Насловна / Архитектура / Сензитивно патување под куполите на спа центар во Баварија

Сензитивно патување под куполите на спа центар во Баварија

spa centar bavarija_04

Bad Aibling е мал град во Германија, 60 километри југоисточно од Минхен. Во него се наоѓа најстарата термална бања во Баварија. Во рамките на постоечките простории на старата бања е дизајнирана интересна доградба во традиција на старите околни градби, со цел да се збогати и осмисли живеењето на луѓето во околината и пошироко.

Концептот на ова извонредно остварување е на германското проектанско биро  Behnisch Architekten од Штудгард. Идејата на овој спа центар под високите планини во Баварија е да се креираат мали базени со посебни карактеристики, доживувања и експресии за секој различен момент во денот и за секој поединец. Последователно се создадени водни простории кои дишат во мир, тишина и медитативност, оддавајќи внимание на суптилните и тивки задоволства.

spa centar bavarija_01

Новиот дел од објектот се карактеризира со повеќе куполи со различни големини, под кои се наоѓаат индивидуални базени и простории за третмани. Куполите, со својата заоблена форма и разновидни отвори, успеваат да создадат една интересна игра на светлината што се рефлектира од водата и од ѕидовите, создавајќи уникатен амбиент, а истовремено и високо ниво на енергетска ефикасност на објектот.

spa centar bavarija_05

Овој спа центар има богата содржина, вклучувајќи купола за релаксација со водопади, купола со амам, базен посветен на сензорното доживување на звукот надвор и во водата, исто така и базен со вкрстувачка топла и ладна зона. Во најголемата купола се сместени велнес и центарот за убавина, каде што се нудат различни третмани за посетителите, додека во оддалечените крила се сместени сауни и тушеви кои се одлични за целосна релаксација на гостите.

spa centar bavarija_10

Објектот е изграден на терен во пад, кој овозможува природно вклопување во природата и заедно со богатото зеленило околу него ужива пријатна еколошка микроклима. Енергетскиот план на спа центарот е во служба на различните термички потреби во поединечните куполи. Во базените на спа центарот се одржува топла и влажна клима, додека во зимската градина воздухот е пријатен и сув.

190 Hot-cold dome, Heiss-Kalt Kuppel, Therme Bad Aibling_308 Mшrk, Eskerod.tif

Купола на доживувања

Во оваа купола водата ја покажува својата динамична природа и механичка сила. Таа е бучна и под притисок, креирајќи многубројни витли и струења. Внатрешниот дел од куполата има иразено сина боја со неколку децентрализирани отвори кои пропуштаат мала деликатна светлина, која си игра на ѕидовите и се прекршува во водата.spa centar bavarija_02

Сензуална купола

Во оваа купола посетителите се предаваат на медитацијата. Водата во овој базен е мирна и збогатена со подводна музика, додека светлината од кровот на куполата пропушта мал сноп светлина, којшто театрално игра со водата. Во средината на базенот се издигнува едно скулптурално светлечко тело со разновидни шари, кое придонесува за мистичноста на овој простор со контраст на светло и сенка, отвореност и интимност.

spa centar bavarija_01

Топла и ладна купола

За разлика од масивните бетонски куполи со мали отвори, оваа купола е прозрачна и покриена со лесен проѕирен плексиглас во принт. Оваа купола зрачи со изразени спротивности, ладниот дел е обложен со сина боја, наспроти топлиот со црвена. Акустиката на глаткиот ѕид од куполата го интензивира шумолењето на тивката брановита вода во богати водени звуци.spa centar bavarija_08

Купола за релаксација

Базенот за релаксација е темна просторија во која посетителите се повлекуваат за комплетно да се релаксират. Оваа просторија има големи празни бели ѕидови каде што се проектираат слики од мирни пејзажи. Овде гостите можат да се одморат во една уникатна и мултимедијална пештера.

spa centar bavarija_07

Целокупниот дизајн на оваа термална бања „плови“ во богатство на бои, уникатни детали и материјали, ѕидни мотиви и светлосни инсталации кои ги будат и стимулираат сите сетила и нудат незаборавно доживување на секој посетител. Овој спа центар претставува едно славење на водата како медиум кој лечи, исполнува и инспирира.

Испрати коментар

Scroll To Top