Насловна / Вести / Референдум за изгледот на ГТЦ до крајот на април

Референдум за изгледот на ГТЦ до крајот на април

gtc referendum

Најдоцна до крајот на април, жителите на Општина Центар ќе добијат можност на референдум да се изјаснат дали се за или против менување на изгледот на Градскиот трговски центар (ГТЦ). Од Општината кусо објаснија дека ја почнале иницијативата за реализација на референдумот.
„Референдумот ќе биде во согласност со Законот за локална самоуправа. За него ќе треба одлука да донесе и Советот, но и во случај да нема одлука на Советот, референдум за ГТЦ ќе има. Работиме на изнаоѓање и други начини за реализација на референдумот“, велат од Општината.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија и граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ досега организираа низа настани за спас на сегашниот изглед на Трговскиот, со детални објаснувања за вредноста на објектот, но тоа не ги поколеба властите во намерата да му го сменат ликот.
Два пати се организираше симболично „гушкање“ на ГТЦ, а се собраа и над 4.000 потписи за спас на ГТЦ.
Според идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, Градскиот трговскиот центар целосно ќе се затвори и ќе се надгради за плус еден кат. На покривот, најавено е дека ќе бидат поставени скулптури, а влезовите ќе бидат со антички столбови.
Минатата година Општината направи анкета, на која три четвртини од жителите се изјаснија дека на евентуален референдум би гласале против барок за ГТЦ. Дваесет и два отсто од анкетираните се изјаснија дека би поддржале менување на ликот на Трговскиот, а близу девет отсто од анкетираните одбиле да одговорат.

Испрати коментар

Scroll To Top