува во децениите по Втората светска војна. Во овој период се изградени маркантните Изгрев, Дрим, Еуротел, Белви, Палас итн., сместени на брегот на Охридското Eзеро, Европа во Отешево, потоа Гранд, Водно, Континентал во Скопје, Инекс на Попова Шапка и други.

1974_00_00_Makedonska_arhitektura

ПАНТЕЛЕЈ МИТКОВ

Еден од оние архитектонски бисери за кој може да се рече дека е останат во сенка на некои од споменатите, за кои често се пишувало, и кои често биле предмет на студентски или на други стручни анализи е хотелскиот комплекс „Десарет“ (1971) во Пештани. За овој хотел ретко може да се сретнат пишани податоци или извадоци од проектот во основа. Автор на проектот е архитектот Пантелеј Митков, роден во 1929 година во Охрид. Дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје во 1955 година. Докторирал на Природно-математичкиот факултет во 1980 година. Како проектант работел во Републичкиот завод за убанизам во Скопје и во Институтот за просторно планирање во Охрид. Претежно се занимавал со просторно и урбанистичко планирање како што се деталниот урбанистички план на стариот дел од градот Охрид (1967) и Просторниот план на Македонија (1982). Но исто така Пантелеј Митков се занимавал и со проектирање, покрај хотелот „Десарет“, меѓу позначајните објекти на кои е  проектант се хотелот „Астра“ во месноста Св. Стефан во Охрид (1956) и Студентското одморалиште во Охрид (1963).

2 (1)

РАЗЛОЖЕН НА ПОВЕЌЕ ВОЛУМЕНИ ПОВРЗАНИ ПОМЕЃУ СЕБЕ

Хотелот „Десарет“ навистина e еден од бисерите на македонската хотелска архитектура од 20-тиот век заради неговото автентично обликување. Претставува можеби најспецифично проектно обликовно решение од доменот на хотелската архитектура во Охрид, а веројатно и во цела Македонија. Постариот анекс е граден од 1971 до 1973, отворен е во 1975 година, додека пак новиот анекс датира од 1984 година.

Satelit

За разлика од Дрим или од Палас, кај кои препознаваме едни од стандардните хотелски типологии, хотелот Десарет излегува од таквите хотелски рамки чии решенија ги теоретизирало европското и светско архитектонско учење во 20-тиот век. Ако се обидеме да го сместиме во некоја типологија, би можеле да го третираме како павилјонски тип на објект, разложен на повеќе волумени поврзани помеѓу себе. Она што е значајно за „Десарет“, а кое го издвојува речиси од сите други, е умешно направената реинтерпретација на охридската куќа. Таа е извонредно пресликана во хотелско решение преку решавање на крововите на школски, традиционален начин, употреба на охридски кровен венец и примената на олучеста (полукружна) ќерамида која е традиционално користена на овие простори со векови.

13

Видлива е тенденцијата да се истакнат традиционалните материјали преку обемно користење на дрвото како материјал. Од дрво се изработени прозорските рамки и балконските огради, а намерно е видлива и потконструкцијата на стреите со цел да бидат видливи дрвените рогови, косници и опшивки. Освен тоа, доминантно видливи се и полутранспарентните дрвени брисолеи, какви што се и преградите помеѓу балконите. Дрвото е користено и во внатрешноста на објектот за ѕидни облоги, спуштени плафони, огради и разни декорации, што дава посебна и пријатна атмосфера во ентериерот. Ова ентериерно обликување секако било на линија со тогашните трендови на овие простори. Токму ова зборува и за умешноста на архитектот, кој успеал да изгради совршена релација на охридската градителска традиција со актуелното време во кое е проектиран и граден хотелот.

11

СИМБОЛИЧНА АНАЛОГИЈА НА „УЛИЦИТЕ ТЕМНИЦИ“

Традиционалните обликовни елементи се вешто искомбинирани со композициски елементи на модернизмот, како што се широките тераси, истурените и доминантни стреи и големите фасадни отвори. Уште еден елемент присутен од модерната архитектура се неколкуте мостови (дел отворени мостови, дел затворени ходници), со кои меѓусебно се поврзани дел од различните волумени.

7

Токму главниот влез во хотелот е под еден таков затворен мост кој ги поврзува првиот дел од хотелот со анексот од 1984 г., и кој истовремено претставува широк наткриен трем под кој поминува автомобилскиот пристап до главниот влез. Ова е можеби мала симболична аналогија на „улиците темници“ од типот на „Коста Абраш“ во Охрид, кои поминуваат под првите катови на куќите.

3 (2)

Влезната партија во хотелот всушност е составена од два одвоени светлосни отвори долж еден ѕид, меѓу кои е сместена рецепцијата кон внатрешноста, односно чуварската служба кон надворешноста или фасадата на објектот. Со тоа е овозможена т.н. „кружна врска“ околу рецепцијата. Делот со лобито е сместен на две нивоа, дефиниран со две скалишни јадра на двете страни кои водат кон заеднички ходник на горните катови каде што се наоѓаат собите. Лево од рецепцијата се поставени лоби-барот и ресторанот, а под нив на другото ниво е конференциската сала. Десно од рецепцијата постои излез кон надвор на периметрална тераса која го обиколува целиот анекс, а од каде се спуштаат и скали кон партерот. Новиот анекс е пристапен со одвоен влез спроти главниот влез, друг целосно одвоен влез на повисоко ниво од делот кај улицата, како и мост од горните катови.

9

ВЕРОДОСТОЈНА РЕИНТЕРПРЕТАЦИЈА НА ОХРИДСКИТЕ МААЛА

Впечатливи се и одвоените девет двокатни вили кои претставуваат целосна аналогија на охридската куќа, и кои на некој начин формираат „маало“ на стрмен терен во рамки на хотелскиот двор. Ова „маало“ има тесни стрмни премини помеѓу куќите, дел од нив решени со скали, а на некои места е користен и каменот како материјал. Ваквото решение е веродостојна реинтерпретација на охридските маала, како Канео или Варош, сместени на брегот на езерото. Секоја од куќите во себе инкорпорира два одвоени апартмани без меѓусебна комуникација, а секој од нив има спална соба, дневна, трпезарија, кујна и тоалет. Апартманите се сместени на различни катови, а до нив се пристапува од различни висини директно од партерот. Апартманите на горниот кат имаат и балкон кон езерото со прекрасен поглед.

5

ОРГАНСКО РЕШАВАЊЕ НА ПАРТЕРОТ

Особено внимание е посветено и на партерното уредување на целиот хотелски комплекс. Волумените се „насадени“ низ партерот, не ја нарушуваат неговата природна топографија, а сите влезови, како на поголемите анекси, така и на вилите се од неколку различни нивоа. Партерот е прошаран со скали и патеки под наклон, избегнувани се прави агли со цел движењето да биде поприродно. Ваквото органско решавање на партерот е аналогија на стариот град во Охрид, кој се развивал органски, но спонтано растејќи низ годините.

1 (1)

Комплексот е богат со тревнати површини, високи дрвја, терени за рекреација, а паркинзите се сместени веднаш до автомобилскиот влез од улицата. Освен кратка пристапна улица до сервисните простории во главниот анекс, не е овозможено дополнително движење со автомобил низ партерот. Тоа е направено со цел максимално зачувување на органскиот пристап во решавањето на партерот и овозможување максимален мир за гостите. Хотелскиот комплекс е сместен јужно од последните куќи во селото Пештани, и е наменски одвоен од постоечкото изградено ткиво од селото со високо зеленило.

6

Со отворањето на хотелот во 1975 година, селото Пештани и дефинитивно се приклучува на туристичката мапа, како еден од најпознатите езерски туристички центри во Македонија.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

10 12 8 17 16 14

Испрати коментар

Scroll To Top