Насловна / Вести / Емануел Макрон – За заедничка Европа и почиста енергија

Емануел Макрон – За заедничка Европа и почиста енергија

Претседателската трка во Франција го привлече вниманието на јавноста низ целиот свет. Ако по изборот на Трамп во САД коментиравме дека светот повеќе нема да биде ист со оглед на ретроградните ставови на новоизбраниот претседател по однос на енергетиката и прашањата за климата, тогаш во случајов на Франција мора да истакнеме дека исходот од последниве избори сериозно ќе ја профилира идната енергетска политика на оваа земја, но и на Европа.makron ekologija_07

Дотолку повеќе што претседателскиот кабинет на француската република има многу поголема моќ отколку оној во САД, а можеби и најголема воопшто во демократскиот свет. Од друга страна, пак, земјата има силна економска моќ и претставува вистинска енергетска велесила, особено во областа на нуклеарната енергетика.makron ekologija_05

Да потсетиме, Франција има удел од над 70% електрична енергија која ја произведува во нуклеарни централи, по што е прва во светот. Земјата е најголем извозник на електрична енергија во Европа, а енергетскиот сектор е доминантно во државна сопственост. Во тој контекст, ставот на десничарката Ле Пен за напуштање на Европската Унија, секако ќе значеше, меѓу останатото, и сериозен удар за енергетската сигурност на Унијата како целина. За среќа, и на голема радост на прогресивниот свет, Французите со големо мнозинство го избраа Макрон, центристот што формира своја партија пред само една година.makron ekologija_04

Во последниот период, медиумите кај нас повеќе пишуваа за неговиот брак и возраста на неговата сопруга отколку за неговата силна економска програма. Но неговата економска програма во поглед на прашањата за енергијата и климатските промени, ја води земјата во драматична енергетска транзиција која се темели на принципите на одржливост и визијата за модерна Европа.loi transition énergétique

Во продолжение Ви ги презентираме неговите ставови за некои од главните енергетски и еколошки прашања. Зошто ова би требало и нас да нè интересира? Затоа што како една од најмоќните земји во ЕУ, Франција активно учествува во креирањето на европската енергетска политика и легислатива, а нам како земја кандидат важно ни е (или барем треба да ни е важно) кои се нашите обврски и во кој правец треба да ги креираме нашите политики во оваа сфера.

makron ekologija_09

Намалување на уделот на нуклеарната енергија и затворање на термоцентралите на јаглен

Во делот на нуклеарните енергетски капацитети, Макрон ќе ја продолжи заложба на неговиот претходник за редуцирање на уделот на произведената нуклеарна енергија во земјата од 75% на околу 50% до 2015 година. Некои од француските реактори (денес се активни 58 нуклеарни реактори во земјата) ќе треба да се затворат во најскоро време, со оглед на нивниот период на експлоатација и потенцијалната закана за безбедноста. Дополнително, Макрон најави и постапно затворање на термоцентралите на јаглен во наредниот период од пет години.

Зголемување на капацитетите на обновливи извори на енергија

На сметка на редукцијата на произведената енергија од нуклеарки, претседателот планира вистински инвестициски бум во сферата на обновливците. Според програмата, до 2030 година уделот на обновливата енергија во крајната потрошувачка треба да достигне 32% (од сегашните 15%), додека во производниот микс да изнесува 40% (од сегашните 18%). Всушност, овие таргети не се никаква новост, туку се дел од т.н. Закон за енергетска транзиција кој Франција го донесе во 2015 година, а Макрон беше дел од Владата на социјалистите како министер за економија. Во тој контекст, Макрон уште во февруари најави пред претставници на НВО од областа на екологијата, дека до 2022 година ќе го удвои инсталираниот капацитет на енергетски постројки на ветер и фотоволтаични централи. Постапките за градење на новите капацитети од вкупно 26 GW, тој вети дека ќе бидат објавени уште на почетокот од неговиот мандат.makron ekologija_02

Збогум на дизелот

Иако во времето на своето министерување тој беше „заштитник“ на дизел возилата, па дури имаше и конфликт со градоначалникот на Париз по тоа прашање, сметајќи дека најпопуларното гориво за автомобилите во Франција, а со тоа и француските автомобилски брендови не треба да бидат „предмет на организиран лов“, во својата предизборна кампања тој сепак ретерираше во своите ставови. Макрон ќе ја намали поддршката за дизел горивото преку зголемување на данокот, но најави и амбициозна цел за целосно прекинување на продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување во Франција до 2040 година. Бројот на станици за полнење на електрични возила ќе биде зголемен за поголема стимулација на експанзијата на електрични возила. Инаку, како резултат на напорите за подобар квалитет на воздухот, Франција ги укина даночните поволности за дизелот уште во 2015 година. Само за илустрација, да споменеме дека популистичката програма на ултрадесничарката Ле Пен, чиј слоган беше „во името на народот“ (au nom du people), овој потег на владата го оквалификува како „предавство на работничката класа“.

Инвестиции во енергетската ефикасност

Инвестициите во енергетската ефикасност се во фокусот на економската програма на Макрон, поранешниот банкар. Тој вели дека ќе обезбеди фонд од четири милијарди евра државни пари, со кои на најсиромашните семејства ќе им се овозможи енергетски ефикасна реконструкција на домовите, но уште дополнителни четири милијарди евра за енергетска реконструкција на јавните згради. „Тоа не само што ќе биде добро за развојот на националната економија, туку ќе обезбеди енергетски заштеди од 400 милиони евра на годишно ниво“, вели претседателот.

Такси за загадувачите на емисијата на јаглерод диоксид

Минатата година, Франција се наметна како лидерски глас во ЕУ во борбата за зголемување на таксите за емисија на јаглерод диоксид, но подоцна ретерираше поради можните правни компликации во спроведувањето на оваа цел, и во Брисел и на национално ниво. Тогашниот министер Макрон беше и тогаш дел од овие заложби, но и денес тој се држи до таргетот поставен во Законот за енергетска транзиција што ќе овозможи пенализирање на загадувачите со 56 евра/тон CO2 до 2020 г., односно со 100 евра/тон CO2 до 2023 година.

Колку од овие ветувања ќе се оставарат во Франција и колкаво ќе биде влијанието на новиот лидер врз политиките на ЕУ, останува да видиме во наредниот период. Но, судејќи според фактот што својата победа ја прослави со звуците на химната на Европа, односно „Одата на радоста“, неговиот оптимизам за обединета, успешна и прогресивна Европа е повеќе од очигледен.

Испрати коментар

Scroll To Top