Насловна / Вести / Земјотресот Пехчево-Кресна – најсилен на Балканот

Земјотресот Пехчево-Кресна – најсилен на Балканот

Живеејќи во сеизмичко активно подрачје, каде земјотресите се честа и неизбежна природна појава со која сме живееле и треба да живееме и опстојуваме, во наредниов период низ серија текстови, ќе се потсетиме на поголемите деструктивни земјотреси кои ја погодиле територијата на Македонија и блиското соседство започнувајќи од почетокот на минатиот век. Ќе бидат споменати земјотресите во Пехчево-Кресна (1904 г.), Охрид (1911 г.), Урошевац (1921 г.), Валандово (1931 г.), Скопје (1963 г.) и Дебар (1967 г.). 

1

Деструктивни земјотреси на подрачјето на Македонија и нејзината непосредна близина (МL≥6.0)

 Податоци: Сеизмолошка опсерваторија (УКИМ-ПМФ)

Изработиле: Р. Шалиќ, З. Милутиновиќ

Најдоминантно сеизмичко влијание врз територијата на Македонија, од сите епицентрални подрачја има епицентралното подрачје Пехчево-Кресна (пограничен регион помеѓу Македонија и Бугарија). Во ова епицентрално подрачје се случил земјотрес со досега највисоката набљудувана локална Рихтерова магнитуда ML=7.5 на копнениот дел на Балканскиот Полуостров, и тоа на почетокот на минатиот век, во април 1904 г (слика 1).

2

Слика 1. Каталог на земјотреси за Македонија и блискиот соседен регион (479 г. пр. н. е. – 2014 г.)

Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје

Изработиле: Р. Шалиќ, З. Милутиновиќ

Главниот земјотрес

На 4 април 1904 година во 10 часот и 2 минути во епицентралното подрачје Пехчево-Кресна, започнала серија на силни земјотреси, каде што во 23 минути се случиле 4 земјотреси со локална Рихтерова магнитуда поголема од 5 меѓу кои и најсилниот со магнитуда ML=7.5 и интензитет во епицентарот Io=X степени според Европската макросеизмичка скала. Епицентрите на овие земјотреси биле помеѓу Пехчево (Македонија) и Кресна (Бугарија), во близина на с. Крупник (Бугарија) (слика 2). Следувале уште 3 земјотреси со магнитуда поголема од 5, истата година во април и август, додека следната година 1905 уште 2 земјотреса во септември и октомври со магнитуда исто така поголема од 5.

3

Слика 2. Најсилните земјотреси во подрачјето Пехчево-Кресна

Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје

Изработиле: Д. Черних, К. Дрогрешка

Главниот земјотрес бил регистриран од 54 сеизмолошки станици ширум светот, додека првиот земјотрес од серијата бил регистриран од 47 станици (Ambraseys, 2001). Главниот земјотрес бил регистриран дури и од станицата во Осака, Јапонија. Денеска најголемиот дел од овие записи (сеизмограми) се изгубени, оштетени или неупотребливи. Од главниот удар на овој земјотрес е зачуван само еден употреблив сеизмограм снимен од станицата во Лајпциг, Германија (слика 3 а) и еден од станицата во Букурешт (слика 3 б) за земјотресот кој се случил после главниот удар на 10 април 1904 година со Рихтерова локална магнитуда ML=5.7 и епицентрален интензитет од Io=VII степени според EMS-98.

4

Слика 3. Копија од сеизмограми

Извор на податоци: Ambraseys (2001)

Земјотресот Пехчево-Кресна бил широко почувствуван во регионот. Го почувствувале и жителите на тогаш поголемите градски средини како Софија, Солун, Битола, Скопје и др. што може да се види од картата на изосеисти (слика 4). За него пишувале и тогаш најпознатите регионални весници како Dnevnik, Gazetia Sviedenia, Journal de Salonique, Levant Herald, Sabah, Stanbul, Vecera Posta, Viesti. Првичните информации за погодениот регион биле релативно ограничени и дошле од страна на група австриски инженери кои работеле на одржување на патот по должината на реката Струма, ангажирани од страна на Отоманската Империја и од некои дипломатски извори.

5

Слика 4. Карта на изосеисти на земјотресот од 4.4.1904, 10h25min

Извор на податоци: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ, Скопје

Сеизмичка активност на епицентралното подрачје Пехчево-Кресна

Епицентралното подрачје Пехчево-Кресна се карактеризира со честа појава на слаби земјотреси (ML<2.0), но и со ретка појава на силни и многу силни земјотреси (ML>6.0) – табела 1, слика 2. Хипоцентрите на овие земјотреси се наоѓаат длабоко во Земјината кора до околу 45 km.

