Насловна / Архитектура / Променадата во Хејстингс – најдобар нов објект во Британија

Променадата во Хејстингс – најдобар нов објект во Британија

На 31 октомври се одржа свечената церемонија на доделување на годишната Стирлингова награда (Stirling Prize) на Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects) спонзорирана од Алмакантар (Almacantar).  Со оваа награда се оддава признание на најдобриот нов објект во Обединетото Кралство. Оваа 2017 година беше доделена 22-рата по ред Стирлингова награда која во конкуренција на шест објекти влезени во најтесниот избор, наградата ѝ припадна на променадата во Хејстингс (Hastings Pier) на дРММ Архитектс (dRMM Architects).Hastings Pier_1312_Francesco Montaguti3

Променадата во Хејстингс е несомнено невообичаен градителски потфат со оглед на тоа што станува збор за реконструкција на променада која била предводена од локалната заедница. Се вели дека станува збор за седум години долга херојска соработка помеѓу локалната заедница, општината, инженерите и архитектот при што преку визија на архитектот од пепелта на постојниот кеј и пропаѓањето на локалитетот успеало да се дојде до раздвижен јавен простор којшто локалната заедница го чувствува како свој. Целиот процес бил потпомогнат со исклучително обемен процес на јавна консултација којшто покажал дека новата променада треба да може да поддржи различни сценарија за да се задоволат потребите на локалната заедница.Hastings Pier_1312_Alex de Rijke4

Историјата на променадата во Хејстингс ја споделува судбината со други променади во Обединетото Кралство коишто беа делумно или трајно изгубени во неколкуте изминати декади. Променадата во Хејстингс ја отпочнала својата историја пред 145 години во 1872 година и била популарна променада за забава со години и особено се истакнувала преку музичките изведби коишто се случувале на неа. За жал подемот на пакет-аранжманите и желбата за повеќе сонце и потопло море во медитеранските дестинации довел до постепено пропаѓање на повеќето променади од овој вид во земјата. Во случајот на Хејстингс по повеќе години запуштеност, променадата била затворена во 2008 година кога била оштетена во невреме, за потоа во 2010 година да биде  дополнително оштетена кога целиот комплекс бил зафатен од пожар.Hastings Pier_1312_Alex de Rijke_4

Пожарот од 2010 година и реалната можност променадата засекогаш да биде загубена се појавиле како катализатори за определбата на локалното население и пријателите (поддржувачите) на променадата тоа да се искористи како можност за нејзино ново обмислување. Тие со финансиска помош на Фондот за лотаријата за (културното) наследство (Heritage Lottery Fund) организирале меѓународен урбанистичко-архитектонски конкурс на којшто британското архитектонско биро дРММ од Лондон ја освоило првата награда.

Она што е исклучително значајно во овој проект е пристапот кон реконструкцијата на променадата. Наместо традиционалниот пристап во којшто променадата би се реконструирала според архивските записи за оригиналната променада од 1872 година, тука само е задржана идејата за променада со што е дадена можност не само за нејзина повторна употреба туку и можност одново да се обмисли концептот на променадата со цел да се помогне во дефинирањето на нејзината иднина која ќе биде радикално поразлична од оригиналните викторијански зачетоци и посоодветна за потребите и очекувањата во 21-виот век.Hastings Pier_1312_James Robertshaw_5

Преобмислувањето на концептот на променадата резултирало во напуштање на „традиционалниот“ пристап, каде постојан објект вообичаено се поставувал на крајот од променадата којшто најмногу се протега во морето. Во овој случај крајот на променадата резултирал во создавање на голем отворен простор за којшто се смета дека од една страна нуди чувство на смиреност и пријатност, додека од друга страна овозможува силна поврзаност помеѓу морето и крајбрежјето нагласени преку убаво испроектираната ограда и квалитетот на дрвената подна површина.Hastings Pier_1312_Alex de Rijke_2

