Насловна / Вести / Работен простор во банкарските индустрии во Македонија – oгромно влијание на благосостојбата на луѓето

Работен простор во банкарските индустрии во Македонија – oгромно влијание на благосостојбата на луѓето

Конфигурацијата на силуетата на современиот град е структурирана главно од модерните деловни згради кои доминираат врз урбаниот пејзаж, меѓу кои доминираат зградите на банките, осигурителните компании и слични на нив згради на финансиските индустрии. Тие ја манифестираат економската моќ и вербата во иднината, презентирајќи се себе како институционални симболи и урбани икони. Вообичаено, тие во себе ги отелотворуваат најразвиените градежни технологии во специфичен архитектонски јазик, позиционирајќи се како најпрогресивните деловни згради на денешнината. Внатрешниот работен простор на овој тип згради се каректеризира со богата и комплексна структура на просторот за задоволување на комплексните потреби на организациската разноликост на работната сила на банките поделена во бројни оддели, при што креираат богат социјален живот.IMG_3266

Истражувањето на влијанието на просторот врз задоволството од работа во банкарскиот сектор во Македонија, започна со одредување на детерминантите на истото при што беа анализирани во смисла на демографски карактеристики на вработените. На пример, многу истражувања спроведени во Европа низ различните индустрии најдоа дека работниците од женски пол намераваат да доживеат повисоки нивоа на задоволство од работа во споредба со работниците од машки пол. Еден друг тек на академско истражување најде дека мажите се позадоволни од жените од своите работи. Меѓутоа, овие разлики во половата сегрегација која се однесува на задоволството од работа може да биде резултат на различни фактори кои произлегуваат од културните услови (рестрикција на пристап кон пазарот на трудот од полов аспект) до можностите на работното место (како што е работната флексибилност, породилното отсуство, итн.).IMG_3265

Истражувањето исто така пронајде дека задоволството од работа расте со возраста и сталното место во организацијата.  Постарите вработени и вработените што поминале подолго време во организацијата, тежат да доживеат повисоки нивоа на задоволство од работа во споредба со помладите вработени и вработените што се нови во организацијата. Што се однесува до релациите помеѓу задоволството од работа и величината на компанијата, истражувањето сугерира дека задоволството од работа е пониско кај вработените што работат во поголемите компании. Ова може да му се припише на послабите односи помеѓу вработените и менаџерите, исто како и на нефлексибилноста во работната средина која ги карактеризира поголемите работни простори. Некои истражувања укажуваат дека повеќето европски и светски организации потврдуваат дека работниот како и домашниот простор, може да има огромно влијание на благосостојбата на луѓето.IMG_3269

Условите на зградата се однесуваат на термичкиот комфор, квалитетот на воздухот, осветлувањето (природното и вештачкото), влага, бука. Условите на дизајнот на ентериерот се однесува како на примарните ентериерни елементи (структурата на архитектонските елементи, обликот на канцелариската основа, канцеларискиот распоред) така и на секундарните ентериерни елементи (дизајн на системите на мебел, бојата на ентериерниот простор и нејзините елементи). Исто така и елементите на архитектонскиот декор играат важна улога во дизајнот на целината.IMG_3271

Главната цел на ова истражување беше да се анализираат детерминантите на задоволството од работата помеѓу вработените во неколку банки во Реублика Македонија, а се однесуваат на архитектонските карактеристики на нивните работни средини. Користениот прашалник беше само администриран и комплетиран од страна на 179 вработени во банките. Пополнувањето на прашалникот беше анонимно, а банките беа информирани дека информациите ќе бидат искористени исклучиво за научни цели. Целото испитување беше спроведено за време од три месеци. При компаративната анализа, заклучено е дека нашите резултати не отскокнуваат драстично од резултатите на истражувањата спроведени во некои од земјите на Европската Унија, дури се заклучува дека се слични. Но, ако се знае колку и како му посветуваме време на дизајнот на ентериерот на работните простори, секако ќе се согласиме дека банкарската индустрија и не е карактеристична средина за воспоставување на просечни проценки за позицијата на нашите вработени од аспект на физички услови за работа.

Имено, вработените во банкарската индустрија се карактеризираат со низок степен на автономност на своите работни места, од причина што во ваквите институции се воспоставени безбедносни хиерархии кои произведуваат строги организациски правила, кои имаат конкретен ефект врз архитектонско-функционалниот план на зградите. Но, сепак и во вакви услови, вработените имаат потреба од добро организиран и допадлив физички и социјален здрав простор за работа, што го искажаа преку одговорите во анкетата. Она што е хендикеп на ова истражување (за банкарскиот сектор) е неможноста да се анализираат архитектонските и ентериерните технички документи кои би биле од голема корист во донесувањето на заклучоците.IMG_3268 (1)

Целта на оваа студија беше да се анализира како дизајнот на работниот простор го детерминира нивото на задоволството од работа помеѓу вработени во македонската банкарска индустрија. Истражувањето покажа дека не постои значајна разлика во нивото на задоволство од работа помеѓу мажите и жените вработени во банкарската индустрија во Македонија, додека значајно ниво на разлика беше пронајдено во нивото на пријавено задоволство од работа помеѓу вработените на кои им беше овозможено да учествуваат во дизајнот на нивните работни простори и оние што беа прашани за нивното мислење.

Понатаму, студијата покажа значајна разлика во нивото на пријавено задоволство од работа помеѓу вработените банкарски работници и времето што тие го поминале работејќи на иста работна станица. Вработените што биле во компанијата помеѓу една и пет години, демонстрираат највисоко ниво на задоволство од работа. Анализите на работниот простор детерминирани од задоволството од работа, сугерираат дека факторите што го намалуваат фокусот на внимание кај вработените (како што се буката и визуелното вознемирување)  го намалуваат нивото на задоволството од работа; додека можностите на работниот простор за неформални и формални средби го подигнуваат нивото на задоволството од работа, беше пријавено од вработените во банките. Овие наоди беа во линија со другите студии направени низ различните индустрии во Европа. Ова истражување е прво од овој вид направено во Република Македонија, и следните истражувачки обиди би требало да обезбедат информации кои ќе придонесат во разбирањето на детерминантите на работниот простор, што креира највисоко ниво на задоволство од работа.

Ваквите истражувања се во насока на воспоставување на основи на разбирањето на работниот простор како комплекс од интердисциплинарни дејствувања. Притоа, архитектурата, дизајнот и нивната ликовна и естетска компонента се врзните полиња кои медиумски ќе ги транскрибираат различните жанрови во заеднички и разбирлив физички медиум за реализација на социјалните цели на глобалниот свет.IMG_3267

Конечно, според многуте научни и професионални автори, работниот простор и понатаму ќе претставува место од непроценливо значење за современите општества и нивните економии. Зашто и покрај многуте технолошки иновации во областа на информатиката и комуникациите, директните контакти на вработените, разменувањето на идеи и искуства, и понатаму ќе се одвиваат во ентериерни простори дизајнирани во склад со современите потреби и барања на нивните корисници. И понатаму „канцеларијата“ ќе биде основна просторно-функционална единица на работниот свет. Човековата потреба за социјализација сè уште e негова вродена карактеристика, без која неговиот живот би немал смисла.

проф. д-р Мишко Ралев,

Факултет за архитектура и дизајн при УАКС

(Фотографиите за темата се од Delight office solution – Скопје)

Испрати коментар

Scroll To Top