Насловна / Архитектура / Големата награда за Бакалчев и Хаџи Пуља

Големата награда за Бакалчев и Хаџи Пуља

bimas-golemata-nagrada-1-mala.jpgБиеналната манифестација на македонското архитектонско творештво БИМАС,
со континуирано опстојување во период од повеќе од триесет години е
своевиден сведок на творештвото во македонската современа архитектура.
На нејзината овогодишна завршница, на 14 мај, беа доделени наградите за
најдобрите проекти, кои се претставени на годинашната изложба.
Архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља се лауреатите на 16.
Биенале на македонската архитектура.

Тие за проектот Селски двор во Велмеј, Дебарца, ја добија наградата Гран при за реализиран архитектонски објект во изминатите две години. Во образложението на Комисијата на БИМАС за доделување на Големата награда за реализиран објект се вели: "Комисијата одбра да реафирмира навраќање кон веќе заборавени вредности какви што се заедништвото и пејзажот во секојдневното живеење, како заборавени културни обрасци". Специјална награда на БИМАС 2012 беше доделена на проектот за станбен објект – Куќа ‘Г’ во Скопје, на архитектите Елена Икономов, Емил Јегени, Бојан Тасев, Веле Богоевски и Јасна Милојковиќ, "заради симултаното промовирање на современ начин на градско живеење во истовремено пејзажен контекст".

 

 bimas-golemata-nagrada-1.jpg

 

Проектот на STUDIO 2000 за трговскиот центар City Center во Прилеп ја доби наградата за проект од областа на архитектурата. Проектот Едукативни просторни инсталации, во Градскиот парк во Скопје, дизајниран од АРХИТЕКТРИ/ СКАрС, Ивана Топаловска и Ристо Аврамовски, реализиран во 2011 година под покровителство на град Скопје, ја доби наградата за реализиран индустриски дизајн. Наградата за реализирана внатрешна архитектура – ентериер беше доделена на Постојана изложбена поставка – Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, на авторите Мајкл Беренбаум, Едвард Џејкобс и Јован Ивановски. bimas-golemata-nagrada-2.jpg

 

Отворајќи го 16. издание на Биеналето, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска Циги, истакна: "Денешните состојби се проценуваат амбивалентно: едни, општествени сили од политички амбиции, го омаловажуваат моментов, други го проколнуваат, трети поради загубени позиции тагуваат. Но, никој не може да го негира тоа што го гледа, тоа што е создадено, тоа што го има". Биеналето, според неа, продолжува да функционира со исцртување на линијата на самопотврдување, самопрепознавање, самоидентификација. Овогодишниот селектор Ѓоко Радовановиќ, обраќајќи им се на присутните изјави: "Архитектите, како и секој хомо сапиенс, тежнеат кон достигнување на моќ, статус, престиж, богатство, углед, или едноставно, тежнеат да преживеат и да креираат. Дали во ваков контекст архитектурата може да ги искристализира новите вредности и новиот начин на живеење? Верувам дека Биеналето е можност да се согледаат многукратностите на пристапите и ставовите". За времетраењето на Биеналето (3 мај -14 мај) во просториите на Музејот на град Скопје, посетителите имаа можност да видат 136 трудови распоредени во следниве категории: урбанистички планови и проекти, конкурсни трудови, архитектонски проекти, архитектонски реализации, проекти од областа на ентериер и дизајн, како и реализации од областа на ентериер и дизајн. Тука е и изложбата на проекти на "Метамак, Архитектонски колектив". Исто така, на вториот ден од Биеналето имаше и презентација на книгата "Мислејќи архитектура" на архитектот Питер Цумтор, во издание на ИКОНА, едиција "Светлина", а во превод на Таше Стрезовски од англиски јазик. Изложбата на Биеналето на студентите по архитектура – БИСТА, се отвори во галеријата "Остен". На оваа изложба покрај проектите Reclaiming the City на Архитектонски факултет при УКИМ, своите трудови ги изложија и студентите по архитектура од Универзитетот "Американ колеџ" Скопје (UACS) и Државниот Универзитет во Тетово.

