Насловна / Архитектура / Првата „тридимензионално отпечатена“ куќа во светот!

Првата „тридимензионално отпечатена“ куќа во светот!

vikihaus (3)

Во рамките на овогодишниот Лондонски фестивал на дизајнот, кој се одржа од 15 до 26 септември, на плоштадот пред објектот на Градежниот центар што се наоѓа веднаш до прочуената лондонска трговска улица Tottenham Court Road, беше изградена првата „отпечатена“ куќа во светот. Станува збор за проектот WikiHouse 4.0 за непрофитен прототип кој ќе го донесе дизајнот „open-source“ во сферата на изградената средина. Така, Градежниот центар во соработка со своите партнери Architecture Zero Zero и инженерите на ARUP, ја изградија првата во светот ниско-енергетска двокатна куќа, за која проектот може кој и да било во светот да го симне од Интернет, да го „отпечати“ и  да го состави самиот објект во рок од неколку дена и тоа без никакви посебни градежни вештини. Вредноста на градежните материјали потребни да се изгради ваквиот објект во Лондон се проценува на околу 60 илјади евра, што е исклучително мала во британски контекст.

Изградениот објект е двокатна куќа со две спални соби, со носечка рамковна конструкција од дрво и со површина од 68 метри квадратни.  Плановите за објектот можат без надомест да се симнат од веб страницата, а потоа, со помош на технологијата „open-source“, елементите на куќата можат дигитално да се исечат и произведат со примена на технологија наменета за тридимензионално печатење. Објектот е испроектиран со програма за КАД (CAD) проектирање, додека градежните елементи се произведени со примена на 3Д (3D) печатари и ЦНЦ (CNC) машини за обработка на дрво. Во рамките на оваа манифестација, мала група волонтери без градежно искуство го имаат составено објектот во рок од само осум дена.vikihaus (8)

Алистер Парвин

Според ко-проектантот на овој објект, господинот Алистер Парвин (Alastair Parvin), од почетокот на индустриската револуција па до сега, во рамките на градежната индустрија преовладувала идејата, дека доколку сакаме да градиме домови, тие треба да бидат изградени од навистина големи организации кои ќе го сторат тоа за нас. Според него, овој традиционален пристап сега е изложен на предизвик кој произлегува од моќта на Интернетот и моќта на дигиталното производство, како и новите технологии кои не само што имаат потенцијал да го променат начинот на кој градиме, туку и да го сменат тој што ги гради објектите. За господинот Парвин, со оваа инсталација се сака да се поттикне имагинацијата на луѓето за тоа, како новата технологија сега ќе овозможи, речиси секое лице да може да си дозволи своја куќа која ќе биде изградена според неговите желби, но без потреба од традиционалните градителски вештини.vikihaus (4)

WikiHouse 4.0 не е единствениот проект за „тридимензионално отпечатена“  куќа во светот. Претходно, оваа година во Амстердам отпочнал проектот 3D Print Canal House којшто се состои од изложба, истражување и градежна парцела за 3Д Печатена архитектура (3D Printed Architecture). Станува збор за иновативен проект кој се очекува да трае три години и каде интернационален тим соработува во програма на „истражување и изработка“ која ја поврзува науката, проектирањето, изградбата и заедницата, и од кој проект се очекува да резултира во печатење на 3Д куќа на канал на експо (изложбена) локација во центарот на Амстердам (3dprintcanalhouse.com).

Од друга страна, во Кина, шангајската компанија „WinSun Decoration Design Engineering“ оваа година изградила комплекс од десет куќи комплетно 3Д отпечатени од рециклиран материјал за помалку од 24 часа, користејќи огромен 3Д печатар кој е 150 метри долг, 10 метри широк и 6,6 метри висок. На неговиот развој се работело цели 12 години, а неговата вредност изнесува 3,2 милиони долари. Секоја од овие куќи се со површина од 200 метри квадратни и биле отпечатени со „мастило“ кое претставува мешавина од градежен и индустриски отпад направен од комбинација на цемент и стаклени влакна.  Околу 4.800 американски долари чинела изградбата на секоја од овие куќи, и тоа со учество на многу мала работна сила за самата изградбата, како резултат на што се очекува дека во иднина, откога овој вид на објекти ќе стане општоприфатен, ќе се овозможи задоволување на потребите за домување на бездомните и лицата со ниски примања преку 3Д печатењето на вакви зелени и економични за градба објекти.

vikihaus (5)

И покрај сличностите со примерите од Холандија и Кина, се смета дека постои суштинска разлика помеѓу нив и WikiHouse 4.0. За првите се смета дека се обиди преку поединечни проекти да се прикажат на пошироката јавност можностите што произлегуваат од новите технолошки достигнувања. За разлика од нив, се очекува дека технологијата WikiHouse ќе придонесе за создавање мрежа од електронски фајлови за градежни компоненти кои ќе можат да се отпечатат, а преку кои би отпочнала станбена „револуција“ преку која илјадници луѓе ширум светот можеби наскоро ќе бидат во можност да купат мала градежна парцела на која ќе можат да изградат финансиски достапен функционален дом без надворешна помош и во рок кој би се мерел во денови.

Според најавите, проектите за куќата WikiHouse 4.0 ќе станат достапни без надомест на веб страницата (www.wikihouse.cc) до крајот на оваа година, што ќе им овозможи на заинтересираните лица да заштедат и време и пари. За идните британски корисници на овој пристап, се очекува дека заштедите ќе бидат значителни, со оглед на тоа што вообичаено градењето на просечна куќа со две спални соби трае околу два месеци и чини околу 117 илјади евра, што е скоро дупло повеќе во однос на чинењето на прототипот WikiHouse во Лондон.

За Колин Твиди (Colin Tweedy), главниот извршител на Градежниот центар, овој прототип на дом ги отвора потенцијалите на дигиталната технологија за да го смени начинот на којшто ние ќе ги проектираме, произведуваме и градиме зградите. Од друга страна, британските аналитичари во овој прототип гледаат современ пристап кон традиционалните префабрикувани станбени објекти, што можеби ќе биде одговор на станбената криза со која земјата се соочува денес.

Испрати коментар

Scroll To Top