Насловна / Градежништво / Заштита на косини со мрежи и sn анкери во површински копови

Заштита на косини со мрежи и sn анкери во површински копови

________ __ _______ __ ______ __ ______

 При вршење на површинска експлоатација, доколку копот е значајно напреднат во длабочина, потребна е заштита од можни одрони на материјал од погорните етажи. За продолжување со експлоатација на најдолните етажи во површинскиот коп, потребно е да се изврши стабилизирање и заштита на косината над работните етажи во висина и ширина во зависност од напреднатоста на копот.
Заштита на косината се врши на места кои претставуваат потенцијална опасност од зарушување. Начините на заштита можат да бидат применети поодделно или во комбинација на два и повеќе видови на стабилизирање на косината.

________ ______ __ __________

Шематски приказ на анкерирање

Kавање, товарање и транспорт на материјалот
Кавање е постапка на чистење на сите неврзани или слабо врзани парчиња од карпата, кои се наоѓаат на самата косина. Отстранувањето на материјалот од косината може да се врши машински со багер или рачно со прирачен алат.
По завршување на постапката, искаваниот материјал паднат на етажното плато се товари со багер или утоварач во дампери, при што се транспортира на одлагалиште за јаловина.

_______ __ _________ __ SN ______

Дупчење на дупнатини за SN анкери

___________ __ _____

Поставување на мрежа
Стабилизирање и заштита на косината со челична мрежа и SN анкери
Под стабилизирање и заштита на косините се подразбира заштита со челични мрежи и анкерирање на испуканите карпи, после кавањето на неврзаниот материјал.
Пред отпочнување со заштита, потребно е да се предвидат и обезбедат сите припремни работи, геодетско снимање на косината и инженерско-геолошки опис на состојбата со стереоскопски снимки на теренот, при што треба да се запазат мерките за безбедност и здравје при работа.
При самото стабилизирање, потребно е перманентно надгледување и следење на косината и благовремено реагирање при изведба на работите, доколку постои опасност од одрони или оштетувања и деградирања на косините и околината.
Стабилизирање на испуканите блокови, се изведува со нивно „врзување“ за косината со вградување на атхезиони пасивни SN анкери. Стабилизирање на повеќе испукани блокови за карпата се врши со поставување мрежа и SN анкери.
Хронологијата на изведување на работите е следнава: дупчење на дупнатините за анкерот, поставување мрежа, вбризгување малтер, поставување анкерни шипки и затегнување на анкерните плочи.
Во функција на зголемување на безбедноста, за продолжување со експлоатацијата на етажите во план и длабочина, предвидено е поставување заштитна мрежа.
Мрежата е изработена од двојно навртена челична плетена жица обложена со цинк, со одлични механички карактеристики. Челичната мрежа може да ја издржи силата на падот на карпите без да се отплете во случај на кинење на жицата, поради двојното навивање. Со мрежата се врши заштита од одрони и ерозија и притоа ги штити луѓето, опремата и инфраструктурата што се наоѓаат на етажните берми.
Во пределите каде на косините има поголеми парчиња се поставуваат двослојни заштитни мрежи со локално несистематско сидрење со SN анкери Ø 25, L=3,0÷5,0 m / тип RA 400/500.
По завршување на целокупната постапка, може да се продолжи со непречена експлоатација во површинските копови за експлоатација на минерални суровини.
Сите материјали, кои се употребуваат при заштита на косините, треба да бидат изработени од првокласен материјал, мора да одговараат на важечките македонски стандарди (МКС EN) и техничките прописи и правилници.
Целокупната постапка се изведува во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа со запазување на мерките на безбедност и здравје за ваков вид на активности.

Подготвиле:
м-р Љубиша Костадинов, дипл.руд.инж
Владе Анастасовски, дипл.руд.инж.,
Никола Механџиски, дипл.руд.инж.
(ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје)

Испрати коментар

Scroll To Top