 bimas-golemata-nagrada-5.jpg

АРХИТЕКТУРА НА СЕКОЈДНЕВНИОТ ЖИВОТ

 

За едни архитекти, секојдневното е она што останува по елиминирање на сите специјализирани активности. Според други, секојдневниот простор лежи помеѓу определените и физички одредените рамки, како домот, работното место или институцијата. Архитектурата, несомнено, го формира ткаењето и поставувањето на нашето реално секојдневие. Токму пристапот кон секојдневниот живот преку архитектура беше темата на презентациите и дискусиите на архитектите од домашната сцена. Во своето излагање "Сеќавање на иднината – архитектот и неговиот цртеж", архитектот Гоце Аџи-Митревски го потенцира промовирањето на цртежот како алатка за замислување на архитектурата и управувањето на мислата за просторот. "Проектите настануваат откако ќе бидат нацртани! Помеѓу ментална и препознатлива форма, замисла и производ, набљудување и анализа, не потсетува на неговата прва состојба на паметење", вели архитектот.

 

Добитниците на Големата награда на БИМАС, архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља, го презентираа наградениот проект за Селски двор – атриум на семејството Илоски лоцирано во село Велмеј, Дебарца. Според авторите, проектот со втиснато кружно средиште и чувствителен однос кон околниот пејзаж, дворот го претвора во атриум и поттикнува случувања и интегрирање на заедницата. Нивните реализации за куќата на семејството Смилеви на Водно или проектот за црквата Св. Илија во Говрлево, се дел од скромната архитектура која произлегува токму од секојдневието. Архитектите Саша Тасиќ и Александар Радевски го претставија Проектот за катната гаража во Скопје, чија реализација е во тек. Како нивни поактуелни проекти беа набројани и конкурсните трудови за град Скопје. Проектите на архитектонското биро АРХИТЕКТРИ и Студиото за современа архитектура Скопје – СКАрС: шестте едукативни просторни инсталации во градскиот парк во Скопје; сценографијата за претставата "Барон Минхаузен" на Струмичкиот театар; планинска куќа во Стрчин, Битола, и обликување на внатрешен простор за продажните салони на телекомуникацискиот оператор Оnе, ги образложи архитектот Дејан Ивановски. Своите архитектонски проекти ги претставија и архитектите Бекир Адеми и Бетим Зеќири ("Три станбени објекти" во Куманово) и архитектот Никола Стрезовски ("Секојдневна иднина – Модели на посттранзициска градба").

 

bimas-golemata-nagrada-3.jpgbimas-golemata-nagrada-4.jpg

 

ФРАНЦУСКИ УРБАНИТЕТ

 

