Разбирањето на градот не почнува од објектите – туку од начинот на кој општеството одлучува што воопшто смета дека е град. Архитектурата може да ја модернизира државата, за да ја направи подобра за секојдневниот живот на нејзините жители.

Но ова е возможно само доколку се работи по прописи, постојат вредносни критериуми и односи кои се почитуваат. Доколку струката биде прашана и остане цврсто на своите позиции, а во меѓувреме да не може да ѝ влијае политиката или големи пари. Денес политиката и парите се на прво место, а струката речиси не постои. Урбанистички заводи нема, а планерите се сервис на власта и на инвеститорите. Денес становите не се прават за луѓе, денес становите се прават за продажба.

ОСНОВНО ЧОВЕКОВО ПРАВО, ПРАВО НА СТАН
Во времето кога се работело по прописи и стандарди, струката била прашувана за сѐ и имала интегритет. Додека се работеле бројни проекти за објекти и цели станбени населби, па и за населбата Аеродром, спрегата на власта и струката се одвивала на вистински начин.

Југославија била земја во која, како и во повеќето источноевропски земји, станбената политиката, вклучително и изградбата на станови, биле високопозиционирани како државни приоритети. Целта била да му се обезбеди на секој граѓанин основно човеково право, право на стан. Станува збор за уверување дека развојот/напредокот на една држава е условен од благосостојбата на нејзините жители, квалитетни услови за живот кои не вклучуваат само стан, туку и станбена населба, која е жива заедница, екосистем со високо ниво на самоодржливост. Овој систем вклучува основни училишта и предучилишни установи, здравствен центар и културен центар, односно јавен објект наменет за социјални, културни, политички и други активности на заедницата. Се прокламирале подобар животен стандард, поквалитетна секојдневна средина во која културните понуди играле истакната улога.

Овој начин на размислување и делување се спротивно на она што сега го правиме, а што на крајот, ни овозможило изградба на огромен станбен фонд што го користиме и денес. Станови во кои живееме, а биле доделени од државата, потоа откупени за симболична сума, односно општествениот станбен фонд приватизиран.

УРБАНИСТИЧКО УРЕДУВАЊЕ НА НАСЕЛБАТА АЕРОДРОМ
Во таков амбиент на државна и урбана политика, Фондот за комунално уредување на градежното земјиште во Скопје објавува анонимен конкурс кој е распишан во мај 1974 година, а завршил во октомври истата година. Предмет на конкурсот било урбанистичко уредување на населбата Аеродром, планирана за 80.000 жители со реонски центар и потребни придружни содржини. На конкурсот се повикани 10 заводи и институти за урбанизам од седум југословенски градови, а пристигнати биле седум труда.

Првонаградено решение е конкурсниот труд со шифра AS+2000 изработен од Југословенскиот институт за урбанизам и домување од Белград, а автори на урбанистичкото решение се архитектите: Ѓорѓе Бобиќ, Миодраг Ференчак, д-р Мирољуб Којовиќ и Ненад Новаков со соработници.

По Бразилија во Бразил, Чандигар во Индија, Нов Белград во Србија, градени според принципите на чистата модерна, во Скопје, Македонија се гради населбата Аеродром како доцен модернизам, а постмодерна во разбирливоста за пошироката јавност, не само за архитектонската елита. Просторно амбиенталната хармонија и целовитоста на населбата, работени се во духот на хуманите вредности и идеите кои ги донесоа движењата на модерната и постмодерната.
Основната организациона единица во населбата е месната заедница, денес наречена урбана заедница. Долж булеварот „Јане Сандански“, поставени се седум урбани заедници со приближно иста големина, секоја за околу 12 илјади жители. Секоја единица во зависност од придружните содржини е поделена на поситни организирани единици – соседства.

Димензионирањето на единиците соодветно бројот на жители содржи детски градинки, училишта, игралишта и места за креативна игра. Сите урбани единици се внатрешно организирани. По периметарот на урбаните заедници кон улиците се поставени станбени блокови со висина П+7 ката, зад нив пониски блокови П+2+Пк кои се спуштаат кон средишниот дел на соседствата – градинки, училишта и паркови. Приземјата на сите блокови се организирани со проектирани дворови кои припаѓаат на становите на приземје. Внатре во единиците не постојат сообраќајници, движењето е пешачко, низ зеленило, меѓу дрвореди и плоштади со фонтани, организирани се зелени простори и игралишта каде децата имаат можност да се движаат, играат и забавуваат, без надзор, безбедно, заштитени од сообраќај и бучава, затоа што едноставно ги нема. Овие единици се поволни и за формирање на пунктови за секојдневно снабдување и сервисирање на домаќинствата.

