Насловна / Вести / Општина Центар ќе набави мобилна мерна станица заради контрола на загадувањето на воздухот

Општина Центар ќе набави мобилна мерна станица заради контрола на загадувањето на воздухот

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски оствари средба со претставници на здружението „Скопје смог аларм“.

На средбата стана збор за преземање конкретни мерки на краток и долг рок, кои би резултирале со намалување на загадувањето на воздухот.

Првата конкретна мерка која беше договорена е набавка на мобилна мерна станица од страна на општината. Со мобилната мерна станица ќе се овозможува прецизен увид во тоа кои фактори најмногу придонесуваат за загадувањето и на кои места во општината е највисока концентрацијата на ПМ честичките. Со овој уред ќе се изврши точна анализа и ќе се утврдат главните извори на загадување на секоја поединечна локација.Центар

Во втората фаза ќе се користат статистиките добиени од мобилната мерна станица за да се конципираат и да се преземат мерки соодветни за секоја поединечна локација. Овие мерки ќе бидат дел од четиригодишната стратегија на општината за намалување на последиците од загадувањето и зачувување на животната средина.

„И покрај ограничените ингеренции на општината, сакаме активно да придонесеме во намалувањето на воздушното загадување. Средбата со претставниците на еко-здружението е дел од тој стремеж. Задоволство ми е што имав прилика да поразговарам и да се посоветувам со луѓе кои се добро запознаени со состојбите. Средбата беше конструктивна и веќе договоривме конкретните мерки кои ќе ги спроведеме. Воедно, апелирам до надлежните министерства и градските власти да се вклучат активно во борбата против загадувањето. Состојбата е алармантна, здравјето на граѓаните е ставено под ризик и мора да се делува веднаш“, вели Жерновски.

Општина Центар низ изминативе години спроведе бројни проекти чија цел беше зачувување на животната средина и промовирање на еколошката свест. Дел од тие проекти се садењето на 255 високо школувани нови дрвја, обновување на зеленилото со површина од 70.000 метри квадратни, поставување на нови енергетско-ефикасни фасади, спроведување на акцијата „Цел Центар на точак“ и други активности кои ќе продолжат и во иднина.

Испрати коментар

Scroll To Top