Андалузија е најголемиот шпански регион со преубави градови и живописни села. Со околу осум милиони жители, таа е поголема од половина европски држави. Најјужниот регион на Шпанија, каде се сретнуваат Средоземното Море и Атлантскиот Океан е местото каде историјата оставила длабоки траги. Сосема се подразбира дека е и една од омилените дестинации на туристите.

НАЈГОЛЕМА КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ПЛАСТЕНИЦИ ВО СВЕТОТ
Но, Андалузија е дом и на една несекојдневна градба, ако воопшто може така да се нарече. Станува збор за „Европската градина за зеленчук“ – лабораторија за развој и иновации, која произведува зеленчук за цела Европа. Огромната површина прекриена со пластеници има такви размери, што може да се види дури од вселената: доколу отворите Google Maps и погледате западно од покраината Алмерија, се забележува бела дамка која изгледа како глечер, но всушност тоа е најголемата концентрација на пластеници во светот. Се работи за над 30.000 хектари земјиште прекриено се пластика, геометриски лавиринт пет пати поголем од Менхетн, каде секоја година се произведуваат 3,5 милиони тони зеленчук – домати, краставици, пиперки, тиквички, и сл., што е доволно да се прехранат половина милијарда луѓе и да се генерира приход поголем од три милијарди евра.

Но, освен самото производство на храна во огромни размери, на оваа локација се одвива и исклучително напредна научноистражувачка работа во областа на земјоделството во центарот Fundación Tecnova. Центарот има две пилот-постројки, 6 лаборатории како и воспоставена соработка со околу 300 компании.

„Ние овој полигон за производство на храна го нарекуваме „море од пластика“, најголем споменик на планетата посветен на производството на храна“, вели Гвадалупе Лопез Дијаз, директорка на проектот на експерименталниот центар Fundación Tecnova, кој се простира на површина од 12 хектари. „Но, тоа е исто така и место посветено на иновациите и развојот кои на компаниите им гарантираат контрола и првенствено им обезбедуваат зеленчук 12 месеци годишно“, додава таа. „Денес е во тек одржлива технолошка револуција, трансформација насочена кон производство на здрава, висококвалитетна храна со употреба на помалку вода и енергија, и отпорност на климатските промени. Дотолку повеќе што иновативниот и претприемачки дух на нашите земјоделци веќе неколку пати ја има трансформирано оваа земја“, истакнува Лопез.

ЖИВА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ХРАНА
Ова економско чудо настанало во 1963 година, на сушниот и сончев полуостров наречен Кампо де Далијас. Економско чудо, затоа што претходно овој регион бележел едни од најниските стапки на раст во цела Европа и пружал исклучително тешки услови за земјоделство, меѓу останатото и поради ветерот. Имено, населението се обидувало да ги заштити своите посеви од ветерот со употреба на класичните основни типови на пластеници. Но, набрзо ги сфатиле и другите многу поважни предности на пластениците – задржување на топлината и на влагата, како и дифузијата на светлината. Сите овие придобивки во комбинација со примената на системот за наводнување „капка по капка“, природните начини на сузбивање на штетниците и сл., овозможиле зголемен број на жетви, дури и во зима.

Така, „морето од пластика“ станува вистински интензивен земјоделски округ, каде што покрај пластениците, се наоѓаат расадници, хемиски лаборатории, стручни школи и истражувачки центри (како што е Fundación Tecnova, каде што се проучуваат поефикасни пластеници и посеви кои се поадаптирани на климатските услови), како и компании за пакување и задруги. Производите се извезуваат буквално насекаде, посебно во земјите на северна Европа. Оваа жива лабораторија произведува здрава храна во текот на целата година почитувајќи строги еколошки стандарди, користејќи напредна технологија и минимални количини на вода.

Постројката за десалинизација во непосредна близна, која ја преработува морската вода и ја прави погодна за користење како питка вода, е една од најголемите во Европа. Во погон е од 2015 година и секој час десалинизира количина на вода која е еквивалент на два олимписки базени. Постојано се инвестира и во едукацијата на нови кадри. Училиштето Escuela Agraria de Vícar, формирано во 1972 година има 480 ученици од различни делови на Андалузија.


Овде тие ги проучуваат најновите земјоделски техники и се подготвуваат за работа на полето на одржливото земјоделство. Директорот на училиштето вели дека ова е генерацијата која ќе биде столбот на земјоделската пракса која ќе користи вештачка интелигенција, напредни видови на посеви отпорни на климатските промени, модерни сензори со биокомпозити и ќе ја трансформира линеарната во циркуларна економија. „Целта ни е да ги обучиме за примена на новите технологии кои во иднина не само што ќе обезбедат одржливост и сигурност во производството на храна, туку и ќе ја зајакнат улогата на овој регион како глобален референтен показател за иновативен раст во комбинација со општествениот развој“, појаснува директорот на училиштето.

30.000 ТОНИ ПЛАСТИЧЕН ОТПАД ГОДИШНО
Но, повеќе аспекти фрлаат сенка на оваа убава приказна за одржливо земјоделство под налетот на климатските промени. Првенствено, тоа е употребата на пластиката како материјал од кој се направени самите пластеници. Не треба подетално да се образложува огромниот товар кој за животната средина и за здравјето на луѓето го носи пластичниот отпад, но и самиот начин на производство на пластичните материјали. Соодветно на тоа, и самиот назив „море од пластика“ носи мноштво негативни асоцијации.
Според организацијата Go Green, на оваа локација се генерираат 30.000 тони пластичен отпад годишно. Иако според некои извори, дури 85 % од овој пластичен отпад се рециклира, и натаму постојат критични ситуации кои вклучуваат и негово одлагање на илегални депонии. Секако, овде не смее да се изостави и нагрдувањето на самиот пејзаж на овој преубав дел од Медитеранот. Освен овие аспекти поврзани со заштитата на животната средина, не помалку сериозни се и негативните социјални аспекти.

ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА ЧОВЕКОВИОТ ТРУД
Главните проблеми во оваа област се однесуваат на експлоатацијата на човековиот труд. Работната сила во ова „море од пластика“ е составена од над 70.000 странски работници, главно од Мароко и од Потсахарска Африка. Иако многумина од нив живеат во пристојни и достоинствени услови, сепак значителен број се недоволно платени и живеат во несигурни услови, неретко и покрај самите пластеници.

Според тоа, одржливото земјоделство, односно одржливиот развој во овој случај е дискутабилно. Имено, регионот служи како примарна влезна точка за мигрантите кои патуваат од западните и од северноафриканските земји во Европа. За оние кои го преминуваат Медитеранот без визи – а тоа се поголемиот дел од работниците во пластениците, оваа работа е практично единствената опција за генерирање приход по пристигнувањето. 
Иако неформалните работни места во пластениците обезбедуваат финансиска поддршка за работниците и за нивните семејства назад во нивните матични земји, тие исто така ја интензивираат ранливоста во однос на егзистенцијата и вработувањето, истакнувајќи силен контраст помеѓу граѓаните на ЕУ кои уживаат во лесно достапна и квалитетна храна и работниците мигранти принудени да работат во несигурни услови за да ја обезбедат истата.
Наспроти извонредноста во начинот на одгледување на земјоделските култури со оптимирање на користењето на вода и без користење на пестициди, сепак два од трите столбови на одржливиот развој не само што во овој случај не се исполнети, туку станува збор за нивна сериозна компромитација.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија