Насловна / Вести / Австралиско еколошко искуство: земја што ја мрази пластиката и ги враќа памучните пелени во мода

Австралиско еколошко искуство: земја што ја мрази пластиката и ги враќа памучните пелени во мода

Според истражувањата на Европската унија, Австралија, заедно со САД, со години се вбројува  во земјите со најголема количина испуштен јаглероден диоксид и тоа, во просек, од 190 гр/км. Токму поради тоа австралискиот парламент со тесно мнозинство, пред две години, го изгласа Законот за спречување на загадувањето, со кој им се налага на сите фабрики и други производители што користат јаглен како погон да плаќаат посебен данок, а тој е само дел од планот за заштита на природата и за намалување на последиците од климатските промени. Сите производители во иднина веќе плаќаат по 24 долари за секој тон јаглероден диоксид што ќе биде испуштен во атмосферата. maxresdefault

Исто така, зeмјата постепено воведува и реформи што ќе опфатат и големи инвестиции во обновливи извори на енергија, кои треба да резултираат во намалување на емисиите на штетни гасови за 160 милиони тони до 2020 година, што е еднакво на отстранување на 45 милиони автомобили од патиштата. Досега само Нов Зеланд и Европската унија презедоа слични мерки за намалување на емисиите на штетни гасови. Но, сепак, треба да знаеме како е да се живее во оваа земја и кој е реалниот придонес на граѓаните и на локалните власти за подобрување на еколошките навики.avstralija eko iskustvo4

Се враќаат памучните пелени во мода и ретко се употребува пластика

Првенствено, насекаде има канти за отпадоци за различен тип отпад и граѓаните се многу внимателни во однос на првичната селекција, секогаш ѓубрето е фрлено на соодветно место, а во случај ако нема простор за селекција, Австралијците имаат навика да го носат  отпадокот со себе додека не најдат соодветно место. Тие, исто така, имаат навика да не фрлаат догорчиња на земја, а многу важен момент е што имаат навика да носат стаклено шише или пластично шише за вода без БПА што го дополнуваат по потреба, така што не е вообичаено да се користат обични пластични шишиња и да се расфрлуваат насекаде.
Значајна навика на тамошните жители е носењето домашно приготвена храна на работа или во училиште, спакувана во амбалажа за повеќекратна употреба, со што се намалува отпадот, а и финансиската исплатливост е поголема и, секако, најважното, примената на здрава исхрана. За пазарење тамошните жители речиси секогаш користат платнени торби, а во поново време  родителите ги враќаат во мода памучните пелени, место тие за еднократна употреба.avstralija eko iskustvo3

Селекција на отпадот и дома и на работа

Речиси секој дом има можност за селекција на отпадот и тоа во посебни канти за пластика, хартија, стакло, алуминиум, домашен отпад и градинарски отпад, a на одредени места има и канти за компост. Еднаш или двапати во годината локалната заедница организирано собира отпад како што е бела техника, компјутери и сл. Во големите маркети се селектираат батерии, каде што има место и за селекција на пластични кеси, обвивки од храна и од пијалаци. Овие мерки се применуваат и на работните места, а бенефициите ги имаат сите и не е само за заштита на околината, туку и за заштеда на енергија преку производство од обновливи извори, но и отворање нови работни места и еколошки професии, кои стануваат популарни во оваа земја.
Дополнително компаниите имаат и посебни контејнери за селекција на хартија со можност за нејзино рециклирање, а тоа што е значајно, сѐ повеќе од компаниите нудат можност за електронска сметка или кореспонденција со цел намалување на употребата на хартија.avstralija eko iskustvo

Децата користат термоси место пластични шишиња
Тоа што е значајно за Австралија е што еколошките навики стануваат дел од секојдневието од најмала возраст, почнувајќи од дома, потоа во градинка, па и во училиште. Кај децата уште од мали се создава навика, на пример, да се употребуваат термоси за течност место да се купуваат сокови или вода во пластична амбалажа. Селекцијата на отпадот е значаен едукативен процес за секое дете што посетува образовна институција.

Земја на соларни панели и на ветерници

Во земјата постојат два најприменувани алтернативни начина за производство на енергија, едниот е со употреба на соларни панели, а другиот е искористувањето на ветерот со изградба на ветерници во голем дел од областите на Австралија. Тоа што е интересно, покрај употребата на соларната енергија за загревање на вода, за производство на топлинска енергија или, пак, за напојување светилки, во оваа земја може да се забележи и употреба на соларната енергија за напојување сообраќајни знаци.GERMANY ENERGY SOLAR POWER

Австралија на 10. место како потрошувач на ресурси во светот

Според Светската фондација за зачувување на природата (WWF), Австралија е меѓу првите 10 најголеми потрошувачи на ресурси во светот, за споредба, Македонија е на 16. место, позиција што е одредена со тоа што се земени предвид продуктивниот капацитет на земјиштето во споредба со големината на населението и потрошувачката по жител. Подетално, овој еколошки отпечаток на секоја земја ги споредува информациите за тоа на колкава површина се одгледуваат полјоделски култури, кои се употребуваат за исхрана и во индустријата. Колкава површина е под шуми што може да го апсорбираат јаглеродниот диоксид од употребата на фосилни горива. На колку земја се одгледува стока, колкава површина е покриена од човечка инфраструктура и колку шумите се користат за снабдување на дрвната индустрија и за производство на хартија, а колку за огрев. Тоа што е интересно овие денови во Австралија  е употребата на апликацијата на Светската фондација за зачувување на природата за лично мерење, односно придонесот на секој поединец како потрошувач на ресурси и, според тоа, и совети како да се намали овој процент.

Соња Танеска

Испрати коментар

Scroll To Top