Насловна / Архитектура / Борис Чипан – вистинскиот модернист во македонската архитектура

Борис Чипан – вистинскиот модернист во македонската архитектура

Во Музејот на град Скопје во тек е изложбата посветена на архитектот Борис Чипан (27 март 1918 – 31 март 2017), еден од најзначајните автори на архитектонската модерна во Македонија. Куратор на изложбата е архитект Фросина Зафировска, кустос советник во Музејот на град Скопје. Изложбата ја отвори д-р проф. Минас Бакалчев, декан на Архитектонски факултет УКИМ, Скопје.1

9

Според организаторите, концептот на изложбата има интенција да ја проследи и презентира професионалната и животната патека на архитектот Борис Чипан, со која зазема едно од најзначајните места во историјата на македонската современа архитектура, како творец кој подеднакво суверено се реализираше во областа на архитектонското проектирање, заштитата на градителското наследство, архитектонското образование и архитектонската публицистика.4

Користените материјали се дел од неговата професионална оставина, донирана од семејството Чипан на Музејот на град Скопје, сублимирана во „Збирка на архитект Борис Чипан“. Збирката содржи над петстотини предмети, меѓу кои: оригинални проекти, цртежи, скици, студии, ракописи, белешки, фотографии, исечоци од весници, дигитални записи, награди, плакети, книги и други предмети, кои Борис Чипан педантно ги собирал и чувал, а кои се сведоштво на неговото долгогодишно, богато професионално дејствување. 2

ЗБИРКА НА АРХИТЕКТ БОРИС ЧИПАН

Со изложбата во Музејот на град Скопје ќе се официјализира „Збирката на архитект Борис Чипан“, како прва збирка на еден архитект оформена во еден музеј во Република Македонија. Збирката, достапна за проучување за сите студенти, идни и сегашни архитекти, историчари на архитектурата и уметноста, хроничари, ќе остане да сведочи за времето и просторот во кое оставил длабоки траги великанот Борис Чипан – еден вистински модернист во македонската архитектура, архитект чија дејност е израз на едно доблесно време во кое се освојувал модернитетот како реален општествено остварлив концепт.

6

ЖИВОТЕН ПАТ

Борис Чипан е роден и израснат во Охрид, спрема кој чувствува огромна љубов, од кој ја црпи инспирацијата и на кој ќе му се навраќа целиот свој живот.3 5

Средно образование завршил во Белград (1932 – 1936). Студирал архитектура на Техничкиот факултет, Архитектонски отсек, во Белград (1936-1941), каде што и дипломирал, во класата на проф. Б. Коиќ, на тема „ Центар на селска населба“ во 1941 година.

8

По дипломирањето се враќа во Охрид, а во следните две години работи во Битола и Охрид, главно административни работи. Од 1944 до 1946 година гради мостови на ослободената територија на Пехчево, и работи на обнова на разрушените села во Македонија, за многу брзо време да прерасне во основополжник на заштитата на македонското градителско наследство. Во 1949 станува прв директор на тогаш основаниот Републички завод за заштита на културно-историски споменици. Од овој период посебно треба да се издвои неговата пионерска работа на конзервација на Св. Софија, катедралниот храм на Охридската архиепископија, кој ќе остане негова трајна професионална преокупација и личен предизвик да се откријат тајните на овој објект и комплексот што го опкружувал. Во оваа област, подеднакво значајна е неговата работа на конзервацијата на црквата Св. Пантелејмон во Нерези, Даут-пашиниот амам и Куршумли ан во Скопје, Св. Богородица Перивлепта во Охрид, како и многу објекти од градската архитектура во Охрид.

11

Уште во 1949 година тој почнал хонорарно да работи на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје, а од 1959 година целосно се посветил на наставната дејност како доцент, а потоа и редовен професор на Архитектонскиот факултет по предметот проектирање на општествени згради. Во периодот 1969-1971 година, бил декан на факултетот. Својата професионална кариера тој ја завршил на Архитектонскиот факултет воведувајќи генерации студенти во тајните и предизвиците на архитектонското творештво.

12

Проектантската дејност на архитект Борис Чипан е подеднакво импресивна. Тој е автор на многубројни архитектонски објекти низ Македонија од кои ги издвојуваме: Студентско летувалиште на Феријалниот сојуз, Охрид (1954); Судските згради во Штип, Велес и Битола (1956); Заводот за социјално осигурување во Охрид (1955); Фабриката за фротир во Делчево(1959). Круна на неговото проектантско дејствување е објектот на Македонската академија на науките и уметностите за што, во 1977 година, ја има добиено највисоката југословенска награда за архитектура на весникот „Борба“.

13

 ПУБЛИКАЦИИ

Во текот на целиот живот, архитект Борис Чипан своите гледања на архитектурата воопшто, а особено на односот помеѓу современата и традиционалната архитектура, ги обликува во текстови кои континуирано ги објавува во дневниот печат и периодиката, но и во повеќе книги издадени во периодот од 1955, кога е печатена неговата книга „Старата градска архитектура во Охрид“ (второ издание 1983), до 2007 година кога излезе од печат „Моето време во македонската архитектура“. Во овој период долг повеќе од половина век, тој ги издал и книгите „Македонските градови во 19-иот век“ (1978), „111 тези за архитектурата“ (1986, второ издание 2002), „Света Софија – катедрален храм на Охридската архиепископија“ (1996), „Текстови за архитектурата“(1998), „Долни сарај – Епизода од историјата на Охрид со Џеладин бег“ (2001) и „Традиција и современост во архитектурата“ (2005).14 15 16 chipan.pr za vila vo BG.1939-40

ПРИЗНАНИЈА

За својата работа има добиено голем број награди, признанија, плакети, меѓу кои: Награда 7 Ноември, Охрид во 1977 г., за животно дело, 11 Октомври за годишно остварување во 1977 г. и 11 Октомври за животно дело во 1983 г. и награда „Андреја Дамјанов“, за животно дело во 1990 г. од Сојузот на архитекти на Македонија.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

Изложбата ќе трае до 23 април.

Chipan_0070 chipan0020 MANU enterier MANU001_crop Odmaral. na ferijalen_Ohrid.1954 pano_1_v2_mala SUDOVI. 1956 Sv. Sofija, konzervacija 1950-58 ZagrebCK.1961

Испрати коментар

Scroll To Top