Насловна / Вести / Словенија ги зголемува субвенциите за енергетска транзиција на домаќинствата

Словенија ги зголемува субвенциите за енергетска транзиција на домаќинствата

Владата на Словенија поради растот на цената на енергентите и потресите на светскиот пазар на нафта, обезбедила дополнителни средства за зголемување на субвенциите од Еко фондот, со цел забрзување на транзицијата на домаќинствата и намалување на нивната зависност од увозните фосилни горива.

Министерството за животна средина, клима и енергија соопштило дека со новите мерки значително ќе се зголемат неповратните средства за замена на застарените системи за греење, вградувањето на топлински пумпи и енергетска обнова на резиденцијаните објекти. Субвенциите за топлински пумпи сега изнесуваат до 50% од вредноста на инвестицијата, односно до 4.500 евра за системите воздух – вода, односно до 8.000 евра за системите земја – вода  и вода – вода. Целта на мерките е да им се овозможи на домаќинствата премин кон постабилни, поефикасни и еколошки прифатливи начини на греење, со намалување на трошоците и зголемување на енергетската сигирност. Во Словенија и понатаму околу 10% од домаќинствата се грее на нафтени деривати, што претставува висок финансиски товар и долгорочно неодржлив модел на потрошувачка на енергија.

Значително се зголемени и субвенциите за енергетска реконструкција на згради, кои сега изнесуваат до 40% од вредноста на инвестицијата. Субвенциите за замена на прозорци достигнуваат до 300 евра по квадратен метар, додека за изолација на фасади, покриви и подови може да се добијат до 35 евра по квадратен метар. Со комбинација на мерки за греење и обнова, можно е да се намали потрошувачката на енергија за над 30%. Социјално загрозените домаќинства можат да остварат и до 100% субвенции за мерките за енергетска ефикасност, вклучувајќи и замена на системите за греење, што им овозможува премин кон поефтини и постабилни извори на енергија без сопствено финансиско учество. Владата истовремено усвоила и нацрт на Социјалниот план за клима кој е упатен до Европската комисија, а средствата од тој фонд, заедно со Климатскиот фонд, би требало дополнително да ја зајакне поддршката за најранливите домаќинства и да ја забрза енергетската транзиција во наредните години.

Испрати коментар

Scroll To Top