Насловна / Архитектура / Скопје-катастрофа-обнова-искуство

Скопје-катастрофа-обнова-искуство

skopje-katastrofa-thumb.jpg„Цело време се прашував, кој ќе го подига разрушениот град, во услови кога јас бев упатен
да контактирам со максимум пет архитекти, а вие во градов сте имале 200 дипломирани
инженери архитекти“, изјави познатиот Кензо Танге во Скопје. Но за жал, јас би додал,
центрите на моќта беа тие што тогаш ни ги вреднуваа и верификуваа дипломите и знаењата!

Феноменот Скопје и
земјотресот во 1963
година, кај мене секогаш
буди бројни емоционални
и професионални реакции.
Kако роден скопјанец, како
професионалец-архитект и
сведок на овој катастрофален
земјотрес, сакам да проговорам за
постземјотресно Скопје од еден
поинаков агол и во контекст на
многу појави што ни се случуваат
и денес. Четивото е пред вас. За
наслов го одбрав насловот на
најобемниот труд што е објавен
кај нас, а е поврзан со скопскиот
земјотрес, од авторот архитект Коле
Јордановски, генерален директор
на Генералната дирекција за обнова
и изградба на Скопје. Издавач на
книгата е Матица Македонска.

 

Веднаш по земјотресот, бев меѓу
малкумината жители на Скопје што
се собравме во дворот на Клубот
на пратеници на повикот за спас
на преживеаните, и за договор што
може и што мора во вакви услови
најитно да се преземе! Сликата
на градот ужасна, потресна ,
трагична! Не сум бил во војна,
но сум учествувал во десетина
бомбардирања на Скопје од 6 април
1941 до ослободувањето во 1944
година. Но, земјотресното Скопје
е нешто поинакво, нема споредби.
Во потесното градско подрачје
немаше неоштетени згради, покрај
евидентно урнатите. Сите жители
беа во паника и надвор од своите
домови. Се пребројуваа загинатите,
повредените, затрупаните и
така натаму. Градот заедно со
своите жители беше мртов.

skopje-katastrofa-1.jpg

По кратко време, се
консолидираа, профункционираа
официјалните тела и органите
за дејствување во вонредни
услови. Беше запален сигнал
во југословенската заедница и
меѓународните организации и
држави за итна материјална и
нематеријална помош. Највисокото
раководство на државата на чело
со претседателот Тито, вложуваа
максимални напори за најитно
санирање и расчистување на
последиците од земјотресот.
Пристигнуваа бројни експерти,
и безрезервно се вклопуваа
во активностите поврзани со
краткорочните и долгорочните
планови и концепции за обнова
и изградба на разрушениот град.
Донесена беше едногласна одлука:
градот да се обнови на своето со
векови место на опстојување!

 

Каде бевме, колку бевме и
како се вклопивме во обновата
и изградбата на Скопје. Бевме
околу 250 дипломирани инженери
архитекти, дејствувавме во рамки
на професијата во бројни помали
или поголеми работни организации
од сферата на планирањето,
проектирањето и градењето.
Се разбира во вонредни услови!
Условите во градот постепено
се средуваа и нормализираа.
Засилено се градеа населби за
сместување на луѓето, пред да
започне зимскиот период.
За овој сегмент, во оваа пригода
би завршил со афирмативна
констатација дека сите планирани
активности и повеќе од тоа, беа
завршени во предвидениот рок и
Скопје почна да го живее својот
нов живот, распослан долж реката
Вардар од Ѓорче Петров до Драчево,
долг 25 и широк 12 километри.

 

ДИЛЕМИ

Остануваат неодговорени некои
од дилемите за постапките што
беа реализирани по замјотресот,
а за кои имаше и поинакви
размислувања и идеи:

1. Да не се градат толку монтажни
населби од привремен катактер со
евидентно трајни материјали.

2. Да се настојува градежниот
фонд, односно објектите што
можат да се санираат и обноват
да добијат приоритет, и да
им се стават на користење на
долгогодишните сопственици.

 

Малку изворни документи можат
да се најдат за валидноста на
одлуката за рушење на многу
станбени и други јавни објекти,
што ја правеа иконографијата
и меморијата на централното
градско подрачје. Да бидат
срушени, само поради ознаката со
„црвена боја“. Партиципацијата
на скопските архитекти во овој
сегмент од обновата на градот
беше минимална и неформална,
исто како што е и сега, во врска
со квази обновата на историската
меморија, без почитување на
естетски и бројни други норми,
поврзани со овој сегмент на
секоја урбана агломерација. Виенската музика од златниот
период на Австроунгарската
империја е вечна и покрај
фактот што миленик на дворот
бил Салиери, а божествената
музика ја правел Моцарт

 

ЕКСПЕРИМЕНТАЛЕН ГРАД

 

Југословенската и меѓународната
помош беше примена со
раширени раце!
Народната вели: на поклонет
коњ заби не му се гледаат.
Скопје го прогласија за отворен
град. Како во воени услови.
Командата над обновата и
изградбата на изрушениот град
и тогашните населби ја презедоа
разни компетентни домашни и
меѓународни тела и организации. Се
што беше во доменот на формалното
одлучување беше во „наши“ раце.
Но, клучните одлуки за Програмата
за обнова и изградба на Скопје се
носеа од телата на ОН, каде што
нашето влијание и партиципација
беше симболично. Ова му доаѓа како
асоцијација на Јајце во 1943 година
и Лисабон во 1992 година, каде се
носеа одлуки од значење за нас, но
ние од Македонија бевме отсутни!
Наместо отворен град, Скопје се
претвори во експериментален град.
Мислам дека експериментот не е
успешен, но за жал уште трае! Сите
плански документи за зголемување
на бројот на жители на градот
беа пробиени. Наместо да има
350.000 жители во 1980 година,
Скопје веќе во 1981 имаше 505.000
жители. Ова повеќе не беше град
на скопјани – дојденците од сите
вери и нации беа мнозинство. Тие
што го сакаа Скопје беа раселени
и не живееја повеќе тука!
Што е постигнато во овој
период, а не смее да биде
ставено под знак на прашање:
1. Регулацијата на реката Вардар.
2. Централниот топлификационен
систем, но не како монополска
организација и делумен загадувач
поради користењето на енергенси
кои испуштаат материи што ја
загадуваат атмосферата.
Многу капитални зафати и
објекти останаа нереализирани
во разумен временски рок, затоа
што не беа сообразни со реалните
планирани финансиски можности.
Станаа утопистички! За жал!
Како архитект кој целиот
свој работен век го поминал
во реномирана проектантска
организација, како архитект-
проектант, сакам со личен став
и коментар да посветам малку
простор и за тоа што сметам дека
е добро направено со почитување
на основните параметри што ја
дефинираат градбата, и кои трајно
ќе сведочат дека во себе ги имаат
вистинските достоинства на трајна
и вредна архитектура. Но, исто
така, сакам да кажам и за оние што
не ги содржат овие вредности.
Не се чувствувам доволно
компетентен да ги коментирам и
јавно да ги оценувам вредностите
и пропустите на тогаш усвоениот
Генерален урбанистички план,
усвоен во ноември 1965 година.
Моето набљудување би го започнал
со Меѓународниот повикан конкурс
за оформување на централно
градско подрачје. Повикани биле
8 авторски екипи (или поединци)
од целиот свет. Четири покани
за учество беа упатени на автори
надвор од СФРЈ, и четири на автори
од СФРЈ. По усвојувањето на ГУП во
согласност со тогашните законски
барања, во 1965 година беше
донесена одлука за распишување
на повикан меѓународен конкурс
за урбанистичко решение на
централното градско подрачје.
Основните барања на конкурсот беа
следните: да се добие достоинствен
центар на главниот град, да се
сочува Старата чаршија, а тврдината
Кале да учествува во урбаната
композиција. Коритото на реката
Вардар се наметнува како оска
на ова комплексно решение.