Табела 1.  Најсилните земјотреси со магнитуда ML>6.0 од подрачјето Пехчево-Кресна

Датум

Рихтерова магнитуда ML

Интензитет

Io

4.9.896

6.1

IX

4.4.1904

6.7

IX

4.4.1904

7.5

X

4.4.1905

6.5

VIII

Од тектонски аспект, подрачјето Пехчево-Кресна претставува сложен тектонски јазел, каде се вкрстуваат повеќе раседни структури, со висока деструкција на Земјината кора изразена преку диференцијални издигања и сместувања од лева насока долж наложениот Беровски (Крупник) Расед (Арсовски, 1997). Ова е потврдено и од поновите истражувања, од Meyer и соработници (2002) и Думурџанов, Милутиновиќ и Шалиќ (2016). Раседот е стар околу 13 милиони години и кај с. Крупник и по должината на неговата траса се јавуваат скарпи (површински отсеци) со вкупна должина до 15 m и височина до 2 m, формирани за време на земјотресот од 1904 година (Ambraseys, 2001). Наложениот расед е од нормален (гравитационен) тип, со протегање североисток-југозапад (Meyer и соработници, 2002) и паден наклон кон северозапад под агол 60°-70°. На територијата на Македонија овој расед припаѓа на зоната која се протега по трасата Пехчево-с. Блатец-Виница-Штип-Лакавичка Депресија-Стоби.

Според литолошките структури кои контактираат помеѓу себе надолжно, заклучено е дека овој расед е реактивиран во неотектонската етапа. Најголема активност во најново време покажал во околината на Кресна, Бугарија, каде се вкрстува со Плачковичкиот Расед, Струмските Раседи, и други раседи создавајки сеизмогено жариште со највисока регистрирана магнитуда на Балканот ML=7.5.

Ефекти врз изградената околина и природната средина

Земјотресот кој претходел на главниот удар, бил исто така силно почувствуван во регионот и предизвикал сериозни оштетувања на објектите, посебно во регионите на с. Блатец, Берово и Пехчево. Од пишаните архиви се дознава дека тој предизвикал и човечки жртви. Штетите биле уште поголеми и катастрофални од ударот кој следувал дваесетина минути подоцна. Разурнувачкото дејство било евидентно во радиус од околу 40 km, поточно од градот Кочани на запад па сѐ до Разлог на исток, Благоевград и Делчево на север па сѐ до Берово и с. Ново Село на југ.

6

Слика 5. Карактеристични оштетувања

Извор на податоци: http://www.fakulteti.mk/news/14-04-04/110_godini_od_katastrofalniot_pehchevski_zemjotres_eden_od_najsilnite_vo_evropa.aspx

7

Слика 6. Карактеристични оштетувања

Извор на податоци: http://www.fakulteti.mk/news/14-04-04/110_godini_od_katastrofalniot_pehchevski_zemjotres_eden_od_najsilnite_vo_evropa.aspx

Повеќе населени места претрпеле скоро целосно уништување, и тоа на територијата на денешна Бугарија: делови од Благоевград, с. Церово, с. Извориште, с. Крупник, с. Брежани, с. Тросково, додека на територијата на денешна Македонија: Пехчево, Берово, с. Сушица, с. Габрово, с. Ратево, с. Разловци, с. Тработивиште, с. Град, с. Стамер, с. Ѕвегор, с. Блатец, с. Лаки, и др. Во периферните области на епицентралното подрачје, во сите населени места без исклучок, биле сериозно оштетени ѕиданите конструкции (претежно цркви, џамии, управно-општествени згради), а станбените објекти биле со различен степен на оштетување од кои половината скоро и неупотребливи. Кај сите нив камените ѕидови и оџаците биле сериозно оштетени (слики 5 и 6).

8

Слика 7. Ликвифакција, феноменологија и карактеристични оштетувања

Градот Нијагата (Niigata), Јапонија, во 1964 година претрпел значителна штета од ликвифакција предизвикана од земјотрес со магнитуда М7.5 – М7.6. Покрај зградите оштетени и уништени од ликвифакција на левиот брег на реката Шинано (слика лево), големи штети беа предизвикани и на десниот брег. Пистата на аеродромот Нигата (слика во средина) во близина на епицентарот беше поплавена од ликвифакција (видео на: https://www.youtube.com/watch?v=KLZFlnND0hA). Колапсот на Showa мостот (слика десно) е предизвикан од вибрационит ефект на земјотресот.

