Насловна / Арт и дизајн / Банкси – ангажиран уметник на нашето време

Банкси – ангажиран уметник на нашето време

Деновиве осум нови дела кои по својот стил наликуваат на опусот на Банкси се појавија на ѕидовите на јавни објекти околу градот Нориџ во источниот дел од Англија. Иако овој уметник сè уште се немаше изјаснето и го немаше јавно прифатено авторството на овие мурали, според техниката на користење матрици (stencil), медиумите излегоа со приказни за „летувањето“ на Банкси во Нофок и Сафок, промовирајќи ја годинешната британска постковид стратегија за домашен летен одмор.

1_resize

Ѕидот во паркот Nicholas Everitt Park, Lowestoft

Последователно делата беа потврдени вербално и од самиот Банкси, но и преку порака на едниот од графитите каде самиот си поигра со играта на зборови staycation – spreycation (домашен одмор наспроти Големиот британски одмор) со помош на спреј боја. Талентираниот, смел, одважен, провокативен, интелегентен, чувствителен и поетичен уметник Банкси и со последната јавна акција сака да шокира, да возбуди, да натера на размислување, како и жестоко да го критикува воспоставениот капиталистички систем и консумеристичкото општество.

2_resize

Приказни за „летувањето“ на Банкси покрај брегот на Нофок и Сафок

ИДЕНТИТЕТОТ ПРЕДМЕТ НА ШПЕКУЛАЦИИ

Псевдонимот Банкси му се припишува на британскиот уличен уметник, политички активист и филмски режисер чие вистинско име и идентитет остануваат предмет на шпекулации. Од 2008 година Банкси сè почесто се поистоветува со Робин Гунингем, уметник, којшто е роден во близина на Бристол на 28 јули 1973 година, а чија траекторија се совпаѓа со потврденото движење и престој на Банкси.

love_air_resize

„Љубовта е во воздухот“

Приказната за Банкси е нераскинливо врзана за градот Бристол и алтернативната музичка и уметничка сцена во градот од крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на 20 век. Музичките групи и колективи како Масив Атак, Трики, Портисхед, Трип Хоп сцената и уличните уметници како Ник Вокер, Инки и 3D како дел од бристолската андерграунд сцена беа голема инспирација за Банкси. Првите негови дела речиси по ништо не се разликуваат од останатите улични графити-уметници, како Като и Тес со кои ја формира групата DryBreadZ Crew (DBZ). Тој со спреј-боја ги „украсува“ или вандализира ѕидовите, улиците, мостовите и возовите на Бристол или остава свои личен печат преку етикетата Банкси. Но, пресвртот настанува кога почнува да користи матрици за кои самиот вели дека бил поттикнат кога криејќи се од полицијата наишол на отфрлена матрица со сериски број. Од друга страна пак, доајенот на париската улична уметност Блек ле Рат, укажува на големата сличност меѓу стилот на неговите матрици со оние кои Банкси започнува да ги користи при своите улични герилски интервенции, но и честото преземање на стаорецот кој е симбол на Пру кој се смета за татко на матричните графити. Но Банкси не бега од споредбата со Блек ле Рат, напротив тој искрено му се восхитува, нагласувајќи ја неговата оригиналност и инвентивност.

mild_west_resize

„Мекиот мек запад“

СУРОВА СЛИКОВНА ВИСТИНА

Активен од 1990-тите, и светски прославен од 2000-тите за Банкси анонимноста е од витално значење поради нелегалноста на графитите, но и поради етичката димензија на прочуеноста која ја поврзува славата со консумеризмот и пазарниот аспект на уметноста. Делата на овој создавач на визуелни шокови, крадач на празни ѕидни простори и таен и нелегален уличен творец, маѓепсува со едноставноста и јаснотијата и суровата сликовна вистина. Неговата сатирична уметност на мурали и субверзивни епиграми го комбинираат црниот хумор со графити изведени во карактеристична техника на матрици, вткаена со политички и социјални коментари.

napalm_girl_resize

„Напалм девојче“

Матриците на Банкси прикажуваат впечатливи и хумористични слики повремено комбинирани со слогани. Во сликите често се вклучени стаорци, мајмуни, полицајци, војници, деца и постари лица. Едно од првите матрични дела на Банкси беше „Мекиот мек запад“ насликан во 1997 година каде е прикажано плишано мече кое фрла молотов коктел кон тројца антипротесни полицајци.

Banksy_Kissing_Policemen_resize

„Бакнувачки цајкани“

Други познати дела од овој период се: различни верзии, и на платно, и на ѕид од „Девојчето со балон“, „Љубовта е во воздухот“, „Полицаецот Смешко Х“, „Стаорци“, „Ленин панкер“, „Фрли и бомба на средна Англија“, „Ѕид и парче“, „Отстранувањето на пештерната уметност“, „Не го заборавај шалот“, „Старо училиште“, „Напалм девојче“, „Труд на роб“„, „Чувај си го ситното, јас сакам промена“, „Смеј се сега, но еден ден јас ќе бидам главен“, „Бакнувачки цајкани“, „Палп Фикшн“ и други.

palm_fiction_resize

„Палп Фикшн“

„ВАНДАЛИЗИРАНИ“ СЛИКИ

Неретко, предмет на негово делување и творештво се и познати уметнички дела врз кои тој субверзивно дејствува. Пример за неговите „вандализирани“ слики се „Езерцето со водени лотуси“ на Клод Моне, „Ноќни јастреби“ на Едвард Хопер, „Мислителот“ на Огист Роден, „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи, „Богородица која седи“„ на Вилјам Адолф Бугеро, „Сплавот Медуза“ на Теодор Жерико, „Милоска Венера“ „Сончогледите“ на Винсент Ван Гог на кои Банкси им дава нова содржина и имиња.

_102457092_sunflowers_banksy_resize

„Сончогледите“ на Винсент Ван Гог на кои Банкси им дава нова содржина

Овие слики со масло и акрилик на платно или скулптури беа најчесто прикажувани на повремените, куси и привремени изложби кои предизвикуваа неверојатен интерес кај публиката и покрај најчесто тајната локација, но и кај голем број познати личности кои мораа да бидат видени на овие Банкси настани. „Мирот е мисла“ во Глазгов во 2002, „Војна за превласт“ во Лондон во 2003, „Нафта“ во Лондон во 2005, „Едвај легално“ во Лос Анџелес во 2006, „Банкси во Гластонбери“ во 2007, „Банкси наспроти Бристолскиот музеј“ во 2009. Некои од овие изложби вклучуваа и перформативни моменти во кои главни протагонисти пред и помеѓу посетителите беа и обоени и нашминкани слонови, свињи во боите на полицијата, овци во логорашки облеки, крава со лицето на Енди Ворхол, Кралицата Елизабета Втора како шимпанзо, живи стаорци или аниматроники на животни.

_102457091_monet_banksy_resize

„Езерцето со водени лотуси“ на Клод Моне

НАЈГОЛЕМИОТ ОТВОРЕН ЗАТВОР ВО СВЕТОТ

Субверзивниот фарбач, кој ги тероризираше галериите од двете страни на Атлантикот, се осмели и отиде и физички и етички уште подалеку со неговата прва посета на окупираните територии во 2005 година. Пакувајќи ги матриците и лименките за прскање, тој го посети Блискиот Исток за да ја сподели својата визија и да го потсети светот на борбата за слобода на оние што живеат на палестинската страна. Неговата посета е овековечена во деветте слики, некои надреални, некои потресни, оставени на џиновската бариера, со етикета „празнични снимки“.

4_resize

Иако самите слики не се отворено политички, неговите чувства за ѕидот се очигледни од неговата изјава: „Израелската влада гради ѕид околу окупираните палестински територии. Ѕидот е нелегален според меѓународното право и во суштина ја претвора Палестина во најголемиот отворен затвор во светот“. За Банкси бетонскиот ѕид не само што беше политички и морален протест, туку и предизвик чија огромна празнина го примамуваше. Сепак дури и Банкси ја призна беспомошноста на неговиот уметнички акт кој го спореди со ироничен графит и туризам.

6_resize

„ЉУБОВТА Е ВО КАНТА“

Мултиталентираниот Банкси кој е перформанс артист во отсуство, герила уметник кој се мајтапи со светските музеи додавајќи свои дела во нивните постоечки колекции, автор на четири илустрирани книги, режисер на наградуван документарен филм „Излези низ продавницата за подароци“ од 2010, па дури и туристички промотер („Заградениот Хотел“ од 2017) и бизнисмен – малостопанственик со редовнa продавницa на Божиќни подароци во Лондон „Дедомразовото Гето“ (2002 – 2007) и сувенирница во Кројдон (2019), прерасна во институција поддржувана од бројни соработници и асистенти. Крајниот, пак најпровокативен акт на перформанс, кој во крајна линија беше дефиниран како уникатно создавање на дело за време на уметничка аукција е долгопланираниот подвиг, при кој едно од неговите уметнички дела „Девојчето со балони“ се престори во новосоздаденото „Љубовта е во канта“.

devojce_balon_resize

„Девојчето со балони“ 

self_destruction_resize

„Љубовта е во канта“

За време на наддавањето на аукцијата, делото кое беше проценето околу 1,3 милион долари, вградената машина за уништување хартија во рамката започна да го ренда делото, кое од тој момент се здоби со нов наслов и нов ентитет. Поривот да се уништи е и креативен порив ќе напише Банкси, преземајќи го мотото од Пабло Пикасо, кој пак го цитирал деветнаестовековниот анархист Михаил Бакунин, истовремено издавајќи видео каде го документира процесот на долгорочното планирање на ова перформативно дело. Загадочниот уметник одамна им се потсмева на аукциските куќи, исмејувајќи ги колекционерите, тврдејќи дека тие купуваат ѓубре, особено кога неговите дела може секој да ги испечати дома со дозвола на уметникот, но уметничкиот пазар го возврати ударот кога после првичниот шок од сечењето на делото среде аукција, го поздрави создавањето уметност во живо и ја процени вредноста на новосоздаденото дело како двојно повисока.

martin_luter_king_resize

Мартин Лутер Кинг

 * * * *

Mурал на Банкси на кој е прикажан работник како отсекува жолта ѕвезда од синото знаме на Европската Унија во август 2019 година исчезна од зградата во крајбрежниот англиски град Довер, без трага или објаснување.

Уметничкото дело, кое го симболизираше излегувањето на Велика Британија од ЕУ, стана туристичко обележје во југоисточниот пристанишен град на Ламанш, кој ги поврзува Велика Британија со континентална Европа. Муралот беше насликан во мај 2017 година, еден месец пред изборите на кои во центарот на вниманието беа дискусиите поврзани со Брегзит.

5d64eb387152d82ed8ee1a5b_resize

Според жителите, биле поставени скелиња на зградата, а сликата ја снемало веднаш следниот ден.

„Мило ми е што го снимив ова оригинално дело пред да биде префарбано, сметам дека е неправедно некој да одлучи да уништи туѓо уметничко дело“, е еден од многуте коментари на социјалните мрежи.

banksy-dover-mural-computer-generated-image-2019_resize

Не е јасно што точно се случило со муралот. Сопственикот на зградата, претходно изјавил дека ги истражува опциите за отстранување, одржување или продавање на уметничкото дело.

По повод ова случување Банкси го изразил својот став на Инстаграм, прикажувајќи преку слика што е она што тој имал намера да направи со муралот доколку останел. Сликата прикажува човек на скалата и ѕвездата на Британија, додека знамето на ЕУ е оставено стуткано во подножјето на зградата. За жал, тоа сега можеби никогаш нема да се реализира, но како што рекол Банкси, белиот ѕид остава различна, но сепак потресна порака.

Автор: д-р Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top