Насловна / Архитектура / Архитектура од бајките

Архитектура од бајките

Ова лето, 132 години по загубата на еден од најголемите покровители на уметноста во Европа, а веројатно и во светот, документарен филм во неговата татковина се обидува да ги разјасни мистериозните околности коишто резултирале со згаснување на животот на оваа исклучителна личност и тоа во 40-тата година на неговиот живот. Оставајќи ги настрана дебатите помеѓу историчарите и поддржувачите на теориите на заговор, се чини дека најдобро е да се фокусира на неговиот живот и покровителско дело коишто оставиле трајно културно и градителско наследство коешто долги години претставува и исклучителна туристичка атракција.

Станува збор за Лудвик Втори (Ludwig Otto Friedrich Wilhelm, 25.8.1845 – 13.6.1886), крал на Баварија од 1864 до неговата смрт во 1886 година. Покрај своите други официјални грофовски и војводски титули, тој популарно бил нарекуван и како „кралот лебед“, „кралот на бајките“, па дури и „лудиот крал“. Овие се веројатно резултат на популарното видување на неговото владеење. Тој го наследил својот татко кралот Максимилијан Втори, како крал на Баварија на 18 годишна возраст.

1linderhof

Почетокот на неговото владеење бил проследен со војни. Првин, во 1866 година Баварија и Австрија влегле во војна со Прусија од која излегле како губитници. Неколку години подоцна Баварија како сојузник на Прусија учествувала во Франко-пруската војна во 1870 година во која Прусија излегла како победник. За жал да се биде дел од победничката страна во овој случај покажало дека станува збор за своевидна „пирова“ победа. Имено, победата на Прусија резултирала со формирањето на новата германска империја на чело со Прусија. Како резултат на ова Баварија станала дел од империјата, со одредено ниво на самостојност. Се чини дека ваквиот исход, иако можеби не најповолен за Баварија како кралство, му овозможил на кралот Лудвик Втори во голема мерка да се повлече од секојдневните државнички работи во раните 1880 години и скоро целосно да се посвети на својата животна пасија покровителството на музиката, уметноста и архитектурата, сфера на делување на која тој во толкава мерка се посветил што веројатно и својот живот го дал за неа. Имено тој сите свои кралски приходи (но не и државните) ги потрошил на покровителство во толкава мерка што оваа негова екстравагантност и посветеност биле искористени од влијателните во земјата за тој да се прогласи за умоболен на 10 јуни 1886 од страна на панел на лекари. Како резултат на тоа нему му била одземена кралската власт која била пренесена на неговиот вујко принцот Луитполд, додека кралот Лудвик Втори бил отстранет во Палатата Берг на брегот на езерото Штранбергер каде само три дена подоцна го загубил својот живот под мистериозни околности. Во зависност на која верзија верувате, според едни тој се самоубил со давење во езеро, според друга тој бил удавен во езерото, според третата тој се удавил обидувајќи се да го преплива езерото со цел да избега од заточеништво, а според последната верзија тој бил најден со прострелна рана во грбот!? Заедно со него животот го изгубил и неговиот психијатар Бернхард вон Гуден, за кој се смета дека се удавил во обидите да го спаси својот крал.
Оттука се чини дека неговиот „грев“ било наводното запоставување на државничките обврски и секако покровителството на музиката, уметноста и архитектурата. Последниов аспект од неговиот живот веројатно треба да се согледа во контекстот на периодот и околностите во коишто тој растел и се развивал. Тој бил роден во барокниот Дворец на нимфите во предградие на Минхен, а и редовно поминувал дел од летото во дворецот Хохеншвангау на Алпското Езеро во близина на градот Фусен (Füssen) и на границата во Австрија. Последниот, во превод „Палата на земјата на горните лебеди“ бил реконструиран од неговиот татко во возобновен готски стил и украсен со фрески на коишто биле прикажани викиншките саги и илустрации на животот на германските легенди како Дитрих вон Берн и епот Нибелунзите (Nibelung) коишто по сè изгледа оставиле големо влијание врз него.

Кралот Лудвик Втори бил голем покровител на театарот и операта и е познат по своето покровителство на германскиот композитор Рихард Вагнер, без коешто, творечкиот опус на контроверзниот Вагнер, веројатно ќе бил значително помал. Од друга страна се смета дека делата на Вагнер одиграле значително влијание во младоста на идниот крал и го продлабочиле неговиот романтичарски дух.

Во текот на своето владеење кралот Лудвик Втори особено се истакнал преку своето покровителство во доменот на архитектурата. Оформен во романтичарскиот дух на времето, поткрепен со викиншките саги, германските легенди и творбите на Вагнер, во архитектонска смисла тој бил инспириран од дворците на Виолет ле Дук, Версајската палата и слични дела коишто во голема мерка го оформиле неговиот архитектонски вкус. Ова најдобро може да се види преку веројатно трите најзначајни творби коишто тој како покровител ги оставил на следните генерации.

