Насловна / Вести / Од мината лоша влегуваме во надежна градежна година

Од мината лоша влегуваме во надежна градежна година

Интервју со Андреа Серафимовски, директор на сектор за оператива на ГД Гранит АД Скопје

IMG_2863

Минатата година беше една од најпроблематичните години за македонската оператива. Капиталните инвестиции крахираа, инфраструктурата застана. Како Гранит ја преживеа годината?

Минатата година македонското градежништво ја преживеа една од најтешките по мера и најнеуспешнaтa по резултат година во последната декада.  Благодарение на големиот труд на работниците, максималната посветеност на техничкиот кадар, но и на навремената реакција за промена, мерките и стратегиите кои ги презеде менаџерскиот тим на компанијата, Гранит тешко, но многу храбро ја издржа 2018 година и извлече максимум во нашата ситуација. Знаете, кризата во некои случаи може и позитивно да влијае на работењето. Така што во Гранит максимална посветеност и акцент се даде на согледување на учинок на работењето, издржаноста на тековните процеси и се изврши оптимализација во сите полиња на работењето. Ова последново го сметаме како круцијално и ценам дека сепак на крај компанијата многу доби во своето работење, се подобри ефикасноста и ефективноста како и свесноста за тоа како треба да се работи.

Во некои поранешни времиња македонската оператива беше наш најголем извозник и буквално ДИКА на Македонија. Гранит е веројатно единствената градежна фирма што и денес работи надвор од Македонија. Каква е перспективата да продолжите на проекти во странство и кои се предусловите за тоа, а кои се бенефитите од тоа?

Да, за жал, а на наше задоволство Гранит е единствена фирма која низ сите минати години не престана да работи во странство на капитални инфраструктурни проекти и тоа го прави доста успешно. Развојот и напредокот на една компанија пред сè зависи од способноста на тимот, знаењето и искуството кое го стекнуваат работејќи на капитални проекти. Токму затоа тоа е причина Гранит во својата стратегија да претендира и инсистира на присутност на странските пазари. Верувајте дека сите иновации и искуства кои сме ги пренеле не се темелат врз база на теорија, туку нашето работење ги создало тие вредности и заради тоа, единствен начин да создадете вредност плус е да пробате успешно да работите на пазари кои ќе ви понудат можност за поголем развој од обично. Гранит и во наредните две години веќе обезбеди работа на странски пазари, но би сакал да напоменам дека главен предуслов за понатамошно присуство се обезбедување на добра деловна клима и нормален тек на активности на домашно тло, кое ќе овозможи посветеност на тимот, на струка и технологија како и поддршка од државата за излез на странски пазари. Цениме дека крајно време е државата да посвети поголемо внимание и да даде максимална поддршка на компаниите и крајно време е да го согледа бенефитот на целото општество од работењето на наши компании надвор од нашата држава.

1. Peri_Kicevo_260418_Siroko

Автопат Кичево-Охрид, изведба на мостовска конструкција

Оваа година треба да биде година на капитални инвестиции. Кои се договорените проекти за Гранит и дали ќе успеавте да ги исполните силните навестувања за градежен план?

Врз основа на веќе договорени, но и многу тековни работи, очекуваме доста интензивна и се надеваме успешна година. Автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, експресните патишта Штип-Крупиште и Ранковце-Крива Паланка, гасоводната линија Неготино-Битола, проектот изградба на 145 спортски сали, проектот изградба на телекомуникациска кула на Водно – се дел од капиталните и големи проекти кои продолжуваме да ги градиме и оваа година. Ако на тоа надоврземе и реконструкција и/или рехабилитација на 16 патни правци коишто се нови договорени работи и треба да почнат со реализација во текот на месец март, како и проектот во Република Српска, патен правец Јоховац-Руданка, чијашто реализација очекуваме да почне кон средината на мај, можеме да кажеме дека нè очекува бурна година. Ниту во еден момент не помислуваме дека капацитетите се доволни, напротив, цениме дека како компанија имаме капацитети многу повеќе да направиме. Никогаш таа дилема не сме ја имале и тоа го сметаме за привилегија и богатство кое го нуди компанијата.

Конкуренција од странски градежни фирми во Македонија!! Нелојална или добредојдена конкуренција, поттик за докажување со нив на домашен терен или…

Освен искуство како со користење на домашните капацитети на една земја се достигнуваат профити и истите потоа се одлеваат во матичните земји, за жал ништо повеќе не научивме од присуството на сè повеќе странски компании на нашите патишта. Од за нас добредојдена конкуренција, истите се претворија во нелојална конкуренција, одлевајќи само кадар од домашните компании со моментален ангажман и не грижејќи се понатака за истите луѓе, како со нив заеднички би достигнале вредност повеќе.

Знаеме често да констатираме дека здравата конкуренција нè прави подобри, немањето конкуренција нè става во стагнација, додека пак нелојална конкуренција може да направи и полошо. Фактот дека ниеден производствен погон не се изгради како и невоведување на ниту една нова технологија  при изградбата, сам по себе говори за работењето на странските компании во нашата Република. Сепак се надеваме дека во иднина државната стратегија ќе се промени и ќе се овозможат подобри услови на домашните компании, согледувајќи ги бенефитите од истото.

040208

Автопат Бања Лука-Добој, делница Прњавор-Добој

Колку е Гранит кадровски и технолошки спремен за преземање на големите капитални проекти од високоградбата кои претстојат / Новиот клинички центар, Градска болница и др.?

Несомнено дека сме лидери во нискоградбата, но работејќи на многу проекти од високоградбата во последните години, особено на проектите од „Скопје 2014“, ве уверувам дека Гранит моментално е лидер и во високоградбата во државата. Тоа го покажува и фактот дека најголемите приватни инвестиции во државата последните години ги работиме со сопствени капацитети, сопствен кадар и технологија. Комплексот – Јане Сандански, Новиот трговски центар – КАМ, новата деловна зграда на „Мерцедес“ како и многу други објекти финансирани од реномирани приватни компании се доказ и признание за тоа што го работиме. Со нетрпение го очекуваме стартот на најавените инвестиции, ќе се вложиме максимално за да обезбедиме работа на споменатите капитални инвестиции, ниту во еден момент не помислувајќи за тоа дали имаме и какви капацитети се потребни. Сигурни сме дека можеме и многу повеќе.

DCIM100MEDIADJI_0010.JPG

Бизинс-центар Мак Ауто Стар, Скопје

Фидик стандарди. За многумина од нашата оператива големо непознавање, за Гранит позитивно искуство и можност за квалитетно напредување во договарањето.

Фидик моделите на договори за нашата компанија беа непознати сè до пред петнаесетина година, кога прв пат се судривме со проект чиишто услови на изградба беа диктирани од условите на „Fidic Red Book 1999“. Во 2009 година се усвои стратегија на ниво на компанија за усовршување на кадарот по однос на обуки, работилници по Фидик договори и оттогаш до денес нашите правници и инженери се постојано присутни на обуки, конференции и други типови на усовршување. Почнувајќи од 2009 во  Истанбул, па сè до Лондон 2017 година, истовремено работејќи на проекти по услови по Fidic Red Book, во странство, но и во земјата, како и последните проекти работени по моделите на Fidic yellow book, во Р Српска, на кои сме многу горди, можеме денес да констатираме со сигурност дека работењето по овој модел на договори кај нас е доведен до едно мошне високо ниво. Додека за другите фирми сè уште е новина, со гордост можеме да кажеме дека во Гранит претставува стандардизиран процес кој успешно го водат нашите стручни служби исто толку колку што е стандардизиран и процесот на изведба на објекти.

avtopat Banja Luka -Doboj

Автопат Бања Лука-Добој, усек Радуњевац

Ангажманот во Градежната комора при Стопанската комора е додатен предизвик, каде може да се влијае на подобрување на вкупните состојби во градежната фела?

