Насловна / Вести / Македонска филхармонија – урбан објект кој ги поместува границите и во поширокиот регион

Македонска филхармонија – урбан објект кој ги поместува границите и во поширокиот регион

Градењето на атрактивен објект во урбана зона е редок момент и воедно привилегија за демонстрација и афирмација на она што сме го научиле и што сме во можност да го реализираме. Особено ако постои конструкторски исчекор напред и еден нов урбан објект ги поместува границите, не само кај нас, туку во поширокиот регион.naslovna

              Градбата на новиот објект „Филхармонија“ во Скопје се одвива пред очите на секојдневието, во самиот центар на градот, единствена можност да бидеме отворена сцена за луѓето што пијат кафе на Кеј или пак возат по најпрометниот булевар под стоковната куќа Мост. Ретка можност да видат како постепено никнува еден од најубавите објекти на современата македонска архитектура и едно од најатрактивните конструкторски остварувања, при што во овој објект не импонираат количините вграден материјал, ниту пак големината во километри или квадратни метри, туку формата и начинот на кој е вграден секој кубик бетон, секој килограм челик или квадратен метар кров и фасада.vtora-slika-zatecena-sostojba-pogled-od-gore

               Компанијата „Гранит“ ги доби на изведба токму кровот, фасадите и партерното уредување, односно деловите од градбата што се визуелно најекспонирани и се пред очите на милиони луѓе. Фактот што овој објект е јавен, и многумина кои посакуваат ќе можат да го видат одблизу, па и одвнатре, сигурно ќе ги поттикне на подлабоко размислување за големината, времето и начинот на кој е граден објектот, и кои се имињата на творците. Токму како да се двете кровни куполи на Филхармонија, две египетски пирамиди.tehnicki-crtez-osnova-posvetla-pozadina

          Иако започнат како објект од исклучителна важност и приоритет, со јасна визија за голема потреба и неговото значење за културниот живот на државата, сепак него го следат големи тешкотии од самиот почеток, уште од фазата на проектирање.

           На отворениот конкурс за идјено решение победува една атрактивна закривена форма која последично бара специјален кровен систем и оригинално статичко решение на кровот и ободот. Деталите на разминување на главните кровни решетки стануваат многу комплексни, генерално, како и целата геометрија на двете куполи, а изработената работилничка документација во практичните услови за работа е тешко применлива. Северната фасада е импозантна, но и меѓу највисоките проектирани застаклени фасади кај нас. Законот за градба не остава можност проектантите да посочат комерцијален добавувач па оставени се докрај нерешени деталите за премин од кровот кон атиката, од атиката кон стаклениот дел од фасадата, од стаклената фасада кон камената облога на фасадата и за крај, поврзувањето на камената облога со партерното уредување. Тоа се токму позициите што ги  работи „Гранит“, и кои позиции всушност се опфатени со овој текст.

            Народот рекол: „кога не оди, не оди“. И онака бавната градба кулминира во 2013 година со целосно повлекување на дотогашниот главен изведувач „Алпине Бау“, кој објектот го напушти со речиси комплетирана АБ конструкција, во најголем дел завршена ѕидарија, делумно монтирана кровна челична носечка конструкција, а дел немонтирана и складирана на градилиште.

           Година дена подоцна, како второрангирани понудувачи, фирмите „Гранит“ Скопје и „Страбаг“ подружница Скопје, ја продолжуваат натамошната изведба на објектот. „Страбаг“ го презеде ентериерот, кој сега е во завршна фаза и за што наскоро ќе следи и посебен прилог во „Порта 3“. „Гранит“ ги презеде позициите на кровот, фасадите и партерот, од кои започната беше само носечката челична конструкција на кровот, но продолжението на градбата беше во многу тешки услови поради целосно прекинатата конекција со „Алпине Бау“, отежната или оневозможена комуникација со „Македонијапроект“,со нецелосно јасен обем и квалитет на извршените работи, некомплетна изведбена документација и со непотврдена геометрија на изведените работи за кровот.

 tehnicki-crtez-3d-model

НОСЕЧКА КРОВНА ЧЕЛИЧНА КОНСТРУКЦИЈА

Од вкупно предвидените 210 тони кровна конструкција, монтирани беа околу 70 тони, околу 60 тони беа немонтирани и ставени во кругот на градилиштето, додека 70-ина тони не биле воопшто изработени.

