Насловна / Архитектура / Да го спасиме шеталиштето на кејот – чуварот на нашите спомени

Да го спасиме шеталиштето на кејот – чуварот на нашите спомени

 

SK7A (2)

Годината, месецот и денот повеќе и не ги паметам. Она што го паметам е дека беше пролет, мирисаа липите на кејот, мирисаше Вардар со оној негов, за нас скопјаните познат мирис. И паметам дека бев се уште дете кое трчаше со другите деца по улицата на кејот, поплочана со базалтни коцки. Немаше во тоа време автомобили, можеби одвреме навреме поминуваше по некој. Но имаше многу луѓе кои шетаа. А мене онака мал, се ми изгледаше големо и убаво. Беше тоа одамна, еден од оние преубави скопски пролетни денови од моето детство. Ех, кога реката и кејот би знаеле да говорат, би раскажувале приказни безброј и без крај. Приказни за предземјотресното Скопје и за она после земјотресот, за рушења и градења, за секојдневијата на некогашните и сегашните скопјани, за безимените дела направени во име на доброто, на љубовта и храброста. Беа тоа убави и безгрижни денови, денови на секојдневни дружења. Бевме млади и верувавме во иднината што ја гледавме тука, не некаде надвор!

_DSC0002

Кејот, во времето на мојата младост, се протегаше од железниот мост, кај денешната МАНУ, и одеше се до почетокот на паркот. Но најголемото шеталиште беше од Офицерскиот дом до Новиот мост, каде што сега се наоѓа хотелот „Холидеј Ин“. Во улицата под кулите имаше две книжарници; едната беше „Младина“, другата „Македонска книга“. Во едната од нив голема слика на Скопје од пред земјотресот, со Камениот мост на реката Вардар, Офицерскиот дом, Народната банка и со дел од кејот. И во далечината Водно, голо без дрвја, како некој тогашен Коце да го испокасапил? Само сликите долго се паметат, а зборовите  уште утре можат да го сменат својот ред и да ти велат нешта кои никогаш не се случиле. Останаа многу слики во мојата глава.

_DSC0003
Во седумдесеттите, откако се изгради Трговскиот центар, се направи дискотеката „Мусандра“. Се собиравме на кејот во голем број и потоа одевме да се забавуваме со тогашните диско хитови. Ја нема повеќе „Мусандра“, ги снема многу места од нашата младост. Но тука сме ние што паметиме. А паметам дека некаде на почетокот од деведесеттите улицата на кејот ја поплочија. Дојде таканаречената транзиција во која сме заглавени до денешен ден.

_DSC0006
Продавниците станаа кафулиња, летните кафански бавчи почнаа да се шират низ просторот. Кејот повторно стана шеталиште на младите и место на собирање.

_DSC0012
Пред неколку години, на местото на некогашната Народна банка се изгради една од, по мое мислење, најгрдите згради, која не е дел од проектот „Скопје 2014“, зградата на „Македонски телеком“. Ја изградија без сообраќаен пристап до неа!

_DSC0004

 

И сега, за да можат вработените да доаѓаат со коли до своите работни места, нам, на скопјаните, сакаат да ни го одземат просторот по кој шетаме.

_DSC0005

Шеталиштето сакаат да го претворат во пристапна улица за коли, така што ќе нема многу место за нас пешаците. Можеби ќе нема место ни за кафулиња.

_DSC0009

Ќе нема ли место и за заљубените и за љубовта? А без љубов кој ќе го сака градот? Во името на љубовта и во името на нашите спомени да не дозволиме да ни го одземат шеталиштето на кејот. Да не дозволиме уште еден дел од нашето Скопје да стане некаков спомен!

_DSC0001

Еден коментар

  1. Анонимен

    na uzurpiranoto zemjiste postoese ulica
    samo pametnjakovici si ja kupile ulicata kako dvorno mesto i sega se pravat ludi
    SAMO ZNAM KOJA BUDALA IM GO DOZVOLILA SETO TOA A SEGA SE PRAVI LUD PLEMETO NEGOVO CIGANSKO

Испрати коментар до Анонимен Откажи

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top