3linderhof

Палатата Линдерхоф во југозападна Баварија

Палатата Линдерхоф во југозападна Баварија е единствената од трите најзначајни архитектонски творби под негово покровителство којашто била завршена за време на неговиот живот. Оригинално, кралот во 1869 година нарачал проект за изградба на Нов Версај на оваа локација, за година подоцна да нарача проект за Византиска палата. Но ниту еден од овие амбициозни проекти не бил реализиран. Наместо нив новата палата во неорококо стил била оформена околу шумарската куќа која припаѓала на неговиот татко кралот Максимилијан Втори. Преку низа на доградби, облагање на фасадата со камен и други градежни активности алпската ловечка колиба била трансформирана во кралска вила и потенцирана преку реализацијата на формална градина и парк коишто ја опкружуваат. Linderhof Palace and garden in Bavaria, Germany

Палатата Линдерхоф во југозападна Баварија

Иако се говори за палата станува збор за релативно мал по големина објект. Надворешноста на објектот е на вила со симетрична основа на која се истакнати дострелите на баварското кралство додека внатрешноста е на раскошна палата во која влезниот хол е посветен на кралот Сонце Луј XIV, и со скали коишто се мини реплика на скалите во Версај. Централно место во палатата зазема спалната соба со големина од 30 на 27 метри и поглед на водоскок во паркот, а којашто била зголемена во периодот пред неговата смрт, така што кралот Лудвик Втори никогаш не ја видел реализирана. До спалната соба може да се дојде од две страни коишто водат од просторија до просторија. Едната рута води преку виолетовиот кабинет до собата за прием и преку жолтиот кабинет до собата со западната таписерија. Другата рута води низ розовиот кабинет до трпезаријата, а оттаму преку синиот кабинет во собата со источната таписерија. Од двете соби со таписерии се оди или кон влезниот хол или кон собата со огледала. Во рамките на големиот парк со површина од 50 хектари меѓу другите знаменитости се наоѓа и вештачката пештера на Венера изградена како илустрација на првиот чин на Вагнеровата опера Танхојзер.

6herenc

Херенчимзее палата

8herenc

Државните скали

Восхитувањето на францускиот крал Сонце Луј XIV продолжило и во рамките на Херенчимзее палатата лоцирана на најголемиот остров Херенинсел на езерото Чимзее во јужна Баварија. И оваа палата била конципирана да биде намалена верзија на Версај, но со цел клучните простории во објектот да ги надминат барем малку големините на сличните простории во Версај, а со определба да стане баварски Версај. Во објектот најзначајни се големите државнички простории како Државните скали, Државната спална и Големиот дом на огледала.

9herenc

Државната спална

За разлика од објектот кој главно бил замислен во стилот на необарокот, неговиот личен апартман бил испроектиран во францускиот неорококо стил. Изградбата на објектот отпочнала во 1878, но никогаш не била завршена со оглед на немање на финансиски средства за да се заврши комплексот по смртта на кралот Лудвик Втори. Слична судбина доживеала и формалната градина која никогаш не била завршена, а делови од самата палата биле и срушени по смртта на кралот. Самиот крал поминал само околу десет дена во комплексот додека палатата била во изградба.

15neus

дворецот Нојшванштајн

Како врвен дострел на покровителството на кралот Лудвик Втори се смета Новиот дворец на лебедите од камен – Шлос Нојшванштајн, изграден во непосредна близина на дворецот Хохеншвангау коешто му овозможувало од својата спална соба со телескоп да ја надгледува изградбата на новиот дворец во неороманески стил. Овој дворец е изграден во период кога голем број на дворци биле градени или реконструирани за да станат поживописни и претставуваат романтичарско видување на кралот за средниот век, германската митологијата и оперите на Вагнер.

Schloss Neuschwanstein im Herbst - Front 3

дворецот Нојшванштајн

Изградбата на дворецот отпочнала во 1869 година на локацијата на два руинирани дворци од минатото, а со цел да се изгради нов во стилот на дворците на германските рицари. Кралот успеал да поживее неколку години во овој дворец додека неговата изградба сè уште се завршувала. Со оглед на намалените овластувања на кралот на Баварија во рамките на германската империја, дворците и палатите на кралот Лудвик Втори ефективно станале неговото кралство каде што тој владеел постепено повлекувајќи се од јавниот живот. Ова придонело дел од гостинските простории да бидат пренаменети со оглед на намалените државнички обврски коишто се спроведувале во рамките на дворецот.

12neus

Инспириран од скиците на сценограф дворецот Нојшванштајн се смета за пример на историцизам во архитектурата, но којшто не секогаш бил доследен туку подложен на интерпретации со цел да стане поживописен. Според кралот Лудвик Втори „се разбира, дека неопходно е да се создадат такви оази, такви поетички неба, каде што лице ќе може накратко да ги заборави лошите времиња во коишто ние живееме“. Оттука дворецот Нојешванстен и другите негови дворци и палати станале негово прибежиште од суровата реалност и можност за опстојување во доменот на неговите романтичарски фантазии за некои подобри изминати времиња.

16neus

И покрај тоа што неговата екстравагантност го довела скоро до лично банкротство, симнување од престолот и раната смрт, во веројатно сè уште не разјаснети околности, неговото покровителство оставило траен белег не само врз Баварија туку и пошироко. Со 1,5 милион посетители годишно во 2013 година дворецот Нојшванштајн е петтата по ред туристичка атракција во Европа по Лувр, Ајфеловата кула, Колосеумот во Рим и Кулата во Лондон според бројот на посетители врз основа на истражувањата на Bayerische Schlosserverwaltung, а коешто во голема мерка придонесува за зголемувањето на придобивките од туризмот во рамките на Баварија.

13neus

Дворецот Нојшванштајн исто така послужил како инспирација за дворецот во рамките на Дизниевата заспана убавица, коешто веројатно добро го отсликува едно од видувањата дека кралот Лудвик Втори бил кралот на бајките. Дали станува збор за „кралот на бајките“, „кралот лебед“, или пак дури и за „лудиот крал“ веројатно е прашање на лично видување. Едно е сигурно, дека неговата визија и изградбата на палатите и дворците дури создала трајни споменици од градителското наследство коишто претставуваат своевиден туристички магнет и придонесуваат континуирано кон туристички приходи на Баварија 132 години по неговата смрт.

14neus

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top