Насловна / Архитектура / Во духот на денешното време

Во духот на денешното време

Во седумдесеттите години на минатиот век изграден е трговски центар во централното подрачје на градот Штип, со катност П+1.Трговскиот центар е изграден како атриумски објект, со централен отворен атриум. На јужната страна објектот е паралелен со улицата „Маршал Тито“ и кејот на реката Отиња, а на северната страна е паралелен со улицата „Ванчо Прке“. Трговскиот центар излегува на две улици, но има пристап од сите четири страни.

Изгледот на објектот е во согласност со тогашните трендови во архитектурата. За време на неговото егзистирање бил многу често надградуван и додавани му се делови на рамниот и косиот кров, без некоја целосна анализа и предлог за целосен изглед или реконструкција на објектот, што и денес може да се забележи на северната страна од постојниот објект. Во трговскиот центар имало повеќе локали, мали и големи, чија големина често се менувала по потреба на корисниците. На јужната страна долж објектот имало тераса.

stara zgrada
Со новиот ДУП за дел од Центар – Штип, дел од урбан блок, урбан модул 1 и 2, планирано е постојниот трговски центар да се надгради со кота на венец до 16 метри, односно да има катност од По+П+2.

Денес трговскиот центар има четри сопственици. На барање на двајцата сопственици на јужниот дел (преден дел) на трговскиот центар во Штип, „Игедо ДООЕЛ Штип“ и „Оаза угостителство и трговија АД Штип“ извршена е реконструкција и надградба на постојниот трговски центар, но само на јужниот дел. Намената останува иста, како и што била на постојниот објект, Б2-големи трговски единици. При проектирање и градење на надградбата и реконструкцијата почитувани се во сè дадените урбанистички параметри и барањата на инвеститорите.

IMG_1037
Автори на проектот за реконструкција и надградба на јужниот дел на трговскиот центар во Штип се архитектите од проектанското биро „Радиус архитекти“ ДООЕЛ од Скопје, Мартин Пановски, д. и. а., Јана Гугуловска-Ѓорѓевиќ, д. и. а., Душица Диневска, д. и. а., Александар Наумчевски, д. и. а. и соработник Ана Урумовска, д. и. а. Проектирањето на реконструкцијата и надградбата на јужниот дел од трговскиот центар во Штип се работени во 2013 и 2014 година, а градбата траела од 2014 до 2018 година. Реконструкцијата на трговскиот центар во Штип е поделена во две фази и тоа фаза1: реконструкција и надградба на јужниот (преден дел на постојниот објект) и фаза 2: реконструкција и надградба на средишниот атриумски дел на објектот.

IMG_1003
Согласно барањата на инвеститорите, но почитувајќи ги дадените урбанистички параметри, денес реконструираниот и надграден трговскиот центар во Штип ги има следните параметри споредено со стариот објект.
Бруто-развиена површина на постоен објект П=7400.00 квадратни метри, фаза 1: бруто- развиена површина П=1123,35 квадратни метри, фаза 2: бруто-развиена површина П=378,31 квадратни метри или вкупна бруто-развиена површина на новиот дограден и реконструиран објект е П=8902,27 квадратни метри. Со оваа надградба и реконструкција видно се зголемува корисната површина на трговскиот центар, но се подобрува и квалитетот на целиот објект и квалитетот на внатрешните простори – локалите.

IMG_1001
Локалите во приземјето во новиот објект остануваат скоро исти како во постојниот со минимални измени, реконструирани и со подобар квалитет на просторите. Надградбата е направена над првиот кат и над терасите на него, така што се добива поголема корисна затворена површина. Објектот што се надградува поделен е на два дела помеѓу сегашните сопственици и тоа дел А и дел Б. На југозападната страна на објектот, постоечката тераса е интегрирана во постоен локал, а еден дел е адаптирана за влез во делот А. За оформување на нов влез во делот А на западната страна е изградена доградба. Во влезната партија сместени се нови скали и лифт како вертикална комуникација меѓу катовите на делот А. Делот Б ги користи како вертикална комуникација постојните скали и лифт на источната страна. Скалите во атриумот остануваат и се користат исто така како вертикална комуникација меѓу катовите во објектот.
Во делот Б влезот во локалите во приземјето е преку трем. Влезот во атриумот на трговскиот центар е централно поставен во приземјето, како што било и во постојниот објект. Правците на движење и влезови – излези не се променети и во новиот реконструиран и надграден трговски центар.
На првиот и вториот кат се проектирани два трговски простори, по еден во делот А и делот Б. Над вториот кат има проодна отворена тераса, со убави визури кон реката Отиња, нејзиниот кеј и градот Штип.
Конструкцијата на постојниот објект е скелетна армирано-бетонска. Надградбата е изведена од челична конструкција со армирано-бетонски столбови на подолните катови (подрум, приземје и први кат). Меѓукатната конструкција над вториот кат е со решеткасти челични носачи над кој налегнува спрегната плоча од конструктивен лим и слој од тенок бетон од 5 до 9 сантиметри лесно армиран. Челичните решетки се видливи во просторот.