На најоштетениот дел од пожарот од оригиналната променада сега е лоциран новиот центар за посетители, карактеристичен по својата релативно едноставна дрвена конструкција, завршно обложена со спасени и повторно употребени штици од оригиналната оштетена од пожар променада.  Кровот на центарот за посетители е искористен за поставување на видиковец (белведере) каде што може да се појде на кафе или на супа додека се ужива во прекрасните погледи кон морето и крајбрежјето. Како и облогата на центарот за посетители, така и мебелот на променадата е сработен од спасено дрво од опожарениот објект. Во рамките на изградбата на објектот била покрената иницијатива за локално вработување која резултирала во изработката на применетиот мебел од рециклираниот материјал. Се смета дека симболичното лоцирање на центарот за посетители на местото на најголемото оштетување од пожарот и примената на спасениот материјал од оригиналниот објект придонеле за создавање на силно чувство на место и припадност на обновената променада.Hastings Pier_1312_Alex de Rijke_3

Преку овој градителски потфат создадена е нова и силна променада со површина од над 11.700 м2 предводена од и во сопственост на локалната заедница (преку добротворното друштво Hastings Pier Charity) која резултирала во употреблива платформа способна да овозможи широк дијапазон на можни примени од музички концерти до меѓународни панаѓури, која во периодот од завршувањето на проектот покажала дека навистина функционира во секојдневната употреба којашто е исклучително за пофалба.  Новосоздадената, исклучително пријателска променада, ги повикува посетителите преку својот дизајн и е отворена за нив со оглед на тоа што не се наплаќа влезница. Таа истовремено нуди не само флексибилност, материјална и функционална одржливост, туку и непречени визури кон природната и изградената средина со што станала катализатор за урбана регенерација на овој дел од градот.Hastings Pier_1312_Alex de Rijke1

Од аспект на заштита на градителското наследство преку овој проект даден е нов живот на од пожар оштетена историска градба со што е овозможена современа и за овој век примерна употреба на овој објект. Дополнително во рамките на проектот била искажана грижа да се примени материјал од оригиналната променада во новиот дизајн, а самиот процес на обнова да се искористи како можност за обука на новата генерација на занаетчии специјалисти.

Особено се одбележува ентузијазмот на архитектот којшто пред да отпочне со проектирањето на променадата морал не само да ја изготви деталната проектна програма, туку и да помогне во собирањето на финансиски средства за реализацијата на проектот со што се овозможило овој градежно и социјално одржлив проект навистина да се реализира во услови на отсутен сопственик кој не одговорил на повиците за поправка на опасна градежна конструкција и непостоење на буџет за обнова на платформата во рамките на пропаднат приморски град.

За претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти, и претседавачот на жирито за доделувањето на Стирлинговата награда, Бен Дербишајар (Ben Derbyshire), „Променадата во Хејстингс е ремек-дело во доменот на регенерацијата и инспирацијата. Архитектот и локалната заедница ја трансформирале незгрижената руина во зачудувачки, флексибилна нова променада за да ги воодушеви и инспирира како посетителите така и локалното население“.Hastings Pier_1312_James Robertshaw5

За претседавачот на Добротворното друштво Хејстингс променада, Марија Ладкин (Maria Ludkin), променадата е „симбол на обнова“ која резултирала во „Променадата во Хејстингс да ги покани заинтересираните посетители, да стимулира разговори, и да ги вклучи и пречека сите оние коишто ја користат и ја поддржуваат. Пристапна и одржлива, таа го врамува спектакуларниот приморски пејзаж и овозможува неограничени варијации за релаксација, размислување и игра.“

Пошироко, овој проект покажува како на напуштен и оштетен објект од градителското културно наследство може да му се даде нов одржлив живот соодветен за потребите на 21-виот век, но без враќање на изгледот на објектот на времето од неговите викторијански почетоци. Остатоци од оригиналната променада не само што опстојат во рамките на новиот објект туку се и вградени во рамките на новите интервенции со што дополнително го очувуваат историскиот континуитет на објектот.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top