Со поддршка на Францускиот институт во Париз, под наслов "Франција во фокусот", беа одржани тридневни предавања на Оливие Броше, Мишел Лару – Шарли и Дидие Лаперони, со кои се презентираа архитектонски и урбанистички проекти како и социолошки аспекти на урбанитетот во Франција. Во склоп на овој дел од манифестацијата беше поставена и изложбата "На друго место – француската архитектура во светот", составена од десет архитектонски проекти, претставени на изборот на "Афекс" во 2010 година. Свое предавање и презентација на проекти одржа Оливие Броше, ко-директор на "Броше-Лајис- Пијо", основано во 1984 година во Бордо. Kaко дизајнер на Народниот театар, трамвајската линија и идната еко-Лак област, Оливие Броше остава свој белег во Бордо, кој тој го смета за град на "мирна модерност". Иновативните архитектонски проекти од културата на "Броше-Лајис-Пијо" се во опсег од трансформација на постоечки историски објекти до обединување на современи форми на експресија со реконструкција и презервација на постојни архитектонски структури. Преку реконструкциите на Националниот театар Port de la Lune во Бордо или Musée Fabre во Монтпеље, тие го остваруваат својот препознатлив потпис: иновативни солуции врзани за историски згради преку зачувување на сите развојни фази на комплексите. Нивниот Медиа центар во Кору во Француска Гвајана комбинира архитектонски архетипови и современи технологии во единствен објект, кој е соодветен на локацијата и климата, а особено на неговите корисници. Проектот за библиотека во Нарборн е, исто така, пример за урбана интеграција преку втопување во природниот амбиент. На друго ниво е урбаниот проект на дистрикт во Бордо покрај вештачко езеро – идно екососедство на градот, кое содржи свој центар, станбена зона и јавни простори. La Berge du Lac станува амбицизен урбан проект кој ќе создаде нова заедница со нагласок на енвиронменталистичките солуции и социјалната разновидност. Мишел Лари-Шарлис, директорка на Секторот за урбанизам на Бордо, направи спој на возобновување на историското архитектонско наследство и новиот урбан развој на градот Бордо преку презентирање на проектот Бордо 2030 – самоодржлив метрополис. Според Шарлис, вистинските промени започнуваат со политичката волја на градоначалникот на Бордо Алан Жипе. Главните улици во центарот на градот стануваат пешачки, дозволувајќи градот да стане почист, помирен и исполнет со моменти на создадена човечка нарација.

 bimas-golemata-nagrada-6.jpg

Жипе остварува изненадувачки елегантна трамвајска линија, која ги обединува историскиот центар и предградијата во единствен метрополис. Обновата на левиот брег на реката Гарона ги заживува напуштените индустриски зони и ги заменува со крајбрежна еспланада. "Ние немаме Билбао", вели архитектот Оливие Брошет. "Бордо е создаден од мали нешта, кои се добро изведени и со почит кон урбаниот контекст." Социологот Дидие Лаперони и професор на Универзитетот Сорбона, се надоврза на социолошките аспекти на француските градови со предавање "Центар и периферија, како да се надмитат урбаните јазови". Како и во поголемиот дел од неговите трудови, предавањето беше посветено на прашањата на урбанистичката маргиналност и имиграцијата во градовите.

 

 УРБАНА ВИЗИЈА – ЉУБЉАНА 2025

 

Според Јанез Кожељ, словенечки архитект и заменик-градоначалник на Љубљана, проектот Визија – "Љубљана 2025" треба да го стимулира создавањето на автопортретот на градот, кој ги покажува потребите на неговите жители и кои се нивните очекувања за нејзината иднина. Како дел од овој комплексен проект e имплементирањето на новa сообраќајна политика – центарот на градот е затворен за автомобили за отворање на нови пешачки и велосипедски патеки. За јавниот простор да се направи поатрактивен за жителите на градот и посетителите, предвидени се преуредувања на брегот на реката Љубљаница, нови зелени површини, седум новоизградени мостови, реновирање на плоштади и улици и нови фасади за зградите. Од друга страна, градењето на напуштени индустриски зони е своевидно рециклирање на градот во самоодржлива урбана средина. Процесот на реновирање и обнова на јавните простори на градот со социјално вклучување и демократскиот урбанизам на овој проект, ја заслужи европската награда за јавен простор 2012, која ја доделува Центарот за современа култура во Барселона (CCCB).

 

bimas-golemata-nagrada-8.jpg

 

ПОМЕЃУ НОРМАТИВ И ИСКЛУЧИТЕЛНОСТ

 

На претпоследниот ден од Биеналето, своја презентација имаше и мошне активното словенечко студио Dekleva Gregorič Arhitekti. Основачите на ова студио, Аљоша Деклева и Тина Грегорич, ги презентираа своите архитектонски реализации, кои спојуваат различни размери и програми, различни клими и локалитети, но секогаш со суптилен одговор во рамките на кодексите на секој контекст. Концептот што дефинира неколку "куќи" под единствен покрив во куќата во Мауи, Хаваи, воедно го интегрира објектот со околината. Архитектите, како и со поголемиот дел од нивните проекти, од куќата XXS во Љубљана или проектот за домувањето ‘L’ во Сежана, ја истражуваат областа помеѓу архитектонските нормативи и избегнувањето на архетипска слика на куќи, што внесува елемент на неочекуван пресврт во нормалноста на соседството.