IMG_0995
Извршено е и зајакнување на постојните темели и темелни стопи. Поради малиот простор за работа (површината на локацијата и површината за градба се исти) и појавата на подземните води, темелењето на новите столбови е извршено со колови со капи врз нив. Котата на фундирање е -6,3 метри. Коловите се поврзани со конструктивна армирано- бетонска греда 60/80 сантиметри. Со овие интервенции е зајакната стабилноста на објектот.
Во објектот се изведени нови современи инсталации хидротехнички, термотехнички и електротехнички, а исто така изведена е и нова ПП-заштита. Енергетската ефикасност е во согласност со законската регулатива.
Фазата 2, реконструкција и надградба на средишниот атриумски дел сè уште не е комплетно завршена. Завршено е само покривањето на атриумот со нов кровен покривач од ребраст лим и поставени се лантерни.
Обликувањето на објектот и неговите фасади се посебно интересни и го преобразуваат објектот во нешто сосема ново и различно од постојното, современ објект во духот на денешното време и трендовите во современата архитектура.
При обликување на фасадата, проектантите ја следеле градежната линија која е заоблена, а што му дава посебна мекост на објектот кој е со голема должина и нагласена хоризонтала. Фасадата е закосена по хоризонтала и се проширува нагоре. Со тоа се проширува корисната површина на горните катови, а е истовремено и добра заштита од јужно сонце, избегнување директни сончеви зраци на вертикална површина. Фасадата е изведена во стакло, повеќеслоен термоизолиран термопан со алуминиумски профили, структурална фасада во комбинација со ХПЛ-бели плочи. Надворешното стакло е со слој за засенчување и заштита од сонце. Нагласена е хоризонталата со белиот венец на завршетокот на објектот и над приземјето.
Конзолните тераси на првиот и вториот кат се закосени и ги ублажуваат прекршувањата на фасадата под прав агол. Истовремено тоа е и настрешница над влезот во локалот во приземјето.
Бочните фасади, западна и источна, се рамни, вертикални и се обработени со комбинација на стакло и полни бели полиња со ХПЛ-плочи, со што се разбива рамната површина.
Пред трговкиот центар тротоарот е обновен со нови бехатон плочи, а испланирани се и оградени неколку паркинг-места покрај улицата „Маршал Тито“.
Фасадата на објектот и деталите за изведба на истата се изработени од компанијата ТОРАКС, која се занимава со проектирање и изведба на алуминумски конструкции посебно со алуминиумски конструкции на фасади со примена на светски стандарди за вакви објекти (целосно или делумно застаклени). Замислата и идејата на архитектите –проектанти е доследно реализирана, а фасадата е квалитетно изведена.
Надградбата и реконструкцијата на трговкиот центар во Штип му даваат нов лик и нова димензија на просторот во кој се наоѓа. Објектот ги отсликува новите тенденции во архитектурата и со неговото надворешно обликување и едноставност не се наметнува во околината, но остава впечаток на доминантност со својата едноставност и елеганција.

IMG_1029
Веруваме дека надградбата и реконструкцијата на јужниот дел на трговскиот центар во Штип ќе биде инспирација и за сопствениците на северниот дел на трговскиот центар да го реконструираат и обноват и другиот дел и да претставува еден нов современ објект.
Ова е успешна надградба и реконструкција на постоечки објект кој егзистирал повеќе од 40 години. Нов изглед, иста функција, зголемен капацитет, зголемена корисна површина, современ објект со сите елементи кои го отсликуваат времето кога е надграден и реконструиран. Во опкружувањето внесува свежина, нешто ново и убаво.

Автор: Натка ЌОСЕВА, дипл. инж. арх.

* * * * *

ФАСАДА

За изведба на фасадата  е користен систем на алуминиумски конструкции   SCHUCO   FW 50+ HI.

Оваа конструкција е развиена од Германската фирма SCHUCO   и е наменета за изведба на структурални фасади со троструко структурално стакло .

При изборот на стаклото е земено предвид дека најголемиот дел од фасадата има ориентација кон југ и е изложена на интезивно сончево зрачење .

Поради оваа причина е одбрано стакло со низок соларен фактор кој изнесува околу 20 % при што трансмисијата на видлива светлина е 40 % .

Со ова стакло практично се обезбедува заштита од 80 % од сончевата радијација,  а при тоа се овозможува висок процент на влез на видлива светлина .

Односот помеѓу трансмисијата на видлива светлина и соларниот фактор ( во овој случај на изборот на стакло ) е SF/LT= 2 . Овој фактор е многу важен и ни кажува дека овој тип на стакло е високоселективен . Двојниот нанос од сребро ( кое го има ова сталкло ) овозмозува при  напад на  светлината на ова стакло да се врши селкција на светлината, при што многу поинтезивно се пропуста видливата светлина, а се блокира инфрацрвеното зрачење.

Типот на стакло е : 4.4.2 Sratobel Planibel Clearlite + Stopray Vision 40 pos.2 ; 12 mm argon 90% ; 4mm Planibel Clearlite ; 20 mm argon ; Stratobel iplus Advanced 1.0 on Clearlite + Planibel Clearlite pos.5 од водечкиот светски производител AGC.

Автор: Влатко ВАСИЛЕСКИ, дипл.маш.инж.

Model

Model

LOGO TORAX

 

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top