Насловна / Вести / Науката од регионот наспроти еколошките предизвици

Науката од регионот наспроти еколошките предизвици

Во првата половина од ноември, Букурешт беше домаќин на шесттата по ред меѓународна Конференција за заштита на природните ресурси и управување со животната средина PRONASEM 2016 (Protection of Natural Resources and Environmental Management: The Main Tools for Sustainability). Конференцијата е во организација на Балканската асоцијација за заштита на животната средина B.EN.A (Balkan Environmental Association), романската Академија на науките (Romanian Academy) и Политехничкиот универзитет од Букурешт (Polytechnic University of Bucharest – UPB).photo-welcome-ceremony-2

Свеченото отворање се одржа во грандиозната сала на Академијата (Aula Magna), додека сите тематски сесии беа во конференциската сала на библиотеката во рамките на Академијата (Romanian Academy Library), сместена непосредно до седиштето на Академијата. Уште од 1867 година (самата Академија е основана во 1866 година), библиотеката е ризница на околу седум милиони книги, над 4,5 милиони документи на микрофилм, голем број калиграфски и уметнички збирки, стари ракописи од византиско време и сл. Во збирката дела со уметничка вредност се вбројуваат и оние потпишани од Рембрант, Делакроа, Гоја и др.20161111_170933-1

Асоцијацијата B.EN.A е непрофитна и невладина научна организација формирана во Солун 1998 година, со цел развивање научен пристап во решавање на еколошките проблеми на Балканот и предлагање на одржливи решенија за поквалитетна животна средина во регионот. Во рамките на B.EN.A, а секако и на конференциите што асоцијацијата ги одржува, учесниците се организирани во секции според специјалноста (инженери, лекари и сл.), но преку заедничка соработка сите се стремат кон истата цел – одржливи технички решенија и одржливи политки за подобра животна средина и подобро здравје на луѓето. Издава и свое научно списание со импакт фактор.11112016008

На овогодишната конференција, покрај присуството на голем број научни работници од балканските земји (Бугарија, Романија, Македонија, Србија, Грција, Албанија, Хрватска и Турција), со свои трудови земаа учество и научници од Чешка, Унгарија, Молдавија и Словенија, а особено треба да се истакне дека меѓу поканетите предавачи беше и Emmanuel Tsesmelis, физичар од престижниот ЦЕРН (CERN – the European Organization for Nuclear Research) од Женева и визитинг професор на Универзитетот Оксфорд. Имено, токму лабораторијата на ЦЕРН претендира да стане модел за истражувачки центар со највисока еколошка свесност, преку бројните одржливи решенија кои ги имплементира.11112016003

Се разбира, најголем број трудови беа презентирани од учесници од земјата домаќин, а се однесуваа на штетното влијание на поморскиот транспорт (загадувањето со јаглеводороди) по делтата на Дунав и Црно Море, квалитетот на водата во Дунав, решенија за одржлив риболов во Црното Море, користењето на тињата во земјоделството од постројката за третман на отпадни води во Галати, како и загаденоста на почвата со тешки метали во индустриските области во Романија.  Опасностите од азбестот беа тема на интерес на романскиот медицински тим преку анализата на инциденцата на мезотелиома во југоисточна Романија.

Турските учесници, исто така, посебен акцент обрнаа на ризиците во Црноморјето и Мермерното Море, со осврт на присуството на тешки метали во рибите од овој регион, што завршуваат како храна на трпезите. Интересно беше и излагањето на тимот од Техничкиот универзитет Карадезниз од Турција, кои претставија студија на случај која ги антиципира ризиците од поплави. Ризиците по биодиверзитетиот во Солунскиот залив и промените во видовите од рибниот фонд, беа тема и во презентираните истражувања од страна на грчките претставници. Истражувачите од Бугарија беа фокусирани на одржливите практики во земјоделството и заштитата на здравјето на потрошувачите преку анализата на влијанието на пестицидите врз промената на некои протеини, како и важноста на балансираното ѓубрење на земјоделските површини.i01

Беше акцентирана и важноста на квалитетот на внатрешниот воздух во објектите, преку анализа која е спроведена во југоисточниот дел на Бугарија (влијанието на индустријата во тој дел посебно рафинеријата во Бургас). Квалитетот на воздухот беше тема и на истражувачите од Хрватска, кои ги претставија резултатите од спроведениот биомониторинг на квалитетот на воздухот во универзитетскиот кампус во Осијек, со користење на лишаи како индикатор,

Во излагањето на проф. д-р Даме Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје, беше даден осврт на проблемите со загадувањето на воздухот во Тетово. Индиректно, на квалитетот на воздухот беше посочено и во трудот за еколошките индикатори важни за оценка на опциите за снабдување на природен гас во Македонија (д-р Даниела Младеновска, проф. д-р Ана Лазаревска, проф. д-р Михаил Кочубовски). Група автори од Машинскиот факултет во Скопје и Факултетот за електротехника и информатички технологии – ФЕИТ, се осврнаа на варијациите на сончевото зрачење на балканскиот регион, како и оптималното конципирање на комбиниран систем за греење со максимално учество на соларната енергија. Проф. д-р Зоран Шапуриќ и Филип Ивановски од Универзитетот Американ колеџ во Скопје, претставија предлог решенија за поефикасно третирање на отпадот во депонијата „Дрисла“.photo-grup

Приоритетот на Албанија е заштита на биодиверзитетот во Скадарското Езеро, при што беше анализирано влијанието на фосфорот и фосфорните соедниненија врз намалувањето на концентрацијата на кислород, додека српските научници од Универзитетот во Белград, со посебно внимание ги анализирале концентрациите на штетните елементи во јагленовата прашина од активните рудници во Србија, како и нивното влијание врз човековото здравје.

Зелените паметни градови како и зеленото урбанистичко планирање, исто така беа предмет на интерес на овој настан, а како посебно интересно излагање во овој дел треба да се истакне Студијата за ефектот врз животната средина од илуминацијата на историските објекти во Турција. Во фокусот беше и прашањето на одржливо архитектонско планирање во чекор со негативните ефекти од климатските промени, оптималниот број на население како услов за одржлив град, како и концепти за одржлив туризам.

На крајот, наместо заклучок, веројатно најсоодветна е следната констатација: Во настојувањето да се најдат одржливи решенија за еколошките проблеми, најважно е проблемот да се идентификува во неговата вистинска светлина, без маска. Не само што така работи светот, туку ете и регионот веќе се приклучува. Оваа конференција беше можеби редок пример, но одличен доказ за поткрепа на тврдењето.

Испрати коментар

Scroll To Top