 

ЕКСПЕРИМЕНТАЛЕН
ПОЛИГОН

 

Истовремено, како ограничувачки
фактори беа тврдината Кале
да учествува во урбаната
композиција, и да се сочува
Старата скопска чаршија.
Во утврдувањето на барањата
за учесниците, нашата локална
партиципација беше изразена
преку учество на два претставника
од Скопје во меѓународниот
констултативен одбор за обнова и
изградба на Скопје – дипломирани
економисти. Ниту еден домашен
архитект! Во меѓународната
оценувачка комисија за избор на
најдобро идејно урбанистичко
решение на централното градско
подрачје на повиканиот конкурс,
од вкупно осум члена имаше еден
претставник на локалната власт-
дипломиран градежен инженер!
Сите учесници ги доставија
своите трудови во согласност со
барањата на распишувачот и во
предвиден рок. Во расписот не
се сугерираше, или не дај боже
да се бара, да се сочува или
да се вклопи нешто што до 26
јули 1963 година претставуваше
меморија или иконографија на
градот. На учесниците сè им беше
дозволено. Ниту еден труд не се
надоврза на она што де факто беше
препознатлива матрица и слика
на градот што функционираше
до земјотресот. Со планските
документи, де факто, расчистивме
сè што ураганот не успеал да
го стори. Во сите области на
живеење и дејствување епилогот
е сличен или ист. Туѓата рака
никогаш не чеша добро! Градот
од отворен го трансформиравме
во експериментален полигон.
Зарем и ова не асоцира на
привремената употреба на името
БЈРМ за три месеци?! Не знам
дали имаме право на некого да
посочуваме за грешните проценки
и очекувања во 1943 и 1963 година,
но факт е дека ние баравме
поддршка и помош! Безусловна!

skopje-katastrofa-2.jpg

НАГРАДА „БОРБА“

 

Скопските архитекти цели три
години беа во исчекување да
отпочне планскиот период за обнова
и изградба на Скопје. Во меѓувреме,
времените монтажни објекти станаа
трајно добро. Сè беше во игра. Ги
немаше сегашниве тендери, но
местенки на сите нивоа имаше. Се
формираа центри на финансиска
моќ за вонредни услови со траен
мандат?! Нас архитектите како
да не изеде темнината. Никаде
нè немаше! Како илустрација на
предходно кажаното, на првото
доделување на Сојузните награди
за архитектура во 1965 година,
кое се доделуваше на денот на
основањето на НИП „Борба“,
Република Македонија учествуваше
со ГУП на Скопје што беше оценето
дека е надвор од правилникот
на „Борба“. Наградата ја добива
реализирано архитектонско дело.
Да заклучам, во претходната 1964 година во Македонија не
е реализирано архитектонско
дело што Републичката комисија
би го номинирала да се бори за
Сојузната награда на „ Борба“.
За ова мислам дека е доволно.

 

КЕНЗО ТАНГЕ

 

