Насловна / Архитектура / Данскиот архитект Јан Гел со предавања на Архитектонски факултет и во Холидеј Ин

Данскиот архитект Јан Гел со предавања на Архитектонски факултет и во Холидеј Ин

јан гел предавање_1Утре (1 март), во 10 часот, на Архитектонскиот факултет, УКИМ, пред студентите ќе одржи предавање данскиот архитект, професорот Јан Гел, а за граѓаните на Скопје, ќе одржи предавање во Холидеј Ин, во 14 часот. Предавањето ќе биде на англиски превод без симултан превод.

Овој доајен на проектирање јавни простори и незаменлив филозоф, се занимава со градовите, а неговите извонредни дострели се навистина глобални. Тој најдобро го проценува квалитетот на живот во градовите, поставува предизвици за нивната иднина, извонредно брзо помага во кризите со кои се соочуваме.

Во настанот е вклучена Комората на овластени инженери и архитекти на РМ со започнување на проектот: издавање на книгата на Јан Гел „Градови за луѓето“ на македонски јазик, како уште една придобивка на добрата волја и симпатиите на авторот кон нас. Многу генерации ќе живеат посреќно во градов ако се слушаат и послушаат советите на Јан Гел. Се надеваме дека тие ќе бидат инспиративни за многу граѓани, урбанисти, архитекти, политичари, функционери…

јан гел предавање_4

Професорот Јан Гел предавал на данската Кралска академија, а сега е во фирмата Gehl Architects-Urban Quality Consultants, твори и пишува книги, меѓу попознатите „Градови за луѓето“, „Живот помеѓу згради“, „Нови градски простори“, „Јавни простори – јавен живот“ и многу други. Работел за Копенхаген, Ротердам, Стокхолм, Лондон, Аман, Мелбурн, Сиднеј, Сан Франциско, Сиетл, Њујорк и др. (а би можел и за Скопје!). Инаку е почесен член на Кралскиот институт на Англија – RIBA, на Американскиот институт – АВА, на Канадскиот институт – RAIC, Институт за архитектура на Преторија – PIA. Ги следи и анализира развојните патишта на градовите повеќе од 50 години, и ја смета својата работа за привилегија, а начинот на планирање на градовите и начинот на кој тие се развиваат радикално се сменија во тој половина век. Некаде до 1960 година градовите се развиваа врз стекнатото искуство низ вековите и се подразбираше дека тие се создаваат за луѓе.

Прфесорот Гел вели дека во моментот кога дојде до нагласен урбан раст, развојот на градот е доверен на профсионалците – урбанистите. Теории и идеологии, постепено ја презедоа улогата што дотогаш ја имаше традицијата. Настана силно влијание на модернизмот, во смисла градот да се гледа како машина со јасна поделба на функции. Освен тоа, сообраќајните инженери станаа значајна група која почна да изнесува теории и прописи за најдобри услови за автомобилскиот сообраќај.

Во текот на сите овие години, ни урбанистите ни сообраќајните инженери не придаваа голема важност на градскиот простор, на градскиот живот, а скоро ништо не се знаеше за влијанијата на физичките структури врз однесувањето на луѓето. Многу подоцна се препознаа драстичните последици врз луѓето, што ги овозможи и остави овој вид на планирање на градскиот простор. Начелно гледано, урбанистичкото планирање беше проблематично, а фактот што виталните функции на градот бараат внимание и грижа на професионалци, не беше прифатен.

Со време стекнатите знаења за врските помеѓу физичките структури и човековото однесување овозможија да знаеме што, како примарно, треба да се направи. Емотивните врски со просторот станаа важни, а кај нас културата на протести овозможи гласно спротивставување на некои непромислени одлуки. Едноставно, градот и неговите жители бараа гласно, урбанистичкото планирање да се фокусира на луѓето и нивните искази.

Денес, сепак е јасно дека во 21-от век, како нова насока е грижата за луѓето, а поставените цели од пресудно значење се градовите да бидат што поживи, побезбедни, поздрави и поодржливи.

Подготви: Даница Павловска Циги, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top