Насловна / Вести / ЕБОР се откажа од финансирањето на „Бошков мост“

ЕБОР се откажа од финансирањето на „Бошков мост“

Откако го одобри пред шест години, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја откажа финансиската поддршка на хидроелектраната „Бошков мост“, која беше планирано да се гради во Националниот парк „Маврово“.

Својата одлука најголемиот финансиер на проектот и официјално ја потврди одлуката на својата веб-страница. Европската банка за обнова и развој обезбеди кредит од 65 милиони евра за изградба на енергетски капацитет со инсталирана моќност од 68,2 мегавати.HE-Boskov-Most-akumulacija-01

Хидроелектраната „Бошков мост“ треба да произведува 117,54 мегават часови електрична енергија на годишно ниво. Проектната документација планираше да се искористи водниот потенцијал на Мала Река и на нејзините притоки.

Одлуката од ЕБОР доаѓа само неколку месеци по усвоеното барање за суспендирање на сите инфраструктурни проекти во Националниот парк Маврово, кое беше донесено на крајот од 2015-та година од Постојаниот Комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа.

Мавровскиот национален парк содржи стара букова шума и ретки примероци од животни, како што е рисот. Мавровскиот национален парк се простира на површина од 73.000 хектари, и лежи на границата со Албанија и Косово.

Националниот парк „Маврово“ во Македонија – признаен од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) – е еден од најстарите национални паркови во Европа. Според IUCN, национални паркови се области издвоени со цел да се заштитат големите екосистеми од негативното човечко влијание. Како такви, националните паркови се области каде се забранети  големи хидроелектрани или било кои други деструктивни форми на користење на земјиштето. Националниот парк Маврово на меѓународно ниво е означен како значајно растително подрачје, значајно подрачје за птици, подрачје од клучно значење за биодиверзитетот како и Емералд подрачје. Содржи тринаесет загрозени живеалишта и бројни ендемски и/или загрозени видови наведени во анексите на Бернската конвенција. Маврово е дом на единствената останата популација на балканскиот рис (Lynx lynx ssp. Balcanicus) и на една од последните преостанати недопрени букови шуми на Балканот.

Испрати коментар

Scroll To Top