Насловна / Вести / Крањ ги поврза соларните електрани на 11 јавни објекти во енергетска заедница

Крањ ги поврза соларните електрани на 11 јавни објекти во енергетска заедница

Општината Крањ во Словенија, преку јавно – приватно партнерство со енергетската компанија GEN-I поставила соларни електрани на 11 јавни објекти. Вкупната моќност е речиси 2MW, а постројките се поврзани во енергетска заедница на јавни потрошувачи.

Станува збор за фотонапонски електрани на покривите на седум основни училишта, две градинки, олимписки базен и спортска сала. Вредноста на проектот е околу 1,5 милиони евра. Општината обезбедила околу 700.000 евра неповратни средства преку Механизмот на ЕУ за опоравок и отпорност (RRF). Остатокот од инвестицијата го финансира GEN-I во склоп на 15 годишно јавно – приватно партнерство. Приватниот партнер ја финансира изградбата, управувањето и одржувањето на фотонапонските постројки.  По истекот на договорот со приватниот партнер, електраните ќе поминат во целосна сопственост на општината.

Објектите се поврзани во енергетска заедница на јавни потрошувачи, во која ќе бидат вклучени и други јавни корисници (здравствени установи, спортски објекти и сл.) „Целта на заедницата не е остварување на профит со продажба на електрична енергија на пазарот, туку намалување на трошоците на работењето на јавните установи и зајакнување на нивната енергетска отпорност“, пишува во соопштението на општинските власти.

Проектот претставува конкретен чекор кон остварување на целите од Националниот план за енргија и клима на локално ниво. Исто така, Крањ ги следи амбициите во склоп на мисијата на Европската Комисија за климатски неутрални и паметни градови.

Испрати коментар

Scroll To Top