Како застапник на интересите на компаниите кои се наши членки, но делувајќи во исто време и општествено, наша обврска и задача е постојано да влијаеме на состојбите сè со цел подобрување на деловната клима и трудејќи се да обезбедиме подобри услови за работа на компаниите. Со оглед на тоа дека градежништвото има допирни точки со повеќе институции и зависно е индиректно или директно од повеќе закони, законски прописи и подзаконски акти, обемот на дејствување е широк и тоа малку го отежнува работењето. Нашата круцијална цел е обезбедување на добар Закон за просторно и урбанистичко планирање, добар Закон за градба, Закон за градежни производи, но и не помалку важни закони за јавни набавки и работни односи. Нè радува фактот дека сите овие закони се во процес на модификација и ние сме активно вклучени во изработка на сите и како здружение и како комора. Институциите, на наша среќа ја препознаа таа наша определба да делуваме како општествен фактор, максимално ослободени од лични интереси, да се трудиме да донесеме подобри состојби, општо на земјата не само на компаниите и со гордост можам да кажам дека се слуша нашиот глас. Нè радува и фактот дека сè повеќе компании го најдоа својот интерес членувајќи во Комората и од ден на ден бројката се зголемува. Свеста дека заедно можеме повеќе, мислам дека почнува на големо да функционира. Освен на подобрување на законската регулатива, максимално сме посветени и на Fidic обуки,  BIM обуки, Manager skills обуки и сè што е иновативно и што цениме дека во иднина ќе донесе поголем успех на нашите компании. Ценам дека Здружението и Комората како никогаш досега им се потребни на компаниите за да ги издејствуваат своите барања и во иднина очекувам таа потреба да се зголемува.

IMG_2858

Законот за градежништво се спрема предолго со многу конфликтни интереси меѓу неколкуте клучни чинители во фелата. На крај сепак решението е оставено на Министерството за транспорт и врски. Не е баш најпаметно решение  политиката и овој пат да го има главниот збор. Можно ли е да добиеме добар закон и кога ќе се случи тоа чудо?

Изминатите години работејќи по закон кој имаше 28 измени за седум години и кој мислам дека беше единствен закон кој ги уредуваше членовите со сврзник  „или“  и даваше опциони одредби без притоа да води сметка за приоритет и обврски, сметаме дека новиот закон ќе биде далеку подобро решение од постоечкото. На почетокот се размислуваше процесот да се води под палка на Државниот градежен инспекторат, но по инсистирање на фелата, мислам дека го најде правото место во Министерството за транспорт и врски. Министерството за транспорт и врски во овој систем на поставеност на државата е единствена опција за координација и донесување на законски решенија. Не навлегувам во тоа како влијае политиката. Веруваме и се надеваме дека овој пат политиката нема да влијае на предложените законски обврски, во секој случај, тоа би било погубно за сите нас. Дадовме наши согледувања на стариот закон, со нетрпение го очекуваме новиот текст на закон и после тоа може да коментираме за последиците од истиот.

Каква е соработката на Вашата комора со Комората на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори и дали успевате во координацијата за заеднички настап пред извршната власт, а за доброто на градежната фела?

Крајно време е фелата да се обедини и сите заедно да помогнеме да се врати нашиот статус кој одамна е изгубен. Денес, градежниците за жал, повеќе се третирани како профитери или криминалци отколку како градители. Причини за истото не дека немаше, имавме во минатото драстични примери од учесници во градежништвото кои и тоа како дадоа повод за таквото мислење, фелата во тој момент не се обедини против таквите случувања, остана нема и слепо го следеше процесот и тоа е грешка на сите нас. Мораме што побрзо да ги надминеме тие аномалии и да пробаме да ги вратиме правите вредности во нашата струка. Мораме сите заедно тоа да го направиме. Ние креираме работна група за Законот за градба, пробавме и успеавме да ја собереме фелата на едно место, на наше инсистирање пробавме да креираме единствен предлог со забелешки и истиот да го проследиме до Министерството за транспорт и врски. Поради извесни недоразбирања на крајот, одлучивме сите учесници во процесот да дадеме поединечни забелешки, но успехот се состоеше во тоа што за прв пат на заедничка маса седнавме градежниот сектор, Архитектонскиот факултет, Градежен факултет, КОИА, ИЗЗИС и ние претставниците на правните лица и искрено и темелно дискутираме за законот член по член. Најголемиот успех го почувствувавме и оттогаш до денес непречено и интензивно соработуваме и се надевам дека ако продолжиме ќе дојдеме до целта. На наше жалење не наидовме на соработка од страна на останатите комори, иако лично дел од нив поканивме да бидат дел од процесот. Најверојатно се разидовме во видиците, иако бевме свесни дека не секој може да го прифати предизвикот и да дискутира за суштински работи. Се надевам дека во иднина истите ќе соберат сили да го помогнат овој процес на обединување.

06

Кога ќе се случи Македонија да добие МИНИСТЕРСТВО ЗА ГРАДЕЖНИШТВО И УРБАНИЗАМ во вистинска смисла на зборот, каде архитектонско-градежната фела вистински ќе може да влијае на решавање на огромните проблеми, кои дирекно влијаат на вкупниот живот во државата?

Ова е правото прашање кое одамна се трудиме да го поставиме како приоритет, а за кое никој во моментов не размислува. Ценам дека креирање и воспоставување на систем во кој сите процеси ќе се обединат и ќе бидат сконцентрирани под ингеренции на еден орган е токму решение за проблемите со кои се соочуваме на подолг рок и единствена исправна работа која мораме да ја  направиме за доброто на градбите пред сè. Дури мислам дека Законот за градба е ограничен во своите можности, каков и да биде, токму заради различните ингеренции на органите и многубројните овластени институции кои се вклучени при изградба на еден објект. За одобрение од А категорија –  Одобрение издава Министерството за транспорт и врски, потоа истото издава измени во тек на градба, на крајот прави технички прием и издава употребна дозвола. Но, процесот на градба не го следи и нема никакви ингеренции ниту е запознаено со текот на градбата. Динамиката не е во неговите ингеренции, проверката на квалитетот и на материјалите, на изведбата, начинот на градба, методологијата итн. туку тука своја улога имаат Министерството за економија, институција која е инвеститор преку надзорниот орган кој никако не е поврзан со Министерството за транспорт и врски, пазарната и трудовата инспекција итн. Премногу инволвирани страни кои само го комплицираат процесот и одолговлекуваат, а никако не го следат поради тоа што немаат никакви обврски за следливост на процесите. Токму заради тоа е потребен обединител, институција во која ќе почнуваат, ќе се следат и на крај ќе се завршат сите активности во текот на градбата. Само на тој начин државата може да го контролира квалитетот и активностите. Тоа е Министерството за градежништво и урбанизам.

БИМсерт – Нови вештини во градежништвото за соработка во насока на одржлива енергија и енергетски ефикасни градби. Дигиталната технологија како предуслов за позабрзана подготовка на градежната фела за доближување до европските нивоа… Задача и на Стопанската комора во обука на нашите стручни кадри.

Комората секогаш поддржувала и ќе поддржува и во иднина процеси кои се иновативни и кои на подолг рок ќе донесат бенефит на компаниите. Еден од тие процеси е BIM кој преку дигитализација воведува беспрекорна следливост на процесите и кој овозможува тотална контрола на сите активности при изградба. Би рекол дека тоа не е начин на работа, туку тренд во градежништвото кој ќе ги зафати сите, порано или подоцна. Она што било Министерство за градежништво и урбаниам за државата, тоа значи BIM за учесниците во изведбата. Процесот е во рана фаза во многу поразвиени земји од нашата сè уште не е имплементиран, така што единствено нешто што може да направиме како здружение е да ги понудиме сите наши расположливи капацитети и организациони вештини, за да помогнеме што побрзо да се имплементира оваа BIM технологија. И тоа веќе го направиме.

Св (15)

Автопат Свети Николе-Штип

Општина Центар која се простира на површина од 7,5 км2 прогласи мораториум на ДУП-ови на површина од 4,5 км2, во Општина Карпош некои ДУП-ови се оспорени од Уставен суд. Ова е на некој начин можеби последен обид за спас на катастрофалниот и коруптивен урбанизам. Но дел од градежната фела се жали дека им било одземено правото на градење, иако на периферниот дел на Скопје и особено низ провинција имаат, реално, сепак помали профити, но огромен простор за инвестирање. Неопходно ли е на Скопје да му се намали растот и конечно да почне да се развива плански?

Од една страна застапници сме на мислењето дека одредени региони во Скопје се неплански изградени, штетат на животната средина и го намалуваат квалитетот на живеење на жителите од тој регион. Поради штетните последици сме силни застапници на урбано живеење и планско градење согласно сите урбанистички прописи и човечки потреби. Процесот со мораториум од самиот старт го поддржавме и ценевме дека истиот ќе даде резултати кои ќе бидат во корист на сите во општеството. Добивме процес, предлог, нетранспарентен, интерен и очекуваме дека на крајот истиот ќе заврши со силни аргументи и докази како институцијата работела и што работела за да жртвува период од две години без право на градба на најважните ДУП-ови во општината, ќе покаже резултат и ќе понуди аргументи дека врз база на ревидирање на ДУП-овите обезбедила подобри услови за живот на населението. Од друга страна, наша обврска и задача е да овозможиме и поддржиме непречена градба, а со тоа да им овозможиме на компаниите да работат и заработуваат. Ценам дека токму идеална средина меѓу гореспоменатите две работи е она што треба да се случи. Не интензивна градба, планска, слободен простор со многу зеленило и можност за рекреација. Најсреќни ќе бидеме кога во одреден регион градежниците ќе бараат 10 – 20 отсто повеќе градба. Мое мислење е дека тогаш ќе го достигнеме идеалот за кој се трудиме.

БИОГРАФИЈА

Андреа Серафимовски е роден на 24 август 1984 година во Гостивар. Дипломира на Градежниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. По дипломирањето во 2009 година, работната кариера како градежен инженер ја започнува во оперативата на Гранит. Учествува во изградбата на повеќе објекти од високоградба, , каде што ги осознава тајните на градежништвото.

Во 2011 година е назначен за првиот директор на организационата единица високоградба. Во 2015 година, се формира нова организациона единица -оператива, која покрај управување и организирање на работењето на високоградбата, ја управува и организира и изградбата на автопатиштата, аеродромите, како и другите објекти од нискоградбата и услужните дејности како што се механизацијата, каменоломите, бетонските и асфалтните бази и др. Во овој период Гранит учествува во изградбата на повеќе значајни објекти во земјата и странство финансирани од реномирани меѓународни банкарски институции, како што се проектирање и изградба на автопат Бања Лука-Добој, изградбата на автопатот Кичево-Охрид, делница Кичево-Подвис, изградбата на автопатот Миладоновци-Штип, делница Св. Николе-Штип, изградба на Антенски систем – Кула Водно, изградба на експресен пат А3 Штип-Кочани, делница Штип-Крупиште, изградба на магистрален гасовод делница Неготино-Битола, како и други значајни објекти.

Во 2015 година е назначен за член на Управниот одбор на Гранит.

На 28.4.2015 година е избран за претседател на Здружението за градежништво и индустрија на градежни материјали и неметали при Стопанската Комора на Република Македонија.

Член е на работната група за измена на Законот за градење на Република Македонија.

Избран е за член на Управниот одбор на Друштвото на градежни конструктори на Македонија.

Еден коментар

  1. Интересно интервју. Се познава дека човекот знае за што зборува. Само напред, се надевам дека ќе успете во Вашите планови. Среќно!

Испрати коментар до VC Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top