Насловна / Архитектура / Даночна архитектура

Даночна архитектура

Connecticut Hall, Yale University

Архитектурата отсекогаш била одраз на општеството и средината во која се создавала. Врз неа секогаш влијаеле климата и релјефот, локалните гео-морфолошки карактеристики, локалната флора и фауна, техничките и технолошките можности, материјалната и финансиката моќ, религијата и идологијата, политиката и владетелите, влијателните лица во општеството, креативноста и визијата на архитектот, како и многу други фактори.

Веројатно еден од помалку познатите фактори е поврзан и со даночната политика и нејзиното влијание врз архитектурата. Несомнено е дека даночната политика отсекогаш влијаела врз архитектурата, но можеби не толку директно и изразито како во периодот од XVII до XIX век кога постоеле даноци на огништа, тапети, тула, стакло и прозорци. Некои од овие биле локални во рамките на една земја, додека другите биле регионални или пошироко. Сите овие даноци се форми на даноци на имот коишто постоеле во историјата.

Данок на огништа (IX-XVII)

Данокот на огништа бил распростренет и долго применуван данок на имот во одредени земји во Европа во минатото. Така, данокот на огништа (капникон –kapnikon) по првпат се споменува во рамките на Византиската империја во времето на владеењето на Никифор I (Nicephorus I) кој владеел во периодот 802 – 811 година. Данокот се наплаќал од домаќинствата без оглед на нивната финансиска моќ. Со оглед на тоа што овој данок веќе бил воспоставен во времето на Никифор I, се смета дека можеби потекнува од VII век.

danocna arhitektura (4)

Данокот на oгништа (фоаж – fouage) се наплаќал и во Франција помеѓу 1342 и 1349 година, кога личните трошоци на Кралот на Франција за мирази, благодарност, одржување на палатата, патни трошоци и облеката го трошеле севкупниот приход на кралот. Дополнително, кралските финансии не биле во можност да се справат со трошоците на војната и државните службеници, од каде произлегла потребата за дополнителни даноци во форма на данок на огништа. И во Франција проценката на данокот се вршела врз основа на домаќинставата, но вообичаено била наплаќана како еднократен износ од страна на градот, а градските власти го организирале прибирањето на данокот.

Петеровиот пени (Peter’s pence, англо-саксонскиот hearth-penny или латинскиот Denarii Sancti Petri) бил „доброволен“ данок на огништа кон

Римокатоличката црква, кој бил воведен од Саксоните во Англија пред да се прошири во други земји. Во Англија првите пишани документи за овој данок потекнуваат од писмото на Кралот Кануте (Canute, Cnute the Great, 985 или 995-1035), кралот на Данска, Англија и Норвешка, до англисиките свештеници од 1031 година, иако постојат податоци дека форма на овој данок била наплаќана и порано во други кралства. Во Англија данокот од еден пени се наплаќал за секое огниште или домаќинство еднаш годишно, заедно со годишна наемнина од 30 или повеќе пени. Наплатата на овој данок кон Римокатоличката црква дефинитивно била укината во 1559 година од Кралицата Елизабета I (Elizabeth I, 1533-1603).

Во 1871 година Папата Пие IX (Pope Pius IX) ја формализирал практиката за верниците да даваат финансиска поддршка на престолнината на папата, Ватикан, при што редовните придонеси оделе за потребите на локалната црква, а еднаш годишно Петеровиот пени одел директно за Ватикан, при што тој се собирал во денот недела кој е најблизок до 29-ти јуни. Според извештаите на Римокатоличката црква во 2006 година биле донирани над 101 милиони долари преку Петеровиот пени.

Нова форма на данок на огништа – данок на оџаци бил воведен во Англија во 1662 година за финасиски да се поддржи кралското домаќинство на Кралот Чарлс II (Charles II). Данокот на огниште изнесувал два шилинга (24 пени) по огниште или печка годишно и се плаќал во две еднакви рати на 29 септември и на 25 март, и на почетокот не предвидувал даночни ослободувања, кои подоцна биле воведени за да се намали оптоварувањето на посиромашните. Данокот не бил популарен затоа што за да се утврди основицата за плаќање требало да се изврши увид во објектите. Обидите за избегнување на плаќање на данокот преку блокирање на оџаците било казниво со наплаќање на двојно зголемен данок. Данокот на огништа во Англија бил укинат во 1689 година, а продолжил да се наплаќа во Кралството на Ирска до почетокот на XIX век.danocna arhitektura (3)

Данок на прозорци (XVIIXX)

Данокот на прозорци бил воведен во Англија и Велс во 1696 година од Кралот Вилијам III (William III. Оргинално овој данок бил со две компоненти: фиксна која се наплаќала во износ од два шилинга по куќа, и варијабилна која зависела од бројот на над 10 прозорци во куќата. Така, еден износ се плаќал за помеѓу 10 и 20 прозорци, па за над 10 прозорци и слично. Со текот на времето, фиксниот дел на данокот бил променет за да ја земе предвид вредноста на објектот, а варијабилната основица, според бројот на прозорците, исто така се менувала со текот на времето, така што од 10 се намалила на седум за да се покачи на осум. Данокот не бил многу популарен со оглед на тоа што се сметал за данок на светло и воздух. Во Англија данокот бил укинат во 1851 година. Слични даноци постоеле во Шкотска од 1748 и во Франција помеѓу 1798 и 1926 година. Избегнувањето на плаќање на овој данок се состоело во заѕидување на прозорците или пак во правење на таканаречени „слепи прозрци“, кои биле правени со цел ѕиданата исполна во прозорскиот отвор да се замени со прозорец во некои подобри времиња или по укинување на данокот.

