Насловна / Вести / Намалување на стакленичките гасови до 78 проценти во Македонија до 2050?

Намалување на стакленичките гасови до 78 проценти во Македонија до 2050?

Во Македонија со значително вложување и напор е возможно до 2050-та година да се постигне намалување на емисиите на штетни гасови на национално ниво од дури 78 проценти и да се обезбеди стабилна енергетска иднина и без изградба на нови термоцентрали на јаглен со реновирање на старите и инвестирање во чисти обновливи извори на енергија.makeodnija staklenicki gasovi

Ова го покажуваат резултатите од примената на енергетскиот модел наречен „Калкулатор 2050“ за Македонија, кој ги покрива побарувачката и понудата на енергија, а кој беше презентиран на денешната конференција насловена „Енергетско моделирање во рамките на климатските промени и КОП 21“ во организација на невладините организации Аналитика, Еко-свест и Фронт 21/42.

На конференцијата се обрати министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, кој истакна дека во невладиниот сектор гледаат значен партнер во адресирањето и решавањето на многу прашања вклучено и на прашањата за климатските промени.

– Ние активно се подготвуваме за конференцијата во Париз. Го усвоивме т.н. Национален придонес за климатските промени како 23-та држава во светот, рече Изаири.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ Мартин Клауке истакна дека ЕУ секогаш била лидер во промоција и заштита на животната средина. Два месеца од денеска, нагласи, ќе има многу важна конференција во Париз каде што секоја земја ќе треба да се заложи за да ги намали емисиите на штетните гасови.

– Македонија како земја кандидат треба да ги следи трендовите на ЕУ за намалување на емисиите, зголемување на енергетската ефикасност. Тоа е можно доколку заедно работиме во таа насока. За решавање на еден од денешните предизвици – климатските промени, потребна е поширока заложба, а соработката е услов за успех. Владата, граѓанското општество, медиумите, граѓаните сите можат да придонесат за почиста и посигурна иднина, а регионалниот проект за кој денес зборуваме може да ги зближат сите засегнати страни од регионот кои се занимаваат со одржлива енергија. Се надеваме дека ќе имаме почист воздух во земјата, во регионот и се надеваме дека регионот ќе биде поблиску до стандардите на ЕУ со цел енергетската иднина да биде реалност, рече Клауке.

Инаку, според пресметките од енергетскиот модел Калкулатор 2050, меѓу другото предвидува дека е можно искористување на 50 проценти од техничкиот капацитет што Македонија го има кај соларната енергија и со тоа да изгради капацитети од 2,59 гигаватчасови до 2050 година. Во однос на горливиот проблем на греењето во домаќинствата, според овој модел може да се реши така што како главни технологии се предвидуваат топлинските пумпи и когенеративните постројки на природен гас и биомаса, како и бојлери на биомаса и природен гас. Целта е, како што наведуваат организаторите, до 2050 година целосно да се отфрли греењето на нафта и јаглен и скоро целосно греењето на струја при што како најповолна опција е посочена примената на топлински пумпи на која ќе отпаѓа 90 проценти од греењето, а 10 проценти на биомаса.

Во делот на транспортот, се наведува, потребна е промена на политиките и свеста кај граѓаните за промена на модалитетите на транспорт кои се користат и тоа во насока на зголемување на примената на јавниот транспорт и намалување на примената на автомобилите.

Енергетскиот модел Калкулатор 2050 е создаден 2008 година во Велика Британија за да ги истражи различните сценарија на производство и потрошувачка на енергија. Во Македонија се користи прилагоден на условите во државата. Моделот се развивал паралелно во седум земји во регионот и е осмислен да се користи како алатка при донесување одлуки и политики во врска со енергетскиот сектор.

Испрати коментар

Scroll To Top