Насловна / Архитектура / Спој на источна филозофија и западен дизајн

Спој на источна филозофија и западен дизајн

Fasada 1

Познатиот јапонски архитект Шигеру Бан, за кого магазинот „Тајм“ пишува дека е еден од најголемите иноватори во 21 век во полето на архитектурата и дизајнот, уште еднаш го докажа својот иновативен дух и своето неприкосновено чувство за поврзување на дизајнот, естетиката и архитектурата. Швајцарската медиумска куќа Tamedia, за својот нов објект го повика токму Бан за проектот, кој и во овој објект ја употреби едноставноста на јапонската традиционална архитектура како основа на новиот концепт. Тој успева да ја долови хармонијата помеѓу источните и западните стилови и методи на проектирање. Новиот објект е изграден главно со употреба на дрво како конструктивен материјал и стакло како заштита на конструкцијата, и претставува одлично работно место за близу 480 медиумски работници.

Enterier 5

Медиумската куќа Tamedia, своето ново седиште го смести во срцето на Цирих, на 1.000 м2 во продолжение на веќе постоечки урбан блок. Оваа компанија зазема неколку објекти од кои, новата зграда се издвојува не само по својот архитектонски карактер туку и по специфичната конструкција. Локацијата е позиционирана кон источната страна на блокот со приближно 50 метри линеарна фасада која се протега долж каналот Sihl.Fasada 2

Новиот објект е изграден на местото на стара демолирана зграда, но и покрај тоа создава континуитет со фасадата на стариот прилепен објект и максимално ги искористува дозволените димензии, со цел да се добие најмногу употреблив канцелариски простор. Главниот влез е позициониран на крстопатот помеѓу улиците Werdstrasse и Stauffacherquai, кој истовремено функционира и како главен влез во целиот комплекс објекти.Enterier 3 Enterier 2 Enterier 1

Објектот содржи приземје со седум ката и со два подземни ката, кои создаваат вкупна нето површина од 8.602 м2. Дополнителен простор може да се обезбеди со двокатен проект кој во иднина би можел да се подигне на соседниот објект.

Од архитектонска гледна точка, една од главните карактеристики на објектот е неговата конструкција која е целосно изработена од дрвниот вид смрча, која покрај нејзиниот иновативен карактер во однос на технички и еколошки гледни точки, ѝ дава на зградата уникатен изглед како од надвор така и во ентериерот. Со цел да се изрази и потенцира оваа идеја, фасадата на објектот е комплетно изработена од проѕирно стакло. Посебен акцент е посветен на достигнување на енергетските стандарди, кои се многу строго ограничени во швајцарските закони. За достигнување на овие стандарди, секако помага и машинскиот дел на објектот кој е проектиран за да ги задоволи највисоките стандарди за енергетска ефикасност.Enterier 4

Во внатрешноста на објектот е осмислен и средишен простор преку целата висина на зградата во близина на источната фасада. Овој простор служи како „термален мост“ во рамките на генералната стратегија за искористување на енергијата. Покрај ова, просторот создава уникатни делови за корисниците на објектот, каде се обмислени ресторански делови и вертикални конекции помеѓу катовите. Овие „балкони“ може да се употребат, исто така, и за неформални состаноци и места за одмор. Подвижните прозорски системи овозможуваат овие простори да се трансформираат во отворени тераси за уживање во пријатното време и погледот на Цирих. Овие детали ја збогатуваат врската помеѓу ентериерот и околниот пејзаж.Konstruktiven element

Дрвениот конструктивен систем на објектот, заедно со сите дрвени конструктивни врски се најголемата иновативност во проектот. Од техничка и еколошка гледна точка, овој конструктивен систем е во потполна согласност со околната градежна типилогија. Фактот што конструктивните елементи се видливи е највпечатлив, а искреноста и едноставноста во изразот на убавината на дрвото, дава посебен карактер на просторот и ја подобрува работната атмосфера. Комплетната обработка и префабрикувањето на сите конструктивни елементи во контролирани фабрички услови, овозможило брзо и квалитетно градење на објектот на градежната локација. Еден од најважните концепти на јапонската архитектура е употреба на што помалку метални конектори во своите конструктивни врски, па така и тука, архитектот Шегеру Бан во своите конструктивни врски употребува метални конектори само таму каде што се неопходни.Detal 3 Detal 2 Detal 1

Одржлива архитектура е основниот принцип врз кој е креиран овој раскошен проект. Заради овој принцип на одржлива архитектура, токму дрвото е избрано како главен конструктивен материјал, главно заради тоа што дрвото е единствен потполно обновлив конструктивен материјал, кој може да се искористи во проекти со овој обем и при изградба на објектот најмалку ја загадува животната средина со јаглерод диоксид и други штетни гасови.

Испрати коментар

Scroll To Top