Данок на тапети (1712-1836)

Се разбира, потребата од собирање на финансиски средства за карлството или државата никогаш не престануваат, туку само се менуваат. Доколку данокот на огништа влијаел на објектите преку намалување на бројот на огништа, но и преку тоа колку простории можат да се користат во текот на целата година, данокот на тапети влијаел на внатрешното уредување на објектите во земјата.   Кралицата Ана (Queen Anne, 1665-1714) владеела во периодот од 1702 па се до нејзината смрт во 1714 година. Таа го започнала своето владеење како Кралица на Англија, Шкотска и Ирска, за по прогласувањето на Законите за унија (Acts of Union), преку кој кралствата на Англија и Шкотска се обединуваат во единствена суверена земја позната под името Велика Британија, на 1.5.1707 година, да стане Кралица на Велика Британија и Ирска. За време на нејзиното владеење бил воведен и данокот на тапети. Основицата на оданочување се пресметувала според површината на ѕидовите на објектот покриени со декориран, печатен или обоен тапет. Данокот на тапети бил воведен во Велика Британија во 1712 година и на почетокот изнесувал едно (пре децимален империјален) пени за секој квадратен јард (околу 0,84 м2) површина, за до 1809 година да се зголеми 12 пати и да стане 12 пени, односно еден шилинг, или околу 3,80 евра по квадратен јард површина според вредностите од 2015 година. Оние што не биле расположени да го плаќаат овој данок, можеле да го избегнат доколку купувале необработен тапет и потоа сами да го украсат со печати со декоративни форми. Данокот бил укинат во 1836 година.

Данок на стакло (1746-1845)

Неколку децении по воведувањето на данокот на тапети, во 1746 година бил воведен и данокот на стакло, во времето на владеењето на британскиот Крал Џорџ II (George II, 1683-1760), Крал на Велика Британија и Ирска. Данокот изнесувал над 300 проценти на вредноста на стаклото, кое тогаш се продавало според својата тежина. Од една страна, тоа придонело за производство на предмети од стакло кои се поделикатни, со воздушни празнини во дршките на чашите и сл. Самиот данок на стакло бил критикуван од медицинската професија, со оглед на тоа што тие сметале дека станува збор за данок на светло кој резултирал во намалување на природното осветлување во домовите, особено на посиромашните слоеви на општеството. Данокот бил укинат во 1845 година.danocna arhitektura (2)

Данок на тула (1784-1850)

Се разбира, инвентивноста на оние задолжени за прибирање на даноци е непресушна. Доколку данокот на стакло влијалел на големината на прозорците на објектите, а данокот на тапети влијаел на внатрешното уредување на објектите во Велика Британија, новиот данок резултирал во значително поголеми промени во архитектурата, градежништвото и индустријата на градежни материјали. Имено, за време на своето владеењето, Кралот Џорџ III (George III, 1738-1820), за да го помогне водењето војни во американските колонии, во 1784 година вовел данок на тула, при што се плаќал данок од четири шилинзи (48 пени) за секои 1.000 тули во еден објект. Се разбира, за да се намали даночното оптоварување, призводителите на тула почнале да ја зголемуваат големината на тулите, така што почнале да се прават тули и со големина од 28 х 12,5 х 8 см. Како резултат на ова, Владата вовела ограничување на големината на тулите од 2.500 см3 по тула.

Се смета дека данокот на тула имал значителни последици врз помалите производители на тула кои не можеле да ги продадат веќе произведените количества на тула со помала или повеќе од пропишаната големина. Освен што големината на тулата влијаела врз изгледот на објектите, во доменот на архитектурата влијаела да се оди повторно кон изградба на објекти од дрвена конструкција, завршно обработени со дрвени облоги. Данокот на тула бил укинат во 1850 година, бидејќи се сметало дека негативно влије врз индустрискиот развој на земјата.

Веројатно, единствена предност од ваквите даночни политики денес имаат историчарите на архитектурата, со оглед на тоа што преку карактеристиките на објектите полесно се овозможува временското датирање на објектите од градителското наследство.

Доколку сте создале свое мислење за даноците од минатото, потсетете се на денешните, каде освен данокот на имот, базиран врз проценетата градежна вредност на објектот, се плаќа и данок на додадена вредност за изработениот проект, купените градежни материјали, работната рака плус данокот на приход, додадена вредност, подарок, наследство и што ли уште не. Во оваа смисла, веројатно најдобро е да се потсетиме на зборовите на бившиот претседател на САД и полимат Бенџамин Франклин (Benjamin Franklin, 1706-1790), кој во своето писмо до францускиот физичар и писател Жан Батис Лерој (Jean Baptiste Leroy) од 1789 година напишал: „Во овој свет ништо не е сигурно освен смртта и даноците“.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top