              Но на ваквиот конгломерат од изведбата на челичната конструкција се надоврзаа редица неочекувани технички пречки поврзани со неа, како што се: изменети детали кај „разминувачките“ јазли на главните решетки, изменети детали за налегање и воочени геометриски отстапувања во просторните координати кај монтираната конструкција. Ненадејниот прекин на работите на објектот се рефлектирал во редица недовршени работи кај монтажните подврски, недовршено заварување и недовршена антикорозивна заштита, не се поставени дел од монтажните, има недовршени анкерни склопови и оштетени анкери.montaza-na-vtor-segment

             Резултатите од две независно спроведени 3Д мерења на геометријата на бетонските лежишта и челичната конструкција, укажаа дека делови од монтираните решетки ќе мора геометриски да се корегираат, како би го фатиле правецот кон лежиштата на спротивната страна од куполата. Дигиталните копии од 3Д моделите за статичка пресметка и изработка на конструкцијата не беа компатибилни со нашиот софтвер. Во еден ваков сплет на околности, со голема поддршка на инвеститорот и надзорниот орган, „Гранит“ ги носи двете круцијални одлуки за кровот. Првата, самостојно да изврши комплетно повторена 3Д статичка пресметка на куполите, за која цел е ангажирана проектантската фирма „Вирендел“ од Скопје. Втората одлука е за подизведувач на кровната челична конструкција да биде назначен „Факом“ од Скопје, фирма со најголем производствен капацитет, најголемо искуство и сопствена логистика за производство и монтажа на специјални и габаритни метални конструкции.tehnicki-crtez-jazel-dolu konstrukcija-na-dolen-jazel tehnicki-crtez-jazel-gore

               Новоформираниот тим мораше да изработи и тестира нови нумерички модели за своите потреби, но поучени од претходното искуствo, ни стана јасно дека сите изведбени работи на куполите мора да се приспособат кон ефикасна, брза и безбедна монтажа на челичната конструкција, со што е можно повеќе работа во фабрика и на земја отколку на градилиште и „во воздух“, со императив на користење на сите расположливи ресурси за монтажа на кровната конструкција во и онака тесното градилиште.

              Како резултат на голем заеднички ангажман и хармонизација, во многу краток рок постигнат е виден напредок:

= На располагање е ставен софистициран 3Д модел за статичка пресметка како и 3Д модел за производство и монтажа на челичната конструкција.

= Донесена е цврста одлука постоечката кровна конструкција да се демонтира и сите доработки да се направат во фабрика, со исклучок на централната четирипојасна решеткаста конструкција која ќе се санира на самото место.

= Изработени се десетина елаборати со пресметки и детали од кои најважните се однесуваат на разминувањето на главните решетки, реконструкција на постоечките анкерни плочи и поедноставен детаљ за неизведените лежишта.

= Монтажата би се одвивала во големи конструктивни склопови кои ќе бидат формирани на земја, составени од две главни соседни надолжни решетки меѓусебно поврзани со соодветните попречни елементи, односно со деловите од попречните главни решетки.

              Конечно се најде излезот од лавиринтот, и градбата можеше да продолжи.

             Од конструктивен аспект, кровната носечка конструкција претставува спој на две куполи, од кои северната – голема купола претставува 2/3 од вкупната кровна површина и е со форма на неправилна потпрена сферна апсидна лушпа со радиус од 40 метри, додека јужната – мала купола е произволно дефинирана двострано закривена лушпа, без точна математичка формулација, и со геометрија која може да се реплицира во простор исклучиво со современа дигитална технологија. Куполата е всушност мрежа од голем број вертикално поставени рамнински решетки кои во основа формираат квадратна шема со точен растер од 4,00 х 4,00 метри. Висина на решетките е константно h = 2,50 метри, сите појаси се од кутијаст профил 150/150/6, а појасите на главните решетки теоретски формираат сложен просторен продор кој во пракса мора да се поедностави. Притоа, во континуитет се конструираат подолжните решетки, додека попречните решетки се испрекинати. Комплексноста на геометријата кулминира кај малата купола каде не постојат две идентични дијагонали, ниту две идентични вертикали.

              Од статички аспект, големата купола е потпрена на три страни врз АБ фасадни лачни греди, а четвртата страна врз просторната челична решетка, додека подолжните решетки (правец север-југ) се потпираат на уште една средишна АБ лачна греда која го скратува нивниот распон, ги прави покрути и ги промовира во главен носечки правец. Малата купола исто така лежи врз три АБ фасадни лачни греди и врз просторната челична решетка, при што овој пат распоните север-југ се пократки, така што правецот на главните решетки е истиот од големата купола. Продорот на малата во големата купола се случува врз четирипојасна крута лачна решетка.  Сите појасите се кутијасти профили 200/200/8 , висината на решетката е константни h = 2,50 m, а ширината се менува од bs=1,00 до be=2,50 m. Од статички аспект, централната решетка е континуална лачна греда потпрена на три зглоба, а куполите налегнуваат врз горните појаси.

