Насловна / Вести / Милчо Манчевски побара од Жерновски мораториум за градење во Дебар Маало и во Градски парк

Милчо Манчевски побара од Жерновски мораториум за градење во Дебар Маало и во Градски парк

Центарци го обновија барањето до градоначалникот Андреј Жерновски за мораториум за градење во Дебар Маало и во Градски парк. Овој пат барањето му го испратија на веб-платформата „Идеи за Центар“, која Општината ја отвори со цел на граѓаните да им даде простор да ги претстават сопствените идеи за поубав Центар.

Идејата со наслов „Здравјето пред профитот“ на веб-платформата ја постави режисерот Милчо Манчевски.дебар маало

„Предлагам општина Центар да ги искористи сите законски и практични можности да прогласи мораториум на градење во Дебар Маало и Градски парк сѐ додека не се изработат и прифатат издржани научни студии за загаденост, густина на населеност и издржани сообраќајни решенија во Дебар Маало и Градски парк. На овој начин, Општината би требало да го запре влошувањето на квалитетот на живот и степенот на загаденост. Доколку постои волја, за ова постојат практични можности. Неразумно е профитот да биде поважен од здравјето“, напиша Манчевски.

Неговата идеја го собори рекордот во добиени гласови од граѓаните. До синоќа, оваа идеја е поддржана со над 300 гласови.

„Здравјето пред профитот“

Инаку „Здравјето пред профитот“ е новата акција на граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, со која бараат мораториум за градење во Дебар Маало и Градскиот Парк сѐ додека не се изработат и прифатат издржани научни студии за загаденост, густина на населеност и издржани сообраќајни решенија во скопската општина.

Од иницијативата порачуваат дека граѓаните на општина Центар треба да постават пример за урбано планирање за достоен и квалитетен живот за сите.

Жителите на Дебар Маало велат дека ако се прифати предлог ДУП-от, населбата ќе биде бетонирана и уништена.

Граѓанската иницијатива од градоначалниот на општина Центар Андреј Жерновски бараат да го повлече предлог ДУП-от за населбата затоа што е направен на несолидна планска програма, без податоци од теренот, а реализацијата на планот, сметаат жителите, би била фатална за населбата и граѓаните.

Жителите сметаат дека при изготвување на планот не се почитувал Законот за изработка на студии за сообраќај, зеленило и инфрастурктура затоа што целото маало е загушено од паркираните автомобили, а законите се направени во корист само на инвеститорите.

„Се манипулира со висината на објектите и постои можност цело Дебар Маало да биде преплавено со згради од по 15 ката. Има огромни недостатоци во обработката на податоците за густина на населеност, дури и се предвидува намалување на густината на населеност со зголемување на катноста на зградите“, соопштуваат од граѓанската иницијатива.

Од инцијативата алармираат дека доколку се прифати овој ДУП, целата населба ќе биде нерешено паркинг место, а сите слободни пешачки места, патеки, зелени површини, барови и ресторани ќе мора да се пренаменат во паркинг места за да ги задоволат потребите на населбата.

Планот дозволува градење згради блиски една до друга, планот ќе го направи невозможен пристапот за амбулантни коли и пожарни, а се предвидува и уривање на пазарчето „Буњаковец“ за на негово место да се изградат трговски центар и згради двапати повисоки од предходниот план, велат од иницијативата.

Еден коментар

  1. Анонимен

    Ja pozdravuvam i podrzuvam inicijativata ama veke e docna Debar Maalo veke ne postoi

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top