Насловна / Архитектура / Меѓународен конкурс за Центар „Кристо и Жан-Клод“ во Бугарија

Меѓународен конкурс за Центар „Кристо и Жан-Клод“ во Бугарија

Општина Габрово во Бугарија и Центарот „Кристо и Жан-Клод“ кон средината на минатата недела ги повикаа архитектите и архитектонските бироа да учествуваат на меѓународен архитектонски конкурс за реконструкција и преуредување на зградата на Текстилното техничко училиште во Габрово во Центар за современа уметност „Кристо и Жан-Клод“.

Да потсетим, уметникот од бугарско потекло Христо Јавашев (1935–2020), попознат како Кристо, и неговата сопруга Жан-Клод Дена де Гиебон (1935–2009) беа уметничко дуо познато по своите монументални привремени инсталации со кои ги трансформираа јавните простори и пејзажите низ целиот свет. Делата ги финансираа исклучиво од сопствени средства, без спонзори.

Прослава на слободата, убавината и храброста

Во расписот на овој двостепен конкурс, се истакнува дека, иако минливи, проектите на Христос и Жан-Клод оставиле иконични траги во десетици природни и урбани пејзажи, создавајќи, како што самите велеа, „нежен немир“.

„Нивната уметност беше прослава на слободата, убавината и храброста. Христо и Жан-Клод не само што сонуваа за работи што се сметаа за невозможни, туку и ги остварија“, се наведува во најавата за конкурсот и продолжува:

„Преговараа со парламенти, општини и приватни сопственици на земјиште. Привлекоа архитекти, инженери, екологисти, филмски режисери, фотографи, колекционери и стотици волонтери да им помогнат. Нивните проекти чинеа милиони, а останаа бесплатни и достапни за милиони посетители. Големи и интимни во исто време, беа бесконечно различни од уметноста создадена дотогаш.“

Завиткан Рајхстаг“, Берлин, 1995 година

Центарот именуван по нив во родниот град на Христо затоа би требало да претставувае место за презентација на уметноста, но и за нејзино создавање – место каде што духот на Христо и Жан-Клод ги инспирира и уметниците и пошироката јавност. „Архитектурата на овој простор бара смела визија, чувствителност и длабоко разбирање на неопходната трансформација на просторот“, се заклучува тво расписот.

Лондонската мастаба, висока 20 метри, направена од 7.506 буриња

Фази и награди

Првата фаза е отворен, анонимен конкурс за креираизработка на идејно решение за трансформација и адаптација на зградата на поранешното Текстилно техничко училиште и придружниот простор. Петте најдобро рангирани финалисти ќе добијат парична награда од 20.000 евра, без ДДВ.

Втората фаза подразбира развој на проектот и ќе се спроведе преку процес на преговори без претходно објавување, со петте финалисти од претходната фаза. Рокот за изработка на проектите е два месеци.

Победникот ќе склучи договор за проектирање во вредност до 1.000.000 евра, без ДДВ – за развој на инвестициски проект (проектна документација, вклучувајќи ентериер и постојана поставка) и авторски надзор. Рокот за изработка на инвестицискиот проект е 125 дена.

Вредноста на градежните и инсталатерски работи, опремата и мебелот се проценува на до 11.261.103 евра.

Зграда на Текстилното техничко училиште

Зградата на поранешното Текстилно техничко училиште во Габрово се наоѓа на левиот брег на реката Јантра. Избрана е за нов Центар за современа уметност и поради пространите работилници со високи тавани, кои можат да се трансформираат во висококвалитетни изложбени и продукциски простори, како и поради поврзаноста помеѓу основната дејност на училиштето – текстилот – и уметноста на Кристо и Жан-Клод.

Изградената површина е 2.737 м², вкупната бруто развиена површина е 13.300 м², додека дворот зафаќа 9.000 м².

Временски план

  • 20 јули 2026 година – Рок за поднесување на идејните решенија преку Централизираниот автоматизиран информациски систем за електронски јавни набавки (CAIS EPP);
  • 10 август 2026 година – Објавување на резултатите; првите пет рангирани проекти добиваат награди;
  • 23 август 2026 година – Објавување на втората фаза: процес на преговори без претходна најава; повикот за учество се упатува на петте наградени проекти од претходната фаза;
  • 23 октомври 2026 година – Рок за поднесување на понуди (со разработка на проектот) во преговарачката постапката;
  • 10 ноември 2026 година – Објавување на добитниците на договорите за проектирање;
  • 25 март 2027 година – Предавање на проектна документација;
  • Октомври 2028 година – Краен рок за завршување на реконструкцијата, изградбата, опремувањето и имплементацијата на сталната поставка.

Состав на жирито

  • Андреас Руби, член на жирито
  • Анета Василева, член на жирито
  • Боштјан Вуга, член на жирито
  • Ерих Шхоененбергер, член на жирито
  • Луција Декова, член на жирито
  • Мартин Христов, член на жирито
  • Васиф Кортун, член на жирито
  • Христо Станкушев, заменик-член на жирито

Дополнителни информации можете да најдете на официјалната страница на конкурсот: competition.cjcenter.gabrovo.bg.

Испрати коментар

Scroll To Top