Насловна / Архитектура / Организација на урбана средина

Организација на урбана средина

Tokio 1

Урбаната средина во Македонија, како сложен систем, се развива со различен интензитет во време и простор. Резиме на развојот низ времето:  различно ниво на просторен развој на градските населени места;  процеси на идустријализација и урбанизација; голем прилив на население во градовите; лесно зафаќање на рамните терени за развој на градовите; несоодветна инфраструктурна опременост на градовите во однос на приливот на население; бесправна градба; период на транзиција; зголемување на потребата за порамномерен развој на просторот, во услови кога тоа реално е многу тешко да се постигне; нагласен развој на главниот град Скопје. Се презентираат некои аспекти на урбаниот простор.

Tokio 3

Токио

Трансформација на урбаната средина.  Глобалното општество се карактеризира со развој на градовите како резултат на процесот на урбанизација, со депопулација на руралната средина. Трансформација на урбаната средина се одвива од затворени градови со ограничена урбаната структура во процес на динамични градови, кои го зголемуваат своето ткиво со што е отежната контролата на равојот на градовите. Со текот на времето се менува мерилото на градовите, со тенденција на постојан пораст, со различен интензитет во зависност од локалните и регионалните ситуации.bitola 2a

Битола

Присутните миграции на населението можат да се третираат на локално, национално, регионално и на глобално ниво, како процеси на концентрација и депопулација. Концентрирање на население во одредени делови како миграциони жаришта во што се врши  згуснување на  урбаната структура со голема густина на популацијата (како резултат на празнење на руралната средина), со што има дисбаланс на оптоварување на средината, со неповолни ефекти на вкупниот  екосистем.stip 1a

Штип

Миграциите се одвиваат од селата кон градовите, но се јавуваат и миграции од помалите кон поголемите градови и кон главните градови на државите, како и миграции од едни во други земји, од помалку развиените кон поразвиените. Постојано  движење на населението во светски рамки. Процес кој продолжува и натаму.

Со таквото движење на населението се врши притисок на урбаната средина и во неможност да се организира соодветен урбан простор, се оформуваат спонтани групации на објекти и населби, со ниска комунална опременост и неповолни хигиенски услови, во кои луѓето егзистираат во несоодветни услови за живееење, како што се бројни примери на сламови во многу градови низ светот, што создава неповолна слика на урбаната средина како резултат на миграциите.

Процесот на развој на индустријата во Македонија овозможи забрзан развој на урбаната средина. Во услови на неможност за ефикасна контрола на приливот на население во градовите, се предизвика дисбаланс во просторот и концентрирање на население во градовите, особено во главниот град Скопје, со напуштање на селските огништа и празнење на селата. Развој и деградација како паралелни процеси.

Развојот на градското население во Македонија, следен низ пописите од 1953 до 1994 година, е со постојан пораст на градското население. Според пописот од 1953 година, градското население изнесува 31,3% од вкупното население, во 1961 година е 38,6%, во 1971 година изнесува 48,8 % , во 1981 година е 55,2%, во 1991 година е 58,1%  и во 1994 година градското население изнесува 58,7% од вкупното население, што претставува евидентен пораст на градското население (Национален извештај за човекови населби за Конференцијата на Обединетите нации Хабитат 2, 1996, стр. 14).veles 1a

Велес

Урбанизацијата претставува комплексен, доминантен процес во просторниот и вкупниот општествено-економски развој во државата. Нагласената динамка во претходниот период, искажана преку интензивен демографски, функционален и просторно-физички развој на урбаните населби и депресивен развој на  руралниот простор, претставува основен атрибут на урбанизацијата. Процесот на нагласен развој како резултат на концентрација на општествените функции и стопанските капацитети во урбаните центри, претставува основна причина за интензивно зголемување на  градското население и достигнат завиден степен на урбанизација од 59,7%. 29 населби или 1,6% од вкупниот број населени места во Македонија (1795) формираат категорија на градски населени маста (ПП РМ, 2004, стр.51).

Тенденции на развој на урбана средина.

Во рамки на Европската Унија се промовира принципот на полицентричност како спротивност на моноцентричниот урбан развој насочен кон еден центар (кој како практика е присутен во многу држави како и во Македонија, со примерот на Скопје). Во рамки на Европската просторно развојна перспектива – ESDP (European Spatial Development Perspective, Stockholm, Sweden, 2006) се промовира полицентричноста како клучен концепт на просторниот развој, особено на урбаната средина. Полицентричноста придонесува за порамномерен регионален развој со соодветни урбани агломерации со избалансиран систем на градови, со обезбедување еднаквост во пристапот на ифраструктура, одржлив развој, менаџмент и заштита на природата и културното наследство. Наместо натамошно економско и демографско концентрирање, треба да се насочува порамномерен развој и урбана рамнотежа како динамични зони на економска интеграција, во функција на организирање на полицентричен европски простор. Тоа ќе се постигне со ревитализација на одделни урбани целини во периферните региони, засилена кооперација на градовите, со цел засилена интеграција и оформување на глобални динамични зони.

Урбани содржини.  Во генерален контекст, урбаните функции се сведуваат на следните основни категории на функции: домување (во сите појавни видови на домување); работа (како дејствување во просторот со сите видови активности, пред сè во однос на производствените дејности, со кои најмногу се ангажира просторот во градовите); рекреација (како комплекс на психо-физичка регенерација на луѓето). Покрај овие три основни групи се третираат и следните: сообраќај (како потреба за движења за функционално поврзување на сите основни функции); услуги – како интегрирана категорија на дејствување со која се опслужуваат основните функции во просторот. (Галиќ, Ристо: Урбано зонирање, Македонска книга, 1980, Скопје, стр. 39)

Во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (Сл. весник на РМ бр. 63/2012), намената на земјиштето е утврдена со шест групи на класи на намени: А – домување; Б – комерцијални и деловни намени; В – јавни институции; Г – производство, дистрибуција и сервиси; Д – зеленило, спорт, рекреација и меморијални простори и Е – инфраструктура (член 30).

Секој град има различни квантификации и поврзувања на намените во рамки на урбаното ткиво. Покрај зонско надоврзување по хоризонтала, организирани како зони со компактна намена, урбаните намени можат да се организираат со навлегување на комплементарни намени во зоните или да се организираат во различни просторни композиции по вертикала во рамки на урбани структури, со надополнување на намените по вертикала, со што во рамки на градот се јавуваат мултинаменски динамични структури. Можност за различно креирање на градскиот организам според потребите на жителите, карактеристиките на теренот и поставеноста на урбаните мрежи односно мрежата на сообраќајници.Urbani mrezi 1

Урбани мрежи. Секој град има соодветна урбана мрежа составена од сообраќајници третирани како линиски системи. Со потенцирање на урбаните мрежи се формираат урбани блокови односно урбани содржини за различна намена, со што се оформува специфична урбана мрежа за секој град. Приказ на урбани мрежи на неколку градови.

Градот како систем

Секој град е специфичен систем кој се развива со текот на времето. Градот како сложена структура е предмет на истражување на многу научни дисциплини и се врши согледување на неговите перменентни трансформации низ времето од разни агли на перцепција. Градот се создава со генерации, со вклучување на многу творци и секој на свој начин дава одреден белег на градот, прави мозаик на лицето на градот, кој се таложи со времето. Урбаниот изглед и архитектурата се одраз на секое време, и од таа гледна точка може да се направи согледување на секој временски период на творење ако има етапност во градоградењето. Ако таа етапност и последователност временски е  континуирана, можат да се согледаат урбаните слоеви во развојот на градовите. Ако има мешање на таа урбана еволуција, тогаш слоевите се со нијанси и нема можност да се следат урбаните процеси како целина со просторно-временските траги во ткивото на градовите. За да се согледа реалниот придонес кон квалитетот на живеењето на граѓаните во градот, потребно е да се вреднуваат ефектите од планираната и реализираната урбана изградба во ткивото на градовите во одреден временски период.

Секој човек различно го доживува градот или некои негови делови. Сите тие множества на човечки пулсирања ја создаваат сликата на градот како динамичен организам. Ако планираните и реализираните урбани интервенции во градот ги подобруваат условите за живеење, сигурноста, заштитата, достапноста на просторите, секако дека граѓаните ќе се чувствуваат подобро во урбаните простори и обратно. Градот не може да се идентификува без луѓето, односно функционирањето на  урбаната структура е во корелација со човечката енергија, сочинувајќи комплексна хумано-просторна целина.krusevo 1

Крушево

Урбанистички планови за градови

Според Законот за просторно и урбанистичко планирање (член 4) се утврдени 10 начела при планирање и уредување на просторот: рамномерен просторен развој; рационално користење и уредување на просторот; услови за хумано живеење и работа на граѓаните; надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет; одржлив развој; заштита и унапредување на животната средина и природата; заштита на недвижното културно наследство; заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии; јавност во постапката за донесување и спроведување на плановите и усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот.

При изработување и донесување на основните и деталните урбанистички планови за градовите, некои од утврдените принципи се применуваат со поголем интензитет и посветеност за разлика од други кои се декларативно вклучени во плановите, но секако тоа зависи од одвивањето на целокупната постапка за изработување и донесување на плановите. При планирањето, особено треба да се внимава на вториот и третиот принцип (рационално користење и уредување на просторот и услови за хумано живеење и работа на граѓаните). Водени од иницијативата на инвеститорите за максимално зафаќање на градежните парцели, се форсира максимален ефект од локацијата дури и со неповолни влијанија врз условите за хумано живеење на соседните објекти и граѓани, а тоа е најчесто присутно кога се предвидуваат нови објекти со релативно големи волумени во близина до постојните, со што се намалува квалитетот на средината. Во основа, во текот на планирањето треба да се согледаат различни варијанти на организирање на просторот и треба да се примени стручно избалансирана варијанта, која ќе ги има во вид сите принципи. Во тоа се состои и професиналниот пристап при планирањето, кој треба да биде доминантен во процесот на планирање, бидејќи со изработување и донесување на урбанистички планови се обезбедува и хуманизација на просторот (член 3 на законот).

За градовите во Македонија се донесени соодветни генерални и детални урбанистички планови, а динамиката и опфатот на измените и дополнувањата на плановите е според потребите за урбан развој утврдени на ниво на општина.

Скопје како нетипичен пример на урбана средина

skopje 3a

centar na skopje 1968 sintezna verzija 1a

(Панорама на Скопје и извод од планот за центарот на Скопје)

Скопје е град на промени, контрасти, град со нетипичен урбан развиток, кој го прекинал развојот на урбаното ткиво неколкупати во својата историја и продолжил да се трансформира низ времето. Прекините во развојот се повод за сумирање и согледување во која насока ќе се одвива натамошниот урбан развој. Тоа Скопје го доживеа со земјотресот од 1963 година. Половина век искуство во развој на градот Скопје после земјотресот. Град кој се развива по трауматски период на природна катастрофа. Со оглед на тоа што градот нема континуиран развој како другите градови, Скопје се третира како специфичен град по својот развој. Постземјотресните привремени населби со монтажни објекти лоцирани на повеќе локалитети, со постепено доградување и надградување на монтажните објекти, се трансформираа како интегрирани станбени населби. Привременоста и постојаноста слоевито се надоврзуваат.

Досега прилично е напишано, говорено, анализирано, согледано за урбаниот развој на Скопје низ времето. Одржувани се советувања, трибини, тркалезни маси со тематика за просторниот развој на Скопје, за неговото урбано ткиво распослано во Скопската котлина и покрај Вардар. Различни доживувања и искуства. Контрасти. Големи предизвици. Спецификите и вредностите треба да се нагласат, зачуваат и унапредат, а негативностите да се намалат. Голем дел на сообраќајниот систем на градот не е реализиран според планираното и сите делови на градот немаат соодветна комуникација. Треба да се преоцени и целисходноста од обемот на урбаното подрачје на градското ткиво (од Сарај до Драчево). Потребно е да се разработи и организацијата на контактната зона на градот и околината. Потребата за зголемување на квалитетот на ткивото на градот е присутна со различен интензитет во различни делови на градот. Има и големи контрасти, различни нивоа на уредување и различни слики на градот, од урбано уредени до деградирани простори. Градското ткиво сè повеќе се изградува, се згуснува. Скопје како да ја заборава својата историја, своето трусно тло, како да започнува да има амнезија дека е град кој се развива над трусно подрачје, што бара специфични услови за просторен развој. Искуството со интернационализацијата на просторниот развој на Скопје после земјотресот, сугерира континуитет на истражувањата за развојот на Скопје како нетипичен град. Повод за пренесување на искуства и во други постземјотресни градови. Развојот на урбанистичката и архитектонската мисла и практика после земјотресот, третманот на професијата, нивото на јавноста при обликување на градот, треба да се негува, промовира и унапредува. Искуствата со практицираната отвореност на Скопје и глобализацијата на идеи е солидна подлога за натамошно унапредување на таквото искуство. Потребен е континуитет во просторот.

ohrid 2a

Охрид

Активности за  зголемување на квалитетот  на урбаната средина:

–          промовирање на развој на одржлива урбана средина, со повисок квалитет и со рационално користење на урбаното подрачје на градовите;

–          поефикасна изработка на урбанистички планови на градови, со поедноставен начин на изработување и донесување на плановите со понагласена улога на локалната самоуправа и спроведување на планските решенија со примена на принципот на максимален волумен;

–          организирање на постојното урбано подрачје на градовите со примена на урбана ревитализација на деградирани простори и развој на динамична урбана структура;

–          при изработка на урбанистички планови на градови треба да се согледуваат повеќе сценарија на планирање, со примена на принципите на одржлив развој;

–          при планирање и при реализација да се организира и уредува просторот со зголемување на квалитетот на средината, со умерено ниво на внесување на нови објекти во постојните урбани амбиенти;

–          промовирање на јавните содржини и простори, а не на индивидуалните барања;

–          натамошен развој на градовите со потенцирано внесување на соодветни хумани, еколошки, асеизмички, енергетски, комуникациски и естетски карактеристики на урбаната средина.

(Продолжува)

Испрати коментар

Scroll To Top