Денеска, конечно продолжи изградбата на Универзалната сала во Скопје, а се очекува да заврши до крајот на 2027 година, со што целиот проект ќе чини 20 милиони евра. Нејзиното отварање се планира на почетокот на 2028 година во рамки на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“.
На денешниот увид во градежните активности присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

„Универзалната сала ќе биде завршена до крајот на 2027 година. Ќе биде дел од „Скопје – европска престолнина на културата во 2028 година“. Имаше правни пречки, имаше поделени стопанисувања меѓу Град Скопје и министерството за култура, не се знаеше кој е одговорен во овој дел. Кога во истиот момент ги решивме овие пречки, продолживме со целата процедура, во овој момент Министерството за култура преку владата е инвеститорот, по принцип клуч на рака. Сумата е околу 20 милиони евра обезбедени од Владата преку Министерството за култура, и ќе биде готова до крајот на 2027 година и конечно скопјани ќе имаат еден спомен од минатото“, изјави министерот за култура Зоран Љутков.

Мицкоски изјави дека очекува објектот да биде завршен во предвидениот рок и во рамки на буџетот, посочувајќи дека до 2028 година мора да бидат финализирани сите објекти поврзани со проектот „Европска престолнина на културата“.
Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази задоволство од почетокот на реализацијата и истакна дека по долго време на Скопје му се враќа еден од неговите најпрепознатливи културни симболи.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија