Насловна / Вести / Чекор напред за заштита на природното наследство на Македонија

Чекор напред за заштита на природното наследство на Македонија

„Натура 2000“ е најголемата координативна мрежа на заштитени подрачја ширум светот и опфаќа повеќе од 18% од копното и речиси 6% од морската територија на ЕУ. „Натура 2000“ има два вида области: Посебни заштитени подрачја (Special Protected Areas -SPA), кои се основани во согласност со ЕУ Директивата за птици, и Посебни подрачја за заштита (Special Areas of Conservation -SAC), во согласност со ЕУ Директивата за живеалишта.img_0123
Во Македонија тековниот проект „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000“, финансиран од Европската Унија, постои со цел да изврши подготовка за воспоставување на мрежата на „Натура 2000“. На почетокот на следната година ќе бидат предложени најмалку седум можни „Натура 2000“ локации во Македонија, кои ќе бидат одредени во согласност со барањата на Директивите за птици и живеалишта. Повеќе околу проектот, неговото имплементирање и предизвиците при реализацијата, разговаравме со г. Даниел Богнер, тим лидерот на овој проeкт.
Со цел да се заштити природата, Европската Унија воспостави еколошка мрежа, наречена „Натура 2000“, најголема координативна мрежа на заштитени подрачја ширум светот. Која е задачата на мрежата „Натура 2000“?
-Видовите и живеалиштата во Европа не познаваат граници. На пример, доколку успеете да спасите одреден вид во една земја, но не во останатите земји, тој вид може да изумре. Земајќи го ова предвид, целта на мрежата „Натура 2000“ е да обезбеди долгогодишен опстанок на европските највредни и најзагрозени видови и живеалишта, според ЕУ Директивата за птици (која ги заштитува видовите диви птици) и ЕУ Директивата за живеалишта (која го заштитува дивиот свет и природните живеалишта во Европа).unnamed
Бизнис заедницата често смета дека заштитените подрачја ќе ја нарушат можноста за економски развој. Дали концептот на „Натура 2000“ вклучува човечки активности? Исто така, дали ќе може да се лови во овие заштитени подрачја?
-Ова е честа заблуда на почетокот на процесот на имплементација на „Натура 2000“. За среќа, земјите во ЕУ веќе се запознаени со процесот и тие докажаа дека фактичката ситуација е целосно спротивна. Имено, додека од една страна е точно дека во подрачјата избрани од „Натура 2000“ се имплементирани мерки за заштита, од друга страна – концептот на „Натура 2000“ нема за цел да исклучи човечки активности. Инфраструктурни проекти, лов и риболов, може да се извршуваат, сè додека се следат упатствата на мрежата, коишто овозможуваат заштита и одржување на видовите и живеалиштата. Станува збор за соживот помеѓу природата и луѓето.
Исто така, морам да нагласам дека „Натура 2000“ може да биде корисна, гледано од економски аспект. Студијата „Економските придобивки од мрежата на Натура 2000“ (The Economic benefits of the Natura 2000 Network -http://ec.europa.eu/…/financi…/docs/ENV-12-018_LR_Final1.pdf) издадена од Европската комисија, покажува дека финансиските придобивки се помеѓу 200 и 300 милијарди евра годишно! Ова е затоа што „Натура 2000“ поставува основа за нови можности во руралните средини преку развивање на еко туризам, одржливо земјоделство, како и користење на природните ресурси.img_0118
Кои се главните активности на тековниот проект „ Зајакнување на капацитетите за имплентација на Натура 2000“?
-Овој проект финансиран од ЕУ, постои со цел да изврши подготовка за воспоставување на мрежата на „Натура 2000“. Во оваа фаза тоа се однесува на: усогласување на националното законодавство со директивите на ЕУ за заштита на природата; проценка на потенцијалните локации на државно ниво во согласност со Директивите за птици и живеалишта, развој на географски информативен систем ГИС систем за Натура 2000; зајакнување на капацитетите на администрацијата за имплементација на закон за заштита на природата и подигнување на јавната свест за „Натура 2000“. Можеби најинтересниот дел за потребите на ова интервју, е податокот дека на крајот на проектот (почетокот на следната година), ќе бидат предложени најмалку седум можни „Натура 2000“ локации во Македонија, кои ќе бидат одредени во согласност со барањата на Директивите за птици и живеалишта.
Кои се придобивките да се започне со процесот „Натура 2000“ додека сè уште земјата е кандидат за влез во Европска Унија?
-Процесот секаде започнува во овој период. Целта е да се овозможи доволно време за да се направат детални истражувања, со намера да се одреди фактичката состојба на живеалиштата и видовите што се дел од Директивите, што ќе доведе до дефинирање на „Натура 2000“ локации (кои ќе станат официјални во моментот кога земјата станува членка). Исто така, усогласувањето на законите не е краток процес, бидејќи треба да се утврдат нови измени на Законот за заштита на природата, и последно, но не помалку важно, треба да се информираат сите засегнати страни (кои ги има многу – од сопственици на земјишта, бизнис секторот и јавноста) и да земат учество во спроведувањето на „Натура 2000“.img_0190
Дали „Натура 2000“ може да биде дел од промовирање на регионот. Исто така, дали може да создаде можности за развој на руралниот туризам?
-Да, ова досега се покажало како практика во земјите членки на ЕУ – од промоција на регионот до создавање брендови поврзани со „Натура 2000“, можностите се бројни. Истражувањето што го споменав погоре, укажува дека посетителите на локациите на „Натура 2000“ прават профит помеѓу пет до девет милијарди секоја година.
На кој начин широката јавност ќе биде вклучена во спроведувањето на „Натура 2000“?
-Во основа, „Натура 2000“ поттикнува учество на сите нивоа. Јавноста може да ја посети нашата интернет-страница, www.natura2000.gov.mk, да нè следи на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм (Natura 2000 MK), каде што се добредојдени сите предлози. Исто така, сите заинтересирани може да учествуваат преку граѓанските организации коишто се занимаваат со заштита на животната средина. Кога ќе се предложат локациите на „Натура 2000“, ќе биде могу важно да се вклучи локалното население, со цел да се слушне нивното мислење и да се обезбеди нивно учество.
Кои се вашите заклучоци во врска со одвивањето на проектот досега, кои се главните пречки на кои треба да се работи и кои се предизвиците на проектот за во иднина?
-Соработуваме со Министерството за животна средина и просторно планирање, во чија сопственост е овој проект, поточно со Секторот за природа, и сме среќни кога гледаме дека постојат толку многу професионалци, за кои „Натура 2000“ претставува уште еден чекор напред за заштита на природното наследство на земјата. Исто така, научниците што се дел од истражувањето имаат големо познавање за живеалиштата и видовите, и ние сме сигурни дека на крај ќе ги имаме најрелевантните информации. Најголемиот предизвик е сложеноста на самата имплементација, којашто зависи од волјата на инволвираните страни за комуникација и соработка, а ние веруваме дека ќе успееме да ги воспоставиме овие први чекори кон поставување на мрежата „Натура 2000“ во вашата земја.

Пишува: Марина Верушеска

Испрати коментар

Scroll To Top