Во време кога градовите се борат со пренатрупаност, загадување и недостаток на јавен простор, Њујорк пронашол инспирација во сопственото индустриско наследство.
The High Line, некогаш напуштена железница, денес се смета за еден од највлијателните примери за современа урбана регенерација во светот и доказ дека инженерството и урбаната политика можат заедно да го трансформираат просторот и заедницата.

Инженерство и урбано рециклирање
The High Line не е изграден – туку повторно освоен. Структурата е изградена во 1930-тите како дел од проектот West Side Improvement, железничка линија што превезувала товар низ западен Менхетен. Откако поминал последниот воз во 1980 година, железницата останала во лоша состојба, сè додека локалната заедница не покренала иницијатива во 1999 година за нејзино зачувување и претворање во јавен простор.
Наместо рушење, применет е принципот на адаптивна пренамена, со што се сочувани десетици илјади тони градежен материјал, а во исто време избегнат огромен карбонски отпечаток од новата изградба.

Одржлив пејзажен дизајн и биодиверзитет
Пејзажниот архитект Piet Oudolf го применил принципот „designed wild“ – дизајн кој користи комбинација од диви и внимателно селектирани адаптирани растителни видови кои успеваат без прекумерно одржување. Повеќе од 500 видови растенија се внимателно одбрани за да се вклопат во климата на Њујорк и да го поттикнат локалниот биодиверзитет.
Користени се пропустливи површини, биоретенциони зони и системи за пасивно управување со атмосферските води, што го намалува оптоварувањето на канализационата мрежа на градот. Сето ова го прави The High Line еколошки филтер долж западен Менхетен.

Инженерски предизвици при пренамена
Надземната челична конструкција, висока околу 9 метри над улиците, била извор на бројни предизвици, од кои првиот бил структурната стабилност. Секој сегмент морл темелно да се анализира и зајакне, со цел да ја издржи не само тежината на новите бетонски патеки и растенија, туку и илјадниците посетители дневно. Посебен предизвик претставувала интеграцијата на нов слој на супстрат и дренажни системи над постојната челична конструкција.

Исто така, било важно да се задржат историските елементи – оригиналните шини, металните сврзувачки елементи и навртките се конзервирани и интегрирани во дизајнот, со што се зачувала автентичноста на постиндустрискиот идентитет на линијата. И конечно – пристапноста. Со оглед на височината, секој влез во паркот морал да биде проектиран со лифтови и рампи, во согласност со ADA стандардите.
Дигиталното моделирање и фазната изградба (2006–2019) овозможле изведување на работите без затворање на улиците под трасата – што било дополнителен инженерски подвиг во густото урбано јадро.

Пример за соработка меѓу јавниот и цивилниот сектор
За разлика од класичните „top-down“ проекти, High Line е создаден како резултат на соработката на граѓаните, невладиниот сектор и градската администрација. Организацијата Friends of the High Line со помош на донации (меѓу кои се истакнува поддршката на познатата дизајнерка Diane von Fürstenberg, чие студио се наоѓа веднаш под High), успеала да собере повеќе од 150 милиони долари, со значителна поддршка од градската и државната администрација.
Овие јавно-приватни партнерства овозможиле паркот да се отвори бесплатно за сите, со економскиот бум што следел. Околу 12.000 нови работни места, десетици архитектонски инвестиции и стотици илјади квадратни метри нова содржина создадени се со High Line, но и дебати за гентрификацијата и достапноста на домувањето.

Модел за идните градови
High Line започна глобален бран на „паркови на висина“ – слични проекти се создадени во Сеул (Seoullo 7017), Париз (Promenade Plantée) и Чикаго (The 606). Неговото влијание лежи во едноставна, но моќната идеја: дека постојната урбана инфраструктура може да стане ресурс, а не пречка за понатамошен развој на градот.
Во време на климатски промени, урбани метежи и потреба од висококвалитетни јавни простори, The High Line им нуди на архитектите, урбанистите и инженерите алатка за размислување за идните интервенции – како во Њујорк, така и во Скопје.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија