Насловна / Вести / Меѓународна конференција на студенти по градежништво

Меѓународна конференција на студенти по градежништво

„Да се биде или не, прашањето е сега?“ Одговорот на ова вечно поставувано прашање требаше, или барем се очекуваше да биде најден по „борбата за ум и престиж“ на петтата по ред Меѓународна летна конференција на студенти по градежништво одржана во период од 9 до 15 јули оваа година. Организатор на оваа „борба“, а со тоа и на жестоките битки кои меѓусебно ги водеа идните градежници беше Градежниот факултет од Осијек, Република Хрватска. Во секоја борба постојат спротивставени страни, но во оваа интересен и по малку „застрашувачки“ беше фактот што до спротивставување на знаења и искуства дојде помеѓу два континента. Па така, во потрагата по „престиж“ учествуваа тимови од Република Македонија, Србија, Грција, Турција, Романија, Египет и НР Кина. Кој беше концептот? Секоја држава имаше еден или повеќе тимови, секој сочинет од два члена, кои требаа да „напаѓаат“, односно да се „бранат” преку презентација на труд и изработка на модел од однапред дефинирани материјали и димензии на елементите. Секој модел по изработката беше тестиран на подлога која симулираше записи од реални земјотреси.
Учесниците не ги избегнаа „заговорите“, поттикнати од желбата за победа, па така стратегиите на „противниците“ се обидуваа да ги дознаат на забавите и културните ноќи организирани од страна на студентите домаќини. Не останавме настрана, па учествувавме во кроењето стратегии.
Нашиот тим, своето поле на борбениот фронт го бранеше со трудот прикажан подолу.

Untitled-1

Слика 1. Учесници на ISUCCES 2017

АНАЛИЗА НА РЕЗУЛТАТИ ОД РАЗЛИЧНИ АНАЛИТИЧКИ ПРИСТАПИ НА МОДЕЛИРАЊЕ НА МОСТ СО КОСИ ЗАТЕГИ

Во урбаните градски средини, мостовите со коси затеги се едни од најефективните и најелегантните конструктивни решенија. Во трудот беше анализиран пешачки мост со коси затеги. Притоа, главната цел беше да се добијат компаративни резултати од нелинеарната анализа, спроведена по пат на два различни пристапи и да се истакнат разликите во вредностите и распределбата на внатрешните сили на конструктивните елементи на мостот.
Анализираниот мост го сочинуваат два главни решеткасти гредни носачи што премостуваат распони од 29 m, со вкупна должина на мостот од 116 m, потпрени на кабли, кои од своја страна се прицврстуваат на пилонот. Пилонот е наклонет, така што неговата сопствена тежина придонесува кон позитивното однесување на конструкцијата; наклонетоста на пилонот соодветствува на положбата која ја зазема човековото тело кога влече јаже. Првото, второто и последното потпирање е круто, додека средните две потпирања со каблите е соодветно. Висината на решеткастиот главен носач изнесува 1,45 m, додека растојанието помеѓу двете решетки е 4,00 m. Композитната пешачка патека се потпира на секундарни челични носачи кои се поставени помеѓу главните. Товарите што дејствуваат на мостот се симулирани преку постојани товари, аплицирани при различни фази на монтажа и подвижно натоварување кое ги симулира пешаците. Нивното влијание врз однесувањето на мостот е земено предвид и адекватно анализирано преку два различни пристапи.

2

Слика 2. 3D приказ од работничката документација

Првиот пристап разработува аналитички модел кој ја опфаќа целата конструкција, соодветно товарена за секој одделен случај на товарање. Овој модел е резултат на други поедноставени модели кои се дел од таканаречениот метод на декомпозиција. Овие поедноставени модели го симулираат нелинеарното однесување на конструкцијата, што води кон крајниот модел за нелинеарна анализа на мостот. Главна проблематика и цел е дефинирање на крутоста на конструкцијата и добивање на нејзината конечна форма.

3

Слика 3. Деформиран облик на конструкцијата, за постојани и променливи товари

Вториот пристап разработува модел кој ги зема предвид одделните фази на монтажа. Во рамките на овој пристап товарите се аплицирани при секоја од фазите, така да одговараат на реалното однесување, односно на различните статички системи, сѐ до комплетирањето на овие фази и сето тоа во таканаречен „staged construction“ случај на товарење, притоа поедини делови може да се додадат или да бидат отстранети, согласно со планот на монтажа. Скратувањето на каблите кое се случува во секоја од фазите на монтажа соодветно води кон дефинирање на конечната должина на истите, а со тоа се дефинира и крајната форма на мостовската конструкција.

4

Слика 4. Деформиран облик на конструкцијата, при различни фази на монтажа

Резултатите кои произлегуваат од нелинеарната анализа, а се однесуваат на разликите во интензитетот, односно редистрибуцијата на внатрешните статички влијанија кај разгледуваните елементи од мостовската челична конструкција, се дадени така да ја отсликаат разликата на вториот пристап во однос на првиот. Добиените и прикажаните резултати укажуваат на разликите кои би се јавиле доколку една конструкција се анализира преку два различни методи, а кои произлегуваат од различниот пристап во нелинеарната анализа. Вториот метод, при кој се врши соодветно скратување на каблите на крајот од секоја од фазите, е поефективен, како во поглед на граничната состојба на носивост, така и во поглед на граничната состојба на употребливост, споредбено со првиот метод кој ја анализира само целосната конструкција, а не и фазите кои претходат.

Преглед на констатирани разлики помеѓу аналитичките пристапи

Наслов  (%)                                        Наслов  (%)
Врв на пилонот -61.20                        Горен појас-23.10
Трето лежиште – кабел -38.30         Долен појас-19.03
Четврто лежиште – кабел -24.77     Кабел 1 +3.72
Максимални поместувања +10.10  Кабел 2 -8.62
Кабел 3 -4.48
Напрегања во пилонот -16.38

Разликите и предноста кои се на страна на вториот метод се должат на фактот дека истиот го анализира реалното однесување на конструкцијата, односно анализира сѐ што ја чини крајната форма со која се карактеризира челичната мостовска конструкција.

5

Слика 5. 3D изглед на мостот

Се „боревме“, се „браневме“ со презентација на горенаведениот труд, како и со изработка на соодветно замислениот модел. И на крајот – што?… На крајот, како и секогаш, секого го интересира кој победил, а кој претрпел пораз… Исто така и нас само тоа нè интересираше на крајот… НЕ! Ниту нас нè интересираа победници, ниту постоеше „битка за престиж“. Не постоеја ниту тајни стратегии. Битката која реално се водеше на оваа Меѓународна летна студентска конференција беше битка за создавање што е можно повеќе пријателства и битка како да му се помогне на колегата, пријателот. Ноќите на кроење „заговори“ беа само ноќи на кроење нови искуства и знаења, кои несебично ги споделуваа сите „борци – градежници“. Нормално дека владееше и некој натпреварувачки дух кај „борците“, но истиот поттикна само здрава конкуренција, која значеше и значи напредување на поле на струката. Битките меѓу континентите, кои се водеа на културните ноќи, беа само презентација на својата држава и учење на нешто ново и интересно за другите држави. Сето она што се случи, сите стекнати пријателства, знаења, искуства и зближувања на различностите, претставува порака, која студентите градежници ја испраќаат и која сега ја испраќаме кон сите чинители на денешното општество. Која е таа порака, што носи? Кажува дека колегите, пријателите не треба да ги гледаме како непријатели, туку како конкуренти кои би нè поттикнале само на позитивен напредок, како пријатели кои ќе ни подадат рака, како што и ние треба да им подадеме рака, како што мостот значи подавање рака на два спротивни краја.
Ние инженерите треба да бидеме херои на човештвото. И сме. Ако сакаме да пратиме порака, тогаш треба да бидеме пример за другите. Искрените пријателства кои ги создадовме на оваа конференција треба да нè поттикнат да бидеме искрени кон себе и да се однесуваме инженерски, да создаваме вистински и квалитетни конструкции, кои ќе оддаваат слика на луѓе кои се фер и прецизни, инженери на секое поле од човековото битисување.
На крај, би сакале да одговориме на примарно поставеното прашање – „Да се биде или не?“ ДА, „Ќе се биде“, и тоа сегa. Велиме ДА на инженерското однесување и на создавањето пријатели меѓу колегите. И уште едно прашање на кое би сакале да дадеме одговор: Дали ќе се потрудиме да организираме нешто конструктивно од карактерот на оваа конференција и кај нас? ДА, и ДА со сѐ горенаведено да почнеме уште денес, уште сега!

Автори: Александра Чубриновска
Дејан Геговски
Учесници на ISUCCES 2017 од Градежен факултет – Скопје

Еден коментар

  1. dgi Rade Trninik

    se gordeam vo vakvi momenti na uspesi na mladite inzeneri se nadevam na bliska realizacija na vakvi proekti od svetskiot trend – a ne kako dosega SKOPJR 2014 sreden vek – momentalno na Skopje mu falat sigurni 3-4-5 mostovi na rekata Vardar poraka do graddskiot tatko za zemanje vo realizacija na ovoj proekt vo pesacka ili soobrakajna funkcija – najelegantniot najubaviot se naj most na reka Vardar po mene e mostot koj go izraboti FAKOM – brzina na montaza i stavanje vednas vo funkcia bes potpori vo rekata EXSELENT

Испрати коментар

Scroll To Top