Повлечени од булеварот, главната сообраќајна артерија која ја дели населбата на два речиси симетрични дела, помеѓу хоризонталната блоковска структура, позиционирани се висококатници. Поставени се по три, поврзани со заеднички партер на кој задожително има кош. Овие станбени кули функционираат како репер, препознатлив ориентир во просторот. Можеби најпознати се оние со најубава силуета на кули во градот, во Стар Аеродром, дело на „Македонијапроект“ на архитектите Томовски, Лагудин, Муратовски, Банчатовски, Ладинска, Апостоловски, кои до скоро, додека не ги опколија безличните блоковите од новите ДУП-ови, пречекуваа по Железничката станица и посакуваа добредојде во општината со својата најурбана скопска силуета, особено на зајдисонце.
Овде Скопје е зелено. Интензивно зелените простори заземаат средишна положба во урбаните заедници, се надоврзуваат и така формираат непрекинат зелен масив од кои бочно се разгрануваат зелени и отворени простори на секое од соседствата.

Урбаните заедници лентовидно се протегаат кон спортскиот комплекс и простор за рекреација на кејот на реката Вардар. Овие центри претставуваат средишни пешачки проспекти на кои се нижат и трговски и угостителски содржини. Правецот на протегање на овие центри во вид на лента, поврзани меѓу себе со пешачки патеки и многу зеленило има за задача да мотивира пешачко движење и достапност до сите придружни содржини.

15-МИНУТЕН ГРАД
Денес овој урбан концепт, кога станбената изградба е целосно дерегулирана, а урбанизмот е корупциска постапка, исполнување на желбите на инвеститорите, поддржани од општините и политичарите – делува речиси надреално. Населбата Аеродром ја препознаваме како концепт на урбанистичко планирање наречен 15-минутен град. Последниве години многу популарен, со кој им е полна устата на политичарите, невладините организации, граѓанските здруженија. Концепт на урбанистичко планирање каде што до повеќето дневни потреби и услуги, како што се работа, трговија, образование, здравствена заштита и слободно време, може лесно да се стигне во рок од 15 минути пешачење или возење велосипед. Ние го имаме нашиот 15-минутен град многу пред да измислат топла вода, на пример професорот Карлос Морено кој за концептот ја советуваше доскорешната градоначалничка на Париз, Ан Индалго.

СТАНОВИ „СО ПОТПИС“ И УПОТРЕБНА ВРЕДНОСТ
Во времето кога не се работело за пазар, туку за општеството и за народот, кога не морало да се смислува како нешто да се продаде, туку да се одработи своето, се изнедрил 15-минутен град. Покрај квалитетниот урбанизам на населбата, решенијата на објектите и становите се според сите стандарди и нормативи. Денес како успех во станбената изградба се истакнува вкупната изградена површина, а се запоставуваат односите кои се развиваат на релација стан – корисник на стан. Така многу станови во однос на вложените средства не содржат соодветна употребна вредност. Тоа најмногу се гледа во просторната организацијата на станот, која често не содржи повеќе од шаблонско поставување на простории.

Становите во Аеродром се „со потпис“. Речиси и да нема добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ на ААМ, кој нема барем еден свој објект проектиран и реализиран во населбата, а становите имаат своја употребна вредност. Проектирани се со промислена просторна организација, групирани простории во склад со нивната функција и формирани со јасно дефинирани зони. Предвидени за живот на граѓаните и семејствата во текот на различни периоди на развој, кога бројот на станарите се зголемува или намалува, а и начинот на живот се менува. Станови кои ги задоволуваат потребите на своите корисници независно од промените.

КАПИТАЛИСТИЧКИ САТЕЛИТИ ВО СОЦИЈАЛИСТИЧКО ОПКРУЖУВАЊЕ
Но да не претерувам, не е сѐ така совршено и нереално е да биде, поради тоа како секој поединечно се однесува и во недостаток на станбена политика и критериуми. Не би биле ние, ако нема во населбата самоволни интервенции, „рачна изработка“ на објектите. А секако тука се и новите урбанистички планови.
Додека во социјалистичкиот модел се подразбирало што е можно поголем процент од просторот да биде наменет за слободни простори, паркови и јавни објекти, новиот модел лесно може да се препознае на поновите објекти. Така, на пример се задржува законскиот максимум 70 % изграденост на парцела, а становите се нижат до максималниот капацитет, со деловни простори на приземјето, меѓу кои многу обложувалници. Функционираат како капиталистички сателити во социјалистичко опкружување. Во моделот базиран на инвестиции и приватна сопственост, „јавното добро“ е исклучено како неисплатливо, поради што се исполнува само онолку колку што е (не)предвидено со планската документација.

Денес урбаниот дел на Општина Аеродром изнесува 10,4 км² или 60 %; со последниот попис се регистрирани 77, 735 жители, домаќинства 27.895; станови 35.337, што ја прави најголема општина во Скопје. Јавното урбано зеленило составено од реонски паркови, блоковско зеленило, булеварско зеленило и кејско зеленило покрај Вардар, вкупно опфаќа 108,50 ha, од кои најголема површина 84,35 ha е блоковско зеленило околу станбените комплекси. Урбаните шуми, дрворедите, групациите на дрвја и сите други индивидуални садници на високо зеленило лоцирани се во урбаните подрачја, Аеродром има 8 % покриеност од крошни или 0,58 дрвја на жител.
Во населбата има објекти наменети за спорт и рекреација. Вкупно има 43 отворