Насловна / Вести / Тунелот помеѓу Европа и Африка повторно во фокусот: Проект на векот или недостижна идеја?

Тунелот помеѓу Европа и Африка повторно во фокусот: Проект на векот или недостижна идеја?

Планот за изградба на тунел под Гибралтарскиот мореуз, кој би ги поврзал Европа и Африка, повторно е во фокусот на јавноста. Овој амбициозен инфраструктурен проект е замислен како железничка врска помеѓу Шпанија и Мароко, со што за прв пат би се остварила директна копнена комуникација помеѓу двата континенти. На најнискиот дел Гибралтарскиот мореуз е широк само 14 километри. Секојдневно низ овој тесен морски премин минуваат над 300 товарни бродови. Токму на таа локација се планира изградба на тунелот кој би можело да стане најдолгата подводна градба на светот.

Идејата за поврзување на Европа и Африка не е нова. Уште на почетокот на 20-тиот век, постоеле предлози за изградба на тунел, па дури и мост, но ниту едно од решенијата не е реализирано поради технички и финансиски препреки. Дополнителен поттик за проектот дала организцијата на Светското првенство во фудбал во 2030 година, кое ќе биде одржао во Шпанија, Потругалија и Мароко. Тоа се смета за идеална прилика за отворање на директна железничка врска помеѓу Европа и Африка. Сепак, според проценките на германската компанија Herrenknecht, таквиот рок не е реален. Нивната физибилити студија покажува дека завршувањето на проектот пред 2035 година е тешко остварливо, додека реалната временска рамка се движи помеѓу 2035 и 2040 година.

За разлика од сличните проекти, овој би бил значително покомплексен. Планираната должина изнесува околу 40 километри, а тунелот на одредени делови би се наоѓал и 300 метри под површината на морето. Дополнителен проблем претставува и фактот што станува збор за сеизмички активно подрачје со нестабилни геолошки слоеви. Ваквите услови ја прават изградбата исклучително ризична. Стабилноста на тлото и безбедноста на градбата претставуваат клучни препреки кои сеуште не се во целост решени. Од друга страна, проценките за трошоците значително се менувале во текот на годините. Додека порано проценките зборувале за околу 5 милијарди евра, поновите анализи сугерираат дека проектот би можел да чини најмалку 15 милијарди евра, а веројатно и повеќе.

Но, и покрај сите предизвици, потенцијалните бенефити се значајни. Тунелот би овозможил побрза и поефикасна трговија помеѓу Европа и Африка, како и превоз на значителен број патници. Се проценува дека би можел да опслужува и до 12,8 милиони патници годишно, со што би станал еден од клучните инфраструктурни проекти во регионот. Сепак, засега тунелот останува сеуште во фазата на планирање и истражување како симбол на една голема амбиција, но и потсетник дека границите на инженерството сеуште остануваат предизвик.

 

Испрати коментар

Scroll To Top