Насловна / Архитектура / Архитектите во земјава рамо до рамо со агентите за недвижности и војниците

Архитектите во земјава рамо до рамо со агентите за недвижности и војниците

Во овој текст е направен обид да се прошират сознанијата за состојбите во доменот на архитектонската професија во Република Северна Македонија на почетокот на новата декада на 21-виот век. На локално ниво ваквата определба вообичаено станува голем предизвик или како резултат на отсуство на систематско истражување од овој аспект, или пак како резултат на ограничено или непубликување на резултатите од евентуално спроведените истражувања.  Оттука стечените и искажаните сознанија веројатно се поограничени во својот обем и повеќе индикативни отколку репрезентативни за состојбите.  Определбата е дополнително усложнета како резултат на отсуството на партиципација во рамките на меѓународни истражувања од овој вид. Како резултат, направен е обид да се создаде колку е можно подобра претстава за состојбите во рамките на архитектонската професија или пак пошироко во доменот на стопанските сектори кои најчесто ги опфаќаат архитектите во Северна Македонија, а врз основа на расположливите информации.

architects_resize

ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОР ГРАДЕЖНИШТВО

Според Државниот завод за статистика – ДЗС (2020/2.1.20.06), во 2019 година во секторот градежништво биле вработени вкупно 56.036 лица (7,02 %), а во секторот за стручни, научни и технички дејности 18.480 лица (2,32 %) од вкупниот број на 797.651 вработени во земјата.  Веројатно очекувано, во овие посттранзициски времиња 53.565 (95,59 %) од сите вработувања во градежништвото и 17.290 (93,56 %) од сите вработувања во стручните, научните и техничките дејности се во рамките на приватниот сектор. Фокусот на погорниве два сектори се должи на тоа дека очекувањата се дека најголемиот број од 776 овластени архитекти во земјата на крајот од 2019 година, да бидат вработени во еден од овие два сектори на стопански дејности.  За жал не се достапни информации за да се утврди колку од нив точно се вработени во кој сектор. Дополнително, расположливите податоци укажуваат на тоа дека уделот на овластените архитекти во севкупниот број на вработени во земјата е мал и изнесува само 0,97 промили.

ladinski1_resize

Доколку погорните информации за уделот на вработувањата во приватниот сектор се репрезентативни и за овластените архитекти, тогаш ситуацијата во земјата изгледа дека се разликува од онаа во ЕУ и укажува на тоа дека сме се соочиле со потенцијално поопсежно ниво на приватизација. Според резултатите од истражувањето на Советот на архитектите од Европа (САЕ) за „Архтитектонската професија во Европа – 2018“ просечното учество на нивото на вработени во приватниот сектор во 26-те земји на ЕУ во 2018 година изнесува само 86 %.  Се разбира, прикажаната разлика може да биде и барем делумно резултат на методолошките разлики во прибирањето на податоците во студиите. Но дури и тоа да е случај, малото учество на овластените архитекти во јавниот сектор може да има негативно влијание, особено во однос на јавните набавки на градежни објекти и работи.  Ова е особено значајно кога се работи за јавните набавки на капитални градежни објекти, каде ниското ниво на вработени овластени архитекти во јавниот сектор може да резултира и со помал капацитет на службите при селекцијата и реализацијата на вакви проекти со потенцијално долгорочни оперативни и финансиски реперкусии.

ladinski3_resize

АРХИТЕКТОНСКИТЕ БИРОА СЕ СО ЕДЕН ДО ДЕСЕТ ВРАБОТЕНИ

Дополнително од Соопштението на ДЗС (6.1.20.16) за бројот на активни деловни субјекти во 2019 година може да се утврди дека 82,37 % (4.341) од вкупно 5.270 деловни субејкти во секторот градежништво и 90,17 % (6.886) од вкупно 7.636 деловни субјекти во секторот за стручни, научни и технички дејности, се со еден до девет вработени во деловната организација.

И покрај одредените процентуални разлики, слични тенденции се забележуваат и во 26 земји на ЕУ во 2018 година кога истражувањето на САЕ покажало дека 98,42 % од архитектонските бироа се со еден до десет вработени. Ваквото раситнување на деловните организации од една страна може да се смета како позитивно со оглед дека помалите организации вообичаено се сметаат за поагилни и како такви полесно можат не само да се прилагодат на промените на пазарот, туку и да искажат поголемо ниво на компетитивност. Се разбира, раситнувањето на деловните организации носи со себе и негативни аспекти сврзани со ограничените капацитети на истите, а со тоа и фокусирање на помалите проекти достапни на пазарот. Последново е особено случај во поразвиените западни земји кога се работи за капитални јавни или приватни проекти каде нарачателите поставуваат услови коишто ефективно ги исклучуваат помалите бироа. На пример, едно ограничување може да биде сврзано со максималниот процент на вработени коишто работат во едно време во бирото на проекти за еден поголем инвеститор. Така клиентот може да постави лимит, да речеме, од најмногу 25 % од вработените на бирото да работат на проекти за нив, коешто веднаш ќе ги исклучи помалите бироа од големите проекти. Доколку вакво нешто се постави како услов, тоа инвеститорите најчесто го прават за да се „осигураат“ дека во рамките на бирото ќе има доволен слободен капацитет да се прераспределат делови од проектот на другите вработени доколку некои од оние што веќе работат на проектот се разболат или си заминат.  Друг, ефективен начин на „рестрикција“ е преку бараниот изос на осигурување од професионална одговорност. Во развиените западни средини доколку поради грешка во проектот објектот треба делумно или целосно да се сруши за да се поправи грешката очекувањето е дека осигурувањето за професионална одговорност на архитектот ќе го покрие ваквиот случај. Се разбира премиите за осигурување од професионална одговорност на големите проекти ќе бидат значително поголеми и оттука се поставува прашањето во која мерка мало ателје би можело да ги поднесе овие дополнителни работни трошоци за времетраењето на периодот на нивната одговорност.

ladinski_resize

РАСПРЕДЕЛБА НА АРХИТЕКТИ СПОРЕД ПОЛ

Нешто постаро истражување на ДЗС (2.4.15.05) направено кај нас, во кое се отсликува состојбата во октомври 2014 година укажува на некои дополнителни податоци од интерес. Имено во секторот градежништво – потсектор за изградба на згради во октомври 2014 година во земјата работеле 10.813 лица, од кои 1.547 (14,30 %) биле жени.  Во истиот период во секторот за стручни, научни и технички дејности – потсектор за архитектонски дејности и инженерство, техничко испитување и анализа биле вработени 5.094 лица од кои 1.725 (33,86 %) биле жени. Се претполага дека овие проценти не ја искажуваат вистинската слика во однос на распределбата на овластените архитекти по пол од причина што опсегот на занимања и струки покриени во потсекторите е значително поголем. Како индикација, на ниво на 26-те земји на ЕУ, според Студијата на САЕ во 2018 година во просек жените учествувале со 39 % во вкупниот број на архитекти.  При ова забележани се значителни исклучоци во однос на Шведска (58 %), Грција (55 %), Хрватска (54 %), Норвешка (53 %) и Финска (52 %) каде жените доминираат во архитектонската професија.

ВОЗРАСНА СТРУКТУРА

Според истражување на ДЗС (2.4.15.05) во октмври 2014 година во секторот градежништвото 13,88 % (3.904) од вкупно 28.118 вработени биле најбројната група на возраст од 40 до 44 години, додека во секторот за стручни, научни и технички дејности 16,50 % (2.700) од вкупно 16.359 вработени биле во најбројната група на возраст од 30 до 34 години.  Во рамките на 26-те земји на ЕУ во 2018 година според истражувањето на САЕ најбројни биле групите на возраст од 40 до 44 години и од 45 до 49 година со по 15 % удел секоја во вкупниот број на архитекти.

ladinski2_resize

ПРОСЕЧНА ПЛАТА НА АРХИТЕКТ

Веројатно интересни се податоците дека во октомври 2014 година 94,1 % од вработените во секторот градежништво и 91,7 % во секторот за стручни, научни и технички дејности работеле помеѓу 160 и 200 платени работни часа месечно (ДЗС, 2.4.15.05), односно, помеѓу околу приближно 37 и 46 платени работни часа неделно.  За жал во ова истражување на ДЗС нема податоци за тоа колку работни часа вработените вкупно работеле, за преку таквите податоци да се добие претстава за тоа, дали и колку неплатени работни часови работат вработените во овие сектори секоја недела. Истражувањето на САЕ укажува дека во рамките на 26-те земји на ЕУ во 2018 година во просек архитектите работеле 3,8 работни часа повеќе неделно во споредба со бројот на работни часови коишто произлегуваат од нивниот работен договор.

Неминовно, се доаѓа и до делот кога треба да се говори за надоместот за вложениот труд.  Според ДЗС (2.4.15.05) во октомври 2014 година најголемиот број на вработени (20 %) во сите сектори во земјава биле со месечна нето- плата помеѓу 10.000 и 12.000 денари.  Во секторите од интерес состојбата може да се образложи како неповолна со оглед дека дури 29,2 % од вработените во секторот градежништво и 21,1 % во секторот за стручни, научни и технички услуги биле исто така најзастапените групи со месечна нето- плата помеѓу 10.000 и 12.000 денари во рамките на својот сектор. Се разбира погорниве податоци се однесуваат на просечната месечна нето-плата во рамките на анализираните сектори во 2014 година, а не на просечната месечна нето-плата на овластените архитекти која се очекува да биде нешто повисока.

Обидот да се најде информација за тоа колкава е просечната нето или бруто-месечна плата на овластен архитект во земјата се покажа како значителен предизвик. Веројатно најблискиот индикативен одговор можеби е оној добиен на веб-порталот „мојаплата.мк“ според кој на 4.1.2020:

  • Работната позиција „архитект“ според просечната нето-плата во земјата е рангирана на 360 место од вкупно 715 рангирани работни позиции.
  • Работната позиција „архитект“ според рангирањето на просечната плата се наоѓа едно место пред работната позиција „војник“ на 361 место и едно место по работната позиција „агент за недвижности“ на 359 место.
  • Уделот на жените во оваа работна позиција е 63 %.
  • Просечната возраст на испитаникот е 28 години.
  • Просечната нето-плата за работната позиција „архитект“ е 25.164 денари.  При што на износот на платата влијаат и бонусите и другите финансиски бенефиции.

Во колкава мерка податоците од веб-порталот од 4.1.2020 прецизно ја отсликуваат состојбата во земјата, навистина е тешко да се каже, со оглед дека истите зависат од методолшкиот пристап, бројот и профилот на анкетираните, но и од тоа дали се прави дистинкција помеѓу оние што се овластени архитекти, оние што дипломирале по старо или магистрирале по ново, или пак оние коишто завршиле само додипломски студии.  Како и да е веројатно ова е добра индикација во моментов.

sketch-detail-e1438566067543_resize

Според веб-калкулаторот на истиот портал, „мојаплата.мк“ 25.164 денари нето-плата е еквивалентна на 37.654 денари бруто-плата месечно.  Според ДЗС (4.1.20.27 и 4.1.20.26) во јануари 2020 година износот на просечната месечна нето-плата изнесувал 27.540, а на просечната месечна бруто- плата изнесувал 41.087 денари.  Во рамките на двата разгледувани сектори просечната месечна нето-плата во секторот градежништво – потсекторот изградба на згради изнесувала 24.259 денари, а во секторот за стручни, научни и технички дејности – потсектор архитектонски дејности и инженерство, техничко испитување и анализа 26.610 денари.  Оттука може да се заклучи дека најверојатно во месец јануари 2020 година просечната плата на архитект изнесувала само околу 91,37% од просечната нето-месечна плата во земјата или околу 91,64 % од просечната бруто-месечна плата во земјата. Дури и овластените архитекти да земале поголема плата од платата на архитектите евидентирана на порталот, прашање е дали и во која мерка просечната плата на овластениот архитект е значително поголема од просечната плата во земјата.

Околу три месеци подоцна начинот на презентација на просечната месечна нето-плата на порталот е променета при што сега се прикажува опсегот на платата која за работната позиција „архитект“ на 10.4.2020 се движи во рамките од 15.953 и 37.410 денари.  Веројатно позитивно е тоа дека од јануари до април рангот на платата е покачен, така што архитектот според просечната месечна нето-плата сега е на 326 место наместо на 360 во јануари, при што на подолното 327 место сега се наоѓа инженерот за дизајн – дрвна индустрија, а на повисокото 325 место се наоѓа маркетинг-истражувачот/аналитичар.

shutterstock_1247187910_resize

Податоците на САЕ за 26-те земји на ЕУ во 2018 година укажуваат дека просечната средна бруто-годишна плата на архитектите изнесувала 32.731 евра по корекциите во однос на куповната моќ.  Врз основа на средниот курс на еврото од 61,70 на 10.4.2020 и просечната бруто-месечна плата на „архитектот“ од јануари 2020, годишната бруто-плата изнесува 7.323 евра без корекциите во однос на куповната моќ.  Со корекции во однос на куповната моќ просечната бруто-годишна плата на архитект во земјата е еквивалентна на плата од 16.356,60 евра во Германија каде просечната некоригирана бруто-годишна плата на архитектот во 2018 година изнесувала 57.000 евра.

Оттука веројатно со право може да се постави прашањето дали и во која мерка се вреднува придонесот на архитектите и овластените архитекти во земјата, прашање вредно за внимание на скорешниот ден на трудот 1 Мај.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top