Насловна / Арт и дизајн / Интернационално графичко биенале „Скопје“ во Музеј на град Скопје

Интернационално графичко биенале „Скопје“ во Музеј на град Скопје

Вечер (27 јули), во 20.30 часот, во Музејот на град Скопје ќе се отвори првото Интернационално графичко биенале „Скопје“. Организатори се Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) во соработка со Дирекцијата за култура и уметност.

Препознавајќи ја графиката како еден од најстарите ликовни медиуми, Друштвото на ликовни уметници на Македонија низ графичките изложби ѝ дава посебно значење. Досегашната изложба со наслов „ДЛУМ – графика“, која ДЛУМ успешно ја организира последователно 32 години, е доволен показател за големината и значењето на овој медиум на ликовната сцена во Македонија.интернационално графичко биенале

Земајќи го предвид 70-годишниот јубилеј на ДЛУМ, кој се одбележува оваа година, и воедно следејќи ги светските графички трендови, ДЛУМ во соработка со Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, односно манифестацијата „Скопско лето“, започнува нов проект „Интернационално графичко биенале – Скопје“.

„Живееме во време во кое сме сведоци за експанзијата на дигиталните медиуми. Современата технологија која сѐ повеќе се употребува како изразно средство во ликовната уметност, несомнено влијаат за постепеното исчезнување на овој ликовен медиум. Иако голем број манифестации посветени на графиката полека згаснуваат, искрено веруваме дека ова Интернационално графичко биенале ќе прерасне во традиционална изложба собирајќи го кремот во графичката ликовна уметност на едно место.

Самиот број на пристигнати дела за ова биенале, како и застапеноста на 14-те земји, меѓу кои Кина, Германија, Австралија, САД, Канада, Тајван, Полска, Хрватска… се доволен показател дека ова прво издание изобилува со 60-ина извонредни графички дела и со реални очекување дека ќе бидат доволен поттик кај новите генерации да продолжат да го негуваат овој медиум, развивајќи го во еден нов современ правец“, нагласија од ДЛУМ и од „Скопско лето“.

Испрати коментар

Scroll To Top