Насловна / Архитектура / За вистината во архитектурата станува збор

За вистината во архитектурата станува збор

visinata-vo-arhitekturata-thumb.jpg

Повод за оваа моја реакција претставува написот во весникот "Вечер" (24.01. о.г), под наслов "Ѓунер Исмаил – архитект над архитектите". Авторот не е наведен, но бидејќи написот зазема цела втора страница, може да се претпостави кој стои зад него.
Доколку овој напис претставува некаков критички осврт на јавната трибина (одржана на 21.01. о.г.) "против промената на фасадата на македонската влада", етички би било и авторот на написот јавно да се претстави, а не да се крие зад весникот. Затоа, се одлучив мојата реакција да ја упатам преку списанието "Порта3", кое наспроти дневниот печат, претставува единствено стручнонаучно списание кај нас, во кое веќе подолг период се негува издржана архитектонска критика. Јас, како долгогодишен професор по историја на архитектурата, се занимавам пред се со нејзините стручнонаучни аспекти и не би сакал да ги коментирам политичките квалификации изнесени во предметниот напис. Се разбира дека целосна дистинкција не е можна, бидејќи според Елиел Саринен "архитектурата и општеството се развиваат рака под рака и меѓусебно се инспирираат". ("Градови…, стр. 13)

Невешти конструкции Со внимателно читање на написот, секој добар познавач на состојбите во архитектурата и општеството може веднаш да забележи дека во него се изнесени низа невистини, со чија помош се прават целосно нестручни коментари, па дури и невкусни популистички конструкции. Анонимниот автор тврди дека "авторството би се нарушило кога би имало измени на постоечката, а не на целосна замена со нова фасада" (?!), а треба да знае дека архитектонското дело по дефиниција претставува нераздвојна целина на функцијата, конструкцијата и обликот. Професорот П. Муличковски не е само "проектант на сегашната фасада", туку автор на нераздвојната целина на објектот, а со тоа и носител на авторските права согласно соодветниот Закон. 

visinata-vo-arhitekturata-1.jpg

Вредноста на наведеното дело одамна е потврдена, најнапред со добивање прва награда на сојузен анонимен конкурс, а потоа со сојузна и републичка награда за најдобар изведен објект (1970). Сето тоа покажува дека ова дело поседува нагласени архитектонско-уметнички вредности кои треба да се зачуваат за идните генерации. Обновувањето на неговата фасадна обвивка заради подобрување на енергетската ефикасност технички е возможно да се изведе и без менување на неговите уникатни архитектонско- уметнички вредности. Нарекувајќи ги учесниците на трибината "група архитекти од Факултетот и од Асоцијацијата на архитекти, кои со години наназад немаат забележителни проекти", анонимецот покажува целосно непознавање или едноставно злоба за архитектонските состојби кај нас. Општо познато е дека Асоцијацијата и Факултетот се главни носители и учесници на најважните архитектонски манифестации кај нас и во светот, како што се: БИМАС, Големата годишна награда за архитектурата (под покровителство на претседателот на државата), АСК (под покровителство на градоначалникот на Скопје), Венецијанското биенале, конгресите на UIA и сл. На нив се презентираат модерните архитектонски достигнувања кај нас и се дебатира, и тоа многу се дебатира за суштината на архитектурата.

"Нов бран" или осека во архитектурата Зборувајќи за т.н. проект "Скопје 2014", анонимецот пишува за појава на некаков "нов бран архитекти, кои со остварување на проекти ја афирмираат струката", а дали се запрашал зошто ниту еден претставник на тој "нов бран" досега се нема претставено на ниту една од наведените архитектонски манифестации? Дека тој "нов бран" се состои само од неколку бледи капки го докажува следниот факт: На конкурсите со однапред диригиран архитектонски стил, од над 2000 архитекти во Р.Македонија учествуваат само по неколкумина. Зошто? Затоа што на секој вистински креативен архитект познато му е мотото на првото модерно движење – виенската Сецесија: "На епохата нејзината уметност, а на уметноста нејзината слобода" (1898/99). 

visinata-vo-arhitekturata-2.jpg

Оттука се поставува прашањето: Каков стручен кредибилитет има т.н. нов бран кога во времето на информатичкото општество создава објекти во ретрограден стил? Во горниот контекст јас ја сфаќам реакцијата на претседателката на Асоцијацијата, бидејќи во секое струково здружение ширум светот постои соодветен етички кодекс, за чие непочитување се преземаат санкции. Сите знаеме дека од тие причини на лекарите може да им се одземе лиценцата за работа, а не како што пишува анономецот "ако Асоцијацијата не се согласува со моралниот аспект на пациентот" (?!). Тоа претставува целосна замена на тезите, бидејќи со кодексот се регулира однесувањето на лекарот/проектантот, а не на пациентот/инвеститорот.

Громогласна тишина Фактите покажуваат дека архитектите не молчат како што обвинува анонимецот, туку како и сите слободни творци тие отворено се спротивставуваат на диригираното творештво, а тоа и јавно го искажуваат преку: вонредно собрание, трибини, декларации, соопштенија, барања, ТВ емисии, дневен печат и сл. Стручната дебата околу тоа прашање со месеци се водеше на страниците на списанието "Порта3", при што над 90% од учесниците се изјаснија за слободно творештво во духот на новото време. 

visinata-vo-arhitekturata-3.jpg

Наместо да ги земе предвид наведените издржани мислења на Асоцијацијата, инвеститорот нив целосно ги занемари. Какви не/познавања за архитектурата има анонимниот автор се гледа од тоа, што за предлогот бр. 1 пишува дека "се одликува со нагласен барок стил, како и предлогот бр. 5 кој е најблиску до барокот". Дека тие проекти немаат ниту "б" од барок, анонимецот може да се увери од мојот напис во "Порта3" (бр. 173/174 од 30.12.2011). Сепак, се чини дека и тој знае по нешто за архитектурата, бидејќи проектите под бр. 2 и под бр. 3 оправдано ги нарекува "модерни решенија". Изгледа дека анонимниот автор ужива да ги извртува фактите, бидејќи неговиот критички заклучок целосно се однесува токму на сегашниот архитектонски и општествен момент, а не на некои бивши времиња. 

visinata-vo-arhitekturata-4.jpg

Повозрасните архитекти се сведоци дека во постземјотресната обнова на Скопје за архитектонското творештво се водеа продлабочени стручни дебати и широки јавни расправи, при што на архитектите никогаш и од никого не им бил диктиран стилот во кој треба да проектираат или пак како да градат. Во сите демократски општества јасно се поделени улогите: народот се прашува кога и за кои објекти можат да се трошат неговите пари, а за тоа како ќе се проектира или гради се прашува струката.
 

visinata-vo-arhitekturata-5.jpg

 

проф. д-р М. Токарев, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top