Еден од најкомплексните детали кои требаше да се редизајнираaт е всушност разминувањето или попрецизно да се каже „просекувањето“ на подолжните и попречните решетки. Статички гледано, при разминувањето клучно е јазелот од подолжната решетка која е изведена во континуитет, да овозможи соодветна локална крутост и трансфер на силата од појасот на попречната решетка.

                 Монтажата започна од големата купола и тоа со средниот, најтежок склоп од преку 17 тони, едноставно како да сите имаа желба за верификување на етаблираниот нов концепт за производство и монтажа на кровната конструкција. И успеавме. Полесно од очекувањата.  Неколку месеци подоцна започна монтажата и на малата купола. Иако со многу стекнато искуство, охрабрени и полни со самодоверба, со целосно концентрирани ресурси, нејзината монтажа траеше подолго споредено со големата купола.

kalzip-model

КРОВЕН ПОКРИВАЧ СИСТЕМ Kalzip

Кровниот покривач е систем Kalzip GmbH – Германија, модификација на познатиот Bemo систем, специфичен по возможноста за профилирање на закривени и со променлива широчина алуминиумски канали за фалцување, кај нас познати како „шорни“.

Кровниот пакет е прикажан на сликата од примерокот на Kalzip и се состои од:

- Носечки челичен перфориран лим TR106/250, со дебелина од 0,88 до 1,25 мм

- Парна брана со дебелина од 1 мм

- Термичка и звучна заштита со 12 см тврдо пресувана камена волна 120 кг/м3

- Закривени алуминиумски кружни цевки ф=80 мм, со можност за нивелирање

- Исполна на слободниот простор со камена волна со 40 кг/м3

- Монтажа и фалцување на канали од алуминиумски лим t=1,0 мм

kalzip-montaza

Целиот кровен пакет овозможува носивост и до 200 кг/м2, а звучната заштитa е 43 Db. Шемата за кроење и виткање на алуминиумските канали е генерирана компјутерски и виткањето е потполно автоматизирано. За да се постигне бараната двојна закривеност на кровот, потребни се многу прецизни податоци за формата на челичната носечка конструкција, поради што 3Д геометријата за двете куполи претходно е скенирана со специјални камери носени од дрон. Олуците, снегобраните, разни кровни држачи, отвори на кровот и скали за ревизија се дадени како системни решенија. Неофицијално, малата купола е најсложениот кров во Европа покриен со системот Kalzip. Монтажата ја изврши фирмата „Прототип“ од Скопје.

 dsc_0015-2

ОБЛАГАЊЕ СО КОМПОЗИТЕН ПАНЕЛ

Краевите на кровот се обложени со алуминиумски композитен панел од проиводителот Alubond – САД, со вкупна дебелина 4 мм и дебелина на алуминиумските лимови од 0,5 мм. Облогата е изведена по целата обиколка на кровот, во три независни равнини, а со цел да се сокријат олуците, да се обложи атиката, и да се обложат стреите од долната страна. Облагањато со композитен панел како и фасадите ги изработи „Торах“ Скопје.

 internet-jansen_01

СТАКЛЕНА ФАСАДА СИСТЕМ JANSEN

Над кота 4,8 метри, фасадата на објектот по целата обиколка е стаклена, со најголема висина од 21,5 метри мерана на северната страна. Фасадите се класично конструирани со носечка потконструкција, дихтунзи и потисни профили, со хоризонтален растер од 2,0 метри, со носечки профили и фиксирање на стаклата со фасаден систем Jansen – Швајцарија. Вертикалните носечки профили претставуваат наменски дизајнирани челични правоголни цевки 60 х 150 мм со жлеб, со носивост до распони (висина) од 6,50 метри. Хоризонталните системни пречки се приспособени кон распоредот на меѓукатните конструкциии по височина на објектот, а на потезите со голема слободна висина, изведени се атрактивно дизајнирани челични виренделови носачи заради прифаќање на вертикалните челични профили.

         Најголемиот дел од стаклената фасада е транспарентна. Пакетот е составен од надворешно калено стакло Stopray Vision-60T дебело 8 мм, 20 мм простор исполнет со Argon 90%, а од внатрешната страна ламинирани се две стакла Planibel Clear од по 5 мм со две фолии Stratophone помеѓу нив.internet-jansen_02

Од поважните технички карактеристики за транспарентното стакло се:

= Светлосна пропустливост – tv (%)                         57

= Внатрешна светлосна рефлексија – ρvi (%)          14

= Тремички својства Ug вредност W/(m2 K)            1,0

= Пропустливост на UV зраци – UV (%)                   0

= Звучна и воздушна изолација – dB                          44

= Тежина на пакет стаклото 39 мм – кг/м2               46

Кај деловите од фасадата со парапетно стакло, непровидноста е обезбедена со дополнителен премаз од емаил.

 kalzip_perforiran-lim

КАМЕНА ОБЛОГА И ЖАЛУЗИНИ

На поголемиот дел од објектот под кота 4,8 м се монтира самовентилирачка фасада со надворешна облога од природен гранит d = 2,0 см и со текстура „Imperial white“.

Жалузините се изработени по точна мерка од префабрикувани алуминиумски профили и спојки. На фотографијата е прикажана источната фасада со стаклен дел, камената облога, жалузините и прозорците од приземјето.

ГОЛЕМ ОБЈЕКТ, ГОЛЕМО ИСКУСТВО, ГОЛЕМА ПОУКА

Објектот „Филхармонија“ покажа дека пишаните правила и усталената практика за малите објекти, едноставно, не може само да се копираат врз капиталните градби. Голем дел од тешкотиите при градењето на објектот, односно многуте недоречености и изнудени измени, се последица на законската пречка во проектирање на деталите со конкретен добавувач, при што се пропушта можноста сите суштински детали да бидат решени уште во самиот проект. Вака проектантот се потпира на нему познато системско решение кое го смета за најсоодветно, и според него ги дефинира техничките услови и технологијата за градба. И сето за миг знае да отпадне со ангажирање на друг добавувач кој со себе ќе донесе свои, сосема други системни решенија.

Овој објект ни ги разбуди со носталгија сеќавањата на минатото и некогашната функција на „надзорниот“ инженер, чиј стручен кредибилитет во минатото придонесуваше кон ефикасна и брза градба, а денес е претворен во „администратор“ без ингеренции, па макар да се работи и за ситница.

„ФИЛХАРМОНИЈА“ Е ПРИ КРАЈ

Планирано е објектот да биде завршен во почетокот на 2017 година, и од бината на големата сала да потечат првите тонови под диригентската палка на маестрото. Несебично, согласни сме во тие долгоочекувани два часа, инженерското достигнување да ја подели славата со музичкото дело.

za-naslovna

Објект „Филхармонија“ (основни податоци)

Локација: Платото меѓу МОБ и МБУЦ во центарот на Скопје

Идејно решение: Виктор Михајлов, дипл.инж.арх.

Проектант: Македонијапроект АД, 2008/2009

Ревидент: ИН Пума – Скопје

Надзор: Градежен Институт Македонија

Изведувач – прва фаза: Алпине Бау – Македонија, 2009-2013

Изведувач – втора фаза за кров, фасади, партер: ГД Гранит АД, 2014-2017

Изведувач – втора фаза за ентериер: Страбаг АГ – Македонија, 2015-2017

Површина во основа:                                                    3.200 м2

Корисна површина:                                                       8.800 м2

Волумен под кров заедно со подрум:                    48.000 м3

Површина на развиен кров систем Kalzip:         4.300 м2

Површина на фасада во алкобонд:                         1.700 м2

Површина на фасада во стакло систем Jansen: 3.500 м2

Површина на фасада во камена облога:                800 м2

Проект на Владата на Република Македонија и Министерството за култура на Република Македонија

Текстот го подготвија:

Никола Стојчевски, дипл.инж.арх., ГД Гранит АД Скопје

Горан Тодороски, дипл.инж.арх., Вирендел ДОО Скопје

4 Коментари

  1. dgi Rade Trninik

    so cel podobra informiranost na strucnata fela
    mora de se spomene i avtorot proektant na celicnata nosiva konstrukcija Zoran Stokuka moj kolega od proektansko na Iskra Kumanovo (celicnata konstrukcija se proektira isto kako i arhitektonskoto delo toa e isklucivo avtorsko delo) da napomenam deka vo toa vreme na izrabotka na glavniot proekt na nosivata celicna konstrukcija ne ni bea na raspolaganje programi vo 3D koi se koristat denes, bez pretenzii za omalovazuvanje na site kolegi koj ucestvuvaa vo finalna realizacija na ovoj proekt kako del od proektantski tim ili del od montazersko proizvodniot tim
    dgi Rade Trninik

  2. Дали има пропуст во поставувањето на завршниот дел од кровот, поточно спојот помеѓу кровот и алубонд краевите кој изгледа како да не е добро изведен? Односно, алубонд рамката не го покрива кровот и се гледа процеп на десниот агол кон билетарата на МОБ, гледано од главните скали на објектот на плоштадот.

  3. Архитектонски објектот можеби изгледа многу убаво, но од од конструктивен поглед не е многу за пофалба.

  4. Izvedbata na krovnata konstrukcija e edna od najkompliciranite izvedbi i bravo za makedonskite
    kompanii koi smognaa sili i toa go napravija. Bravo makedonski neimari.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top