Насловна / Архитектура / На професорот Жико со љубов: Ќе Ви го чуваме ГТЦ

На професорот Жико со љубов: Ќе Ви го чуваме ГТЦ

Вчера, на денот на слободно Скопје во Музејот на Град Скопје се одржа промоција на книгата „На Скопје, со љубов! – Архитектонската мисла на Живко Поповски“ приредена од архитектите Анета Христова – Поповска и Мери Батакоја.

На промоцијата говореа другарот од детсво на проф. Поповски, академик Влада Урошевиќ, неговиот колега проф. Мартин Гулевски, поранешниот градоначалник на Скопје Ристо Пенов, неговата сопруга Анета Христовска Поповска и Мери Батакоја, приредувачите на книгата.

Книгата претставува збирка на текстови, колумни и интервјуа, коишто архитектот Поповски ги напишал и ги објавил во текот на својот живот, а истата е надополнета со авторски цртежи.

Настанот имаше голем број посетители од разни генерации.

Несомнено дека архитект Поповски е еден од најзначајните професори на Архитектонскиот факултет, кој оставиле неизбришива трага на своите ученици и му дале на факултетот еден препознатлив белег.

Кога ќе дојдеше професорот на предавања со својата тенка и висока фигура, со својата препознатлива силуета и „лептир“ машна, со своите специфични гестикулации како цртачки потези во воздухот, тој беше пречекуван од неговите студенти со радост и восхит, кои стрпливо го чекаа и кога доцнеше, а тоа знаеше да се случи.

Со својата харизматична појава, софистицирана смисла за хумор, нескротлив дух и со своето сестрано образование беше вистински „скопски“ урбан лик,  сигурен во себе и во своите ставови.

Непоколеблив во своите ставови кои секогаш беа поткрепени со аргументирано знаење, неподлегнувајќи на наметнатите авторитети, професорот Жико беше личноста по која Архитектонскиот факултет се препознаваше.жико_2

Едноставно, професорот собираше луѓе околу себе, односно луѓето сами си доаѓаа, се „лепеа“, го следеа и внимателно го слушаа кога зборуваше. И што е важно, сите квалитетни архитекти и колеги ги запамтија неговите зборови.zivko popovski kniga promocija_02

Ми се чини дека големината на неговата работа со студентите е во тоа што не тераше многу да размислуваме. Не учеше да мислиме со своја глава, да браниме со аргументи,  со цртеж, да носиме метро во џеб и да мериме, да провериме и секогаш да гледаме од сите страни и да читаме многу.zivko popovski kniga promocija_01

Тоа што професорот го предаваше или раскажуваше, понекогаш можеше да биде и прераскажан филм и не беше врзано со архитектура или бар на нас студентите така ни се чинеше. Понекогаш тој не оставаше збунети и во дилема, но секогаш тоа беше значајно заради изреченото. И ден денес, неговите зборови ни се повторуваат во глава. Се паметат секогаш, се навраќаме на нив, па отпосле ти текнува, дека кога професорот ни раскажувал како се снимале одредени филмови, тој всушност зборувал за архитектурата.zivko popovski kniga promocija_05

Кога проектираме, секогаш ни се навраќаат неговите зборови дека и скалите се улица, само вертикална. Па ќе си речеш, професорот имал право. Изгледа тој стално бил во право. Затоа и денеска на факултетот се чуствува неговиот дух, односно ти се чини дека ќе се појави од некој ходник и ќе ти дофрли нешто духовито или можеби ќе те одмине намуртен и замислен. Тој негов дух на факултетот треба и натаму да се негува. Можеби и се имитира, се „копира“ што би рекле денес, но тоа не е ни важно, бидејќи тоа и онака е невозможно. Може да има само еден Жико.zivko popovski kniga promocija_07 zivko popovski kniga promocija_09

Затоа, вчера имаше многу луѓе и многу млади колеги и колешки, кои ја немале среќата што јас ја имав тој да им биде професор, но знаат, некој сигурно им кажал, а можеби и самите ја препознале вистинска вредност, го почувствувале духот, кој сеуште живее како и влијанието кое тој го оставил.zivko popovski kniga promocija_14

„Среќни се оние граѓани во градовите, каде бројот на несакани објекти е мал и незабележлив“ ќе напише професорот. Често се прашувам што ќе правеше професорот кога му дирнаа во ГТЦ, кога го направија „Скопје 2014“. Но знам што ќе правеше. Ќе беше непоколеблив, немаше да ги остави да дишат, на глава ќе им се качеше, немаше да застане, ќе ги побудалеше. Често си помислувам, колку ни треба денес, колку ни недостасува неговото присуство. На сите ќе ни беше полесно, со него полесно ќе се справевме со сето она што ни се случи во градот. Тој можеше и знаеше како.zivko popovski kniga promocija_15 zivko popovski kniga promocija_16 zivko popovski kniga promocija_17 zivko popovski kniga promocija_18 zivko popovski kniga promocija_19 zivko popovski kniga promocija_20 zivko popovski kniga promocija_21 жико_1

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top