Насловна / Архитектура / Институт за вино, лозарство и енологија

Институт за вино, лозарство и енологија

kristina jordanovska wine center

Магистерскиот труд на Кристина Јордановска, работен под менторство на професор д-р Анета Христова Поповска, од катедрата за проектирање општествени згради, се однесува на активностите и видовите објекти кои влегуваат во стратегијата за развој на „Винскиот пат“, усвоени од Сообранието на Општина Кавадарци за Тиквешкиот регион, со посебен акцент на истражувачките капацитети кои го испитуваат квалитетот на продуктите од лозарството, поточно појава на т.н. „Вински институт“.
Градот Кавадарци, како средиште на настани од областа на виното и лозарството, има потенцијал да прерасне во центар на образованието и науката од оваа област со појавата на Институт за вино, лозарство и енологија. Преку детектирање на проблемот и негово детално истражување и солуција, се отвора палета на можности не само во градот Кавадарци туку низ целата територија на Република Македонија, каде институтот ја шири својата дејност, давајќи едно ново значење на виното во земјата. Воедно, овој истражувачки центар би претставувал магнет за туристи, посетители, студенти, чиј главен интерес е виното.
Просторна организација
Содржините на Институтот за вино, лозарство и енологија се сублимирани во три објекти: истражувачки дел, администрација и образование кои се испреплетуваат во два објекти со подрумски простории, приземје и кат, и третиот објект е објектот со сместувачки капацитети, кој зафаќа приземен дел и два ката како и мостовска врска со образовниот оддел.
Архитектонски концепт
Проектот претставува просторно организирана низа на објекти кои ги пратат природните правци на локацијата и нејзината околина, формирајќи трактови кои го „прегрнуваат“ просторот и даваат завршен потег на претходно започнатата композиција од слободностоечки структури. Објектите од комплексот се поврзани со систем на платформи подигнати од теренот на одредена висина, така што се појавуваат две платформи кои остваруваат врска помеѓу објектите и врска на објектите со партерот и околината, и две платформи кои претставуваат висински премин од еден во друг објект. Објектите се одликуваат со различна висина соодветна на функционалните потреби на секоја од содржините, притоа создавајќи смирен обликуван ритам кој се вклопува во градската силуета на градот Кавадарци. Вака поставени, објектите формираат внатрешен двор, кој, иако претставува јавен простор, сепак, има доза на приватност која ја одржува границата на индивидуалност во однос на околните објекти.

wine center scheme
Обликувана постапка
Во однос на обликуваната постапка, движењата на теренот создаваат ритам совладувајќи ги висинските разлики. Овие движења формираат специфична траекторија која ги поврзува котата на теренот и котата на подрумските простории, кои се од функционално значење за истражувачкиот дел на институтот, па се простираат под целиот комплекс создавајќи мистичен архитектонски простор.
Денивелацијата на теренот создава прекрасни глетки кои овозможуваат комплексот да се доживее од различни коти на теренот, што ја дополнува возбудливоста на самиот простор. Денивелацијата е овозможена преку рампи и скали кои се вкопани во теренот, притоа создавајќи отворени простори, еден вид „џебови“, кои ја збогатуваат оваа урбана средина и претставуваат точки на настани и дружење на посетителите со вработените, студентите и другите корисници на институтот.
Рампите што се јавуваат во подрумските простори на истражувачкиот објект, покрај тоа што имаат улога за пренесување на грозје во складот, во одреден период служат и како места каде што посетителите би можеле да го искусат и осознаат процесот на производство на виното. Ваквата отвореност на рампите и просторите што се создаваат, сочинуваат поинаква атмосфера на настани и социјални активности.
Одржлива архитектура
Уште еден важен аспект кој треба да се има предвид е потребата од создавање посебни услови во кои може да се одвива истражувачката дејност, истовремено водејќи сметка за енергетската ефикасност и издржливост на проектот.
Стаклените панели од обликувањето на фасадата на институтот се предвидени со двојно застаклување со високи перформанси. Главна цел на ваквите стаклени панели е да се искористат изолациските својства на просторот со воздух или гас за намалување на коефициентот на пренесување на топлината. Акумулираната енергија од сончевото зрачење е неисцрпен потенцијал кој постојано природно се обновува. Геотермалните топлински пумпи, предвидени како систем за греење и ладење во склоп на институтот, работат со најефикасна природна размена на енергија, пренесувајќи ја енергијата од сонцето, акумулирана во земјата, директно во самиот објект.
Истражувањето на историскиот пат на виното во Кавадарци и неговиот одраз во културата и традицијата на овој град, како и анализирањето на конкретната проблематика на предметната локација беа клучни во поврзувањето на комплексот со опкружувањето и формирањето на научно-образовна и истражувачка институција која отвора нова етапа во областа на науката, производството, образованието, културата и туризмот.
Новопроектираниот институт целосно се вклопува во околината и функционално и обликувано, така што создава чувство како секогаш да припаѓал на таа локација. Комплексот вклучува нови високи технологии во одделот за истражување, производство и образование, надоврзувајќи се на постоечките образовни центри на самата локација и создава една целосна приказна за историјата, традицијата и културата на грозјето и виното и нивното огромно значење на овие простори.

Испрати коментар

Scroll To Top