Насловна / Вести / Во август почнува изградбата на 12 километри автопат Скопје-Блаце во вредност од 235 милиони евра

Во август почнува изградбата на 12 километри автопат Скопје-Блаце во вредност од 235 милиони евра

Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој – ЕБОР потпишаа договор за грант за изградба на автопат Скопје – Блаце. Парите за грантот се од Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан. За автопатот од ЕБОР се обезбедени 30,8 милиони евра грант и заем од 167,6 милиони евра. Европската унија обезбедува 41 милион евра грантови, од кои 37 милиони евра се наменети за изградба и надзор, додека вкупната вредност на проектот, заедно со заемот од ЕБОР и националното кофинансирање, надминува 235 милиони евра. Договорот го потпишаа директорите на двете институции, Коце Трајановски и Фатих Туркменоглу.

Изградбата на автопатот Скопје – Блаце, од клучката кај Стенковец на обиколницата до Блаце, границата со Косово, според директорото на ЈПДП Коце Трајановски, е во должина од 10,5 километри. Претходно биле направени 1,5 километар, така што вкупната должина од клучката Стенковец кај Скопје до границата е 12 километри.

„Овие 10,5 километри од автопатот ќе имаат во двата правци по две ленти со ширина од 3,5 метри и лента за запирање од 2,5 метри. Вкупната ширина на патот ќе биде 27 метри. Теренот е ридско-планински и е дел од масивот на Скопска Црна Гора. ​Ова е исклучително тежок терен за изведба. Затоа во проектот се предвидуваат пет тунели со по две цевки, или вкупна должина на тие тунели е околу пет километри, девет мостови со должина од 2,5 километри, 11 потпатници, четири галерии за стабилизација на косини во должина од еден километар и девет потпорни ѕидови што се исто така за стабилизација на косините“, истакна Трајановски.

Изградбата треба да почне во август годинава, а рокот е четири години.

Како што појасни директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, веќе се избрани консултант и изведувач, а надзорот е во процес на евалуација.

Конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“ ќе го гради автопатот Скопје-Блаце.

Испрати коментар

Scroll To Top