Насловна / Вести / UEFA и European Leagues го претставија Прирачникот за одржливост на фудбалските настани

UEFA и European Leagues го претставија Прирачникот за одржливост на фудбалските настани

UEFA и European Leagues претставија нов Прирачник за одржливост на фудбалските настани, сеопфатна алатка која има за цел да им помогне на клубовите, лигите и националните сојузи да ја унапредат организацијата на спортските настани преку примена на еколошки и општествено одговорни практики.

Прирачникот (Football Event Sustainability Manual) за прв пат ги обединува сите насоки на UEFA од областа на одржливоста во еден документ, правејќи ги достапни како практичен и лесно применлив ресурс за секојдневна организација на натпреварите и пратечките настани. Документот е развиен во соработка со организацијата European Leagues, и се базира на флексибилниот „избери и промени“ пристап, кој им овозможува на корисниците да изберат и прилагодат мерки на одржливост во согласност со своите потреби, ресурси и нивото на организационото искуство. На тој начин, одржливите практики можат да се воведуваат постепено, без оглед на големината на настанот или капацитетот на организаторот.  Прирачникот е усогласен со Стратегијата за одржчивост во фудбалот до 2030, на UEFA (Strength Through Unity), чија цел е намалување на негативното влијание на спортските активности на животната средина, со истовремено јакнење на позитивните општествени ефекти во европскиот фудбал.

Содржината е структурирана според ESG принципите (environment, society and governance) и го опфаќа комплетниот животен циклус на настанот – од фазата на планирање и подготовка, преку реализацијата, па се до евалуацијата по завршувањето. Секое поглавје нуди јасни насоки, дефинирани цели и идентификувани предизвици, со збир на основни и напредни решенија кои можат да се прилагодат на различните нивоа на организација.

Посебен сегмент е посветен на примерите на добра пракса од европските лиги и клубови, кои покажуваат како одржливоста веќе се применува. Меѓу нив се решенијата за одржлива мобилност од Швајцарската фудбалска лига, мерките за рационално користење на вода во холандската лига, инклузивните програми за лица со аутизам на стадионите на ирскиот Waterford FC, како и иницијативата на германскиот SC Freiburg насочена на одржливо управување и намалување на еколошкиот отисок.

Документот претставува дел од пошироката стратегија на UEFA за едукација и размена на знаење, со дополнителни програми за обука наменети за лигите, клубовит и сојузите ширум Европа.

Испрати коментар

Scroll To Top