Насловна / Архитектура / 5. Меѓународна летна школа за архитектура – Охрид 2017: Natural Systems

5. Меѓународна летна школа за архитектура – Охрид 2017: Natural Systems

Во периодот од 27 јуни до 2 јули во Охрид се одржа петтата по ред Меѓународната летна школа за архитектура во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје. Како потсетување, во претходните сесии гости раководители беа архитектите Винко Пенезиќ и Крешимир Рогина (Penezić & Rogina architects, Хрватска), Јошихару Цукамото и Момојо Каиџима (Atelier Bow Wow, Јапонија), Тило Херлах, Симон Хартман и Симон Фроменвилер (HHF Architects, Швајцарија).OhridSSA2017_12

Летната школа за архитектура е образовен проект на факултетот, која им овозможува на студентите работа во услови кои се помалку  временски и просторно ограничени во споредба со „традиционалниот“ образовен процес. На овој начин, студентите, имаат повеќе контрола врз своите активности, активно учествуваат во процесот на својот развој и бараат мотивација и искуство надвор од институцијата – факултет. На Летната школа, гостите раководители од странство предлагаат тема и методологија на работа, за потоа низ седумдневната работа со студентите да ги пренесат своите различни педагошки и практични искуства.OhridSSA2017_04

Како продолжение на праксата на учество на докажани гости, тутори од странство на овогодинешната Летна школа раководител беше архитектот Деан Лах, партнер и основач на познатото архитектонско биро Енота, од Љубљана, Словенија. Во работата со студентите учествуваа и архитектите Винко Пенезиќ и Крешимир Рогина, визитинг-професори на УАКС и архитект Јуриј Личен од Енота. На Школата учествуваа 15 студенти по архитектура од универзитетите во Македонија.OhridSSA2017_07

Енота се основани во 1998 година од Аљоша Деклева, Деан Лах и Милан Томац со амбиција да создадат современа и критичка архитектонска практика од отворен вид која се базира на колективен пристап кон развој на архитектонски и урбани решенија. Низ годините, Енота, константно се развива и од самиот почеток служи како креативна платформа за повеќе од 50 архитекти. Од 2002 година, партнери во фирмата се Деан Лах и Милан Томац. Константните промени и новите комплексни ситуации во светот, поттикнуваат на размислување околу новите начини на архитектонско и урбано организирање. Со цел да може да се добијат одговори на овие прашања, Енота веруваат дека е време да се надминат границите на дисциплината, поставени пред сè од културното опкружување. Решенијата на Енота се под силно влијание на истражувањето, реинтерпретацијата и развојот на социјални, организациски и проектантски алгоритми што произлегуваат од природата. Резултатот е секогаш силно поврзување на објектите со околината која што ги опкружува.OhridSSA2017_02

Од основањето, Енота, имаат реализирано голем број проекти за кои добиваат голем број награди и нивните дела се презентирани на бројни изложби и во професионални публикации. Најзначајните реализации ги вклучуваат „Променада Велење“ (2014), Птуј Перформанс центар (2013), Спортска сала Подчетртек (2010), Велнес Охриделија (2009), Терми Тухељ (2007), Станбен комплекс Јурчкова (2007), Хотел Сотелија (2006), Велнес центар Термалија (2004) и многу други.OhridSSA2017_09 OhridSSA2017_10

Темата под која работеа студентите на овогодинешната сесија на Летната школа гласеше Natural Systems (Природни системи). Во неа беше вклучено сè она претходно наведено како начин на работа во Енота. Предмет на работа беше крајбрежниот појас на населбата Св. Стефан, која се наоѓа во непосредна близина на градот Охрид, населба каде што се наоѓаат некои од најстарите хотели на охридското крајбрежје. Шеесетина години после создавањето на населбата, туризмот има потполно поинаква улога во општеството.OhridSSA2017_06

Работилницата го зеде предвид фактот дека како резултат на трансформацијата на населбата во последните години и агресивната урбанизација на околината, крајбрежниот појас се трансформира во мноштво недоволно искористени простори, кои привлекуваат посетители претежно во летниот период, како и тоа дека во последните неколку години се создаваат повеќе мали, сместувачки капацитети, при што единствена мерлива компонента во планирањето бил само бројот на кревети во населбата, без планирање и додавање дополнителни содржини. Низ анализата се потврди туризмот како економски потенцијал на населбата и потребата од нови програмски содржини како еден вид дополнување на постојната економија и кои ќе овозможат користење на населбата во текот на целата година. Задача на еднонеделната работилница беше да се разберат минатата и сегашната состојба на локацијата и нејзините врски со непосредното опкружување и со градот Охрид. Во втората фаза од работилницата, студентите изработија предлог-решенија, со кои се подобрува квалитетот на населбата преку надополнување и надоградување на постојните содржини со комплементарна програма, кои го поттикнуваат нејзиниот иден развој.OhridSSA2017_03

Во времетраењето на школата беа одржани неколку предавања од гостите, како и повеќе нивни презентации со цел насочување на работата на студентите. Работата на школата беше организирана во групи и крајниот резултат беше прикажан на јавна, отворена презентација на која студентите ги образложија своите проекти.Maica_3.cdr

Владимир Десков,

Раководител на Меѓународната летна школа за архитектура

Испрати коментар

Scroll To Top