Според нивните зборови, ова студио кон архитектурата и дизајнот пристапува како истражување и одговор на специфични ограничувања и услови на секој проект, а нивното мото е преиспитувње на очигледното. Систематски дизајнерски пристап на ова студио е организационата техника за структуирање на просторот, а нивен препознатлив елемент е истакнувањето на природата на употребените материјали. Тие се свртени кон корисниците и затоа стимулираат нови социјални интеракции меѓу нив, се приспособуваат на нивните потреби, а самите корисници учествуваат и во процесот на дизајнирање. Меѓу последните нивни реализации беа споменати и изложбениот простор во Трст и погонот за рециклирање на метал во Пивка.

 

bimas-golemata-nagrada-7.jpg

 

НАГРАДА БОРИС ЧИПАН

 

Со доделување на наградите на 16. Биенале на македонската архитектура, беше затворена најголемата манифестација на архитектурата во државата. Исто така, претседателот на Комисијата за награди и признанија, Гоце Аџи-Митревски пред присутните го изнесе и предлогот за преименување на Големата награда на БИМАС за реализиран архитектонски објект во награда "БОРИС ЧИПАН". Препораката важи оваа награда да го носи тоа име започнувајќи од 2012 година.

 

 

Комерцијални презентации на БИМАС 2012 "Прототип"

 

35-годишна успешна приказна

 

Со презентацијата како од препознатливост да се стигне до квалитет, фирмата "Прототип" на отворањето на БИМАС, како генерален спонзор, ја раскажа својата 35 годишна кариера. "Прототип", која од фирма за монтирање готови производи за три децении стана компанија со повеќе производствени линии, во својата сфера ги држи челикот, алуминиумот, стаклото, композитните панели и светлечките реклами. Компанија денес е дел од повеќе административно-деловни, трговско-услужни и индустриско-стопански објекти, а свој печат има и на бензински пумпи, објекти од посебна намена и од јавен карактер. Она на што се темели нивната перспектива се амбициозни и развојни планови, воведување нови технолошки достигнувања и постојано инвестирање во врвна технологија и опрема.

 

"Кнауф" во станбената архитектура

 

Своја промоција во Музејот на град Скопје одржа и познатата компанија "Кнауф". Така, Блажен Зотовски, советник за сува градба при компанијата, својата презентација ја подели во два дела. Во првиот дел зборуваше за влезот на "Кнауф" преградните ѕидови во станбената градба, односно за сите бенефити кои доаѓаат со нив – повеќе простор, поздрав простор и поквалитетен простор за корисниците. Во вториот дел од своето презентирање, Зотовски дискутираше за "Кнауф" аквапанел системите на фасадни ѕидови, базирани на аквапанел цементни плочи, и за нивната улога во енергетската ефикасност на градбите.

 

"Simpo-line"

 

Компанијата "Симпо" од Врање, организираше промоција на современата понуда на специјализираното претпријатие за опремување "Simpo-line", која работи во рамки на српската компанија од 2003 година. На презентацијата, директорот на инженеринг Виолета Костиќ ги изнесе карактеристиките и техничкиот домет на целосната понуда на фирмата во изведбите на опремување на објекти. "Simpo-line" успешно реализира голем број на опремувања во преку 15 европски земји и она што го издвојува е неговата соработка со седум познати ланци на хотели, што воедно е и причината за доделувањето на признанието "Златна ѕвезда" за квалитет во Женева.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top