Во многу населени места утврдена е појавата на ликвифакција – феномен во кој почвата под дејство на динамичкото влијание на земјотресот ги губи своите механички својства и добива особини на вискозна средина. Појавата на ликвифакција (слика 7) е често проследена со избивање на подземни води и е причина плус за сериозни оштетувања на објектите и појава на поплави. Ликвифакционите ефекти биле забележани по теченијата на реките Брегалница, Струма, Рилска Река, некои делови од Повардарието, реката Морава, реките Панега и Искр и некои други помали реки во регионот. Многу населени места по теченијата на овие реки претрпеле сериозни оштетувања како резултат на ликвифакцијата, а голем дел од нив биле и дополнително поплавени. Постојат податоци дека на 12 km од Кочани, во близина на селата Јакимово и Облешево се појавиле и гејзири кои исфрлале подземна вода од 2 до 3 m во височина. Исто така, постои и податок дека југоисточно од Благоевград се појавиле извори на топла вода кои биле причина за топење на големи површини под снег во повисоките околни региони. Ликвифакционите ефекти биле забележани и во некои поголеми населени места како Кочани, Делчево, Демир Капија, Неготино, Врање и други, односно дури и на оддалеченост од 70 km од с. Крупник.

Силината на земјотресот не ги поштедила ни патиштата и мостовите. Според пишаните документи одреден број патишта, особено оние по долината на реката Струма биле распукани или непристапни поради одроните и свлечиштата кои се појавиле како резултат на земјотресот. Железничката линија која го заобиколувала епицентралното подрачје од југозападна страна на оддалеченост од 50 km и ги поврзувала Истанбул-Солун-Скопје-Белград останала неоштетена. Оштетени биле само некои железнички станици и други придружни објекти.

9

Слика 8. Карта на сеизмичко зонирање на Македонија за повратен период од 475 год., изработена според барањата на стандардот МКС EN 1998-1:2012 – Еврокод 8

Извор на податоци: Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, УКИМ-ИЗИИС, Скопје

Автори: З. Милутиновиќ, Р. Шалиќ; Соработници: Н. Думирџанов, В. Чејковска, Л. Пекевски, Д. Томиќ

За време на овој земјотрес бил сериозно оштетен и Рилскиот манастир (35 km од Кресна) каде во сите цркви на комплексот камените ѕидови биле со сериозни оштетувања и сите оџаци биле паднати. Некои од пишаните документи дури јавуват и за појава на оштетувања и на некои стари куќи во Сoлун (130 km од Кресна), па дури и за една жртва како последица на пад на корниз во Српското училиште во Солун.

Сведоштва

Во периодот 1965-1970 год. е направен обид да се соберат информации од сеќавањата на локалното население кое го преживеало овој земјотрес. Собраните информации не се од особена вредност бидејќи најголем дел од локалното население кое го преживеало земјотресот се иселило веднаш после самиот земјотрес или за време на размената на население после Балканските војни (1912-1913).

Денес не може да се најде точна или приближно точна информација за бројот на жртвите во овој земјотрес. За Пехчево се знае дека најголемиот број жртви и повредени (12 жртви во градот и 38 во непосредната околина; и околу 100 повредени) се предизвикани од пред-земјотресот. За време на главниот удар скоро сите мештани биле надвор од објектите.

Заради сериозните штети кои се јавиле на јавните и верските објекти, како и на тогаш новоизградениот патен правец по должина на реката Струма, во областите Едрене, Солун, Јанина, Битола и Косово, за надминување и санирање на наведените состојби, турските власти презедоа административни мерки кои резултираа со ослободување од данок и кредитирање пласирано преку тогашната Земјоделска банка. Не постојат информации дека овие мерки биле на располагање и на селаните за обнова на своите домови.

Сеизмичка опасност за Пехчево

Градот Пехчево според најновите карти на сеизмичко зонирање (слика 8) спаѓа во зона со највисока сеизмичност во Македониај (Z-5). Оттаму, објектите кои ќе се градат во овој регион според европските прописи ќе бараат највисоко ниво на сеизмичка заштита.

Автори: проф. д-р Зоран Милутиновиќ1, д-р Драгана Черних-Анастасовска2, проф. д-р Никола Думурџанов3, доц. д-р Радмила Шалиќ1, м-р Катерина Дрогрешка2, д-р Вера Чејковска2, м-р Јасмина Најдовска2, Даниел Томиќ1.

1 Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС)

2 Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Природно-математички факултет, Сеизмолошка опсерваторија

3 Рударско-геолошки факултет во Штип

Серија текстови на тема „Поголеми земјотреси на територијата на Македонија и нејзината околина“ (Продолжува)

 

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top