Во овој временски меѓупростор,
вредно е да се забележи дека
по земјотресот во 1963 година
не функционираа друштвата од
градежната струка и сојузи, и сите
активности главно се случуваа
инцидентно и со личен ангажман.
Архитектите на Скопје ја имаа
таа привилегија во 1965 година
во нивниот град официјално да
престојува познатиот светски
архитект Кензо Танге, како носител
автор на „девета варијанта за
оформување на централното
градско јадро на Скопје“. За
пошироката јавност, плановите
се изготвуваа од врвната екипа
во просториите на Заводот за
станбена изградба –Скопје. Во
длабока „илегала“ со мерка на
конспиративност! Зошто, не знам?!
Со позитивна реакција и
максимална кооперативност,
градоначалникот на Скопје, другарот
Благој Попов, организираше средба
помеѓу архитектот Кензо Танге и
претставниците на бројни архитекти
на Скопје, на која беше договорено
дека кога следниот пат Танге ќе
биде повторно во градот, ќе дојде
подготвен за директни средби со
архитектите–колеги, кои требаа да
ги реализираат идеите за целосна
обнова на разрушениот град. Долго
очекуваната и најавена средба со
архитектот Кензо Танге се случи на
13 јануари 1966 година. Средбата
се одржа во големата кино-сала во
Домот на градежните работници.
Немаше празно место! Присутни
беа луѓе од еснафот, но и поединци
заинтересирани за судбината
на нашиот град, за плановите и
визијата на овој светски признат
неимар. Гостинот, за време на
нашето повеќечасовно дружење во
кино-салата, прво ни го претстави
озвучениот колор-филм поврзан
со олимпискиот базен во Токио,
на кој во 1964 година се одржаа
пливачките натпревари, а потоа
одржа предавање со симултан
превод за неговото сеќавање на
архитектурата, како органска
комплексна појава. На приемот
што беше одржан по предавањето
во банкет-салата на Гранд хотел
Скопје, во присуство на бројни
претставници од политиката и
јавниот живот, останува запаметена
изјавата на архитектот Танге: „цело
време се прашував кој ќе го подига
разрушениот град, во услови кога
јас бев упатен да контактирам со
максимум пет архитекти, а вие во
градов сте имале 200 дипломирани
инженери архитекти “. Точно е
бевме доволно бројни! И веројатно
компетентни! Но, центрите на моќ
ни ги вреднуваа и верификуваа
дипломите и знаењата?!

 

АТРАКТИВНИ ЛОКАЦИ

 

По усвојувањето на т.н. девета
варијанта за оформување на
централното градско подрачје,
почна, во уличен жаргон кажано,
капарисувањето на атрактивните
локации. Прва од барабанот излезе
локацијата за зградата на ЦК на
СКМ. Настојувањето објектот
да мора и треба да биде покрај
голема река, веќе беше видено во
Загреб и Белград. За наша голема
среќа, изградениот објект како
прво награден на југословенски
анонимен конкурс, го имаше сето
достоинство на врвна архитектонска
идеја и реализација. Офицерскиот
дом, кој пред земјотресот имаше
маркантна позиција на плоштадот
и на кејот покрај реката Вардар,
беше неодминлив дел од културните
збиднувања од највисоко ново.
Иконографијата беше дел од
мимикријата што се случуваше со
фигуративното во реалниот простор.
Останува нејасно и неодговорено,
зошто на енормно голем простор
и на релативно експонирано место
е доделена локација за обнова
на срушениот „Дом на ЈНА“. Пред
земјотресот, објектот зафаќаше
простор со големина 70 на 25
метри, а со новата локација доби
повеќекратно поголем простор.
Со ваква дистрибуција на
локациите и просторот, градот
и денеска не е во можност да
ја поврати силуетата на „широк
сокак“ на Скопје. Дојденците од
сите вери и нации, од урбани и
неурбани средини, беа новите
кројачи на главниот град на
Републиката, а резултатот на
ваквиот дизајн е очигледен.
Малкумина од овој корпус што имале
мандат и овластување да влијаат
на бројните фази од обновата и
изградбата на разрушениот град,
ни случајно не се подготвени да ја
понесат одговорноста за погрешните
одлуки и конечни реализации.
Треба да се истакне дека со бурен
аплауз беше пречекана одлуката на
градот, за изградба на капитални
објекти да се стигнува преку јавни
и анонимни конкурси, пред сè,
од југословенски карактер. За
неколку објекти, до решенија се
стигна преку учесници повикани од
истакнати архитекти во СФРЈ или
градот Скопје. Како било, во секоја
од овие варијанти, до решенија
требаше да се стигне преку јавен
и професионален натпревар.

 

ОБЈЕКТИ

 

Како на бескрајна лента почнаа
да се редат проекти и реализации,
во потесно и пошироко градско
подрачје. Во навраќањето и
појаснувањето, ќе се задржам на
објектите за кои може безрезервно
да се коментира дека ги исполнуваат
основните архитектонско-
урбанистички барања и стандарди на
трајни вредности, но и на објектите
што за жал, не ги поседуваат таквите
вредности. Неколку значајни
објекти од палетата на општествено-
културниот живот на метрополата
ги изненадија планерите при
распределбата на локациите за:
- МАНУ, од проста причина што
ние Академија тогаш немавме,
но евидентно беше во „проект“.
Решението беше најдено со
преполовување на просторот
планиран за „Домот на младите“.
Избраниот простор што едвај го
тангира централното градско
подрачје, освен близината на
реката Вардар, не ги задоволува
основните критериуми за ваквиот
објект. Изведениот објект за
зградата на МАНУ претставува
врвно архитектонско остварување.
Единствениот објект на просторот
на градот Скопје, за кој авторот и
професорот Борис Чипан е добитник
на Сојузната награда на „Борба“
за архитектура во 1976 година.
- Посебна приказна, која мора
да биде достапна за јавноста, е
поврзана за проектот и изградбата
на Музејот за современа уметност
на ридот Градиште, во непосредна
близина на тврдината. Однапред
беше извесно дека проектот за овој
објект ќе биде подарок за градот
од Република Полска. Проблемите
се појавија кога беше побарано и
начелно одобрено, овој проект да
биде изграден на ридот Градиште,
со коментари и став за сите добри
и лоши страни на овој избор
на просторот. Поборниците за
сочувување на овој дар од природата
за идните генерации, на клучното
гласање во Советот за урбанизам на
град Скопје, беа надгласани со осум
спрема седум. Ваквиот однос на
оние што градат и оние што „даваат“
наше , а не нивно, благо асоцира
на полемиката: дали локацијата
за сегашната Американска
амбасада не можела да биде на
некое исто така добро место. Не
сакам да давам личен коментар
за архитектонските достоинства,
зашто едно од барањата за секоја
архитектонска градба е и местото!
- Сегашната повеќенаменска
сала „Борис Трајковски“ има долга
приказна од почетокот на идејата
за изградба на „Дом на спортовите“
влезена во потесната програма
за изградба на капитални објекти
по земјотресот, со обезбедени
неповратни финансиски средства, со
закон. Како и за објектот на МАНУ,
немаше маркица, односно беше
нацртана на местото на сегашниот
Олимписки базен. Во согласност со
тогашниот протокол, за претседател
на Одборот за изградба на овој
објект, беше именуван тогашниот
претседател на Градскиот комитет
на СКМ. На финализацијата на
проектот по успешно завршениот
анонимен југословенски конкурс,
работеа бројни специјалисти од
разни инженерски специјалности.
Локацијата се расчистуваше, а на
раководителот на проектот, од
добро информирани извори му
беше шепнато дека „домот нема да
се гради од политички причнини.“
Финансиите планирани со закон за
овој објект, беа прераспределени
и „наменски“ употребени за
оформување на најјужното
отворено лизгалиште во Европа
во СРЦ „Кале“, за кајак центарот
„Треска“, за ревитализација на
салата „Кале“ и слично. Скопјани
сонот го досонуваа во 2008 година
со изградба на салата „Борис
Трајковски“, со концепт во кој
универзалноста и профитабилноста
беа второстепени критериуми.
Универзална сала со
социјалистички предзнак, мора
да биде ставена на социјалната
карта на државата и да се користи
за секојдневно функционирање,
во сите 365 дена во годината!

 

 

арх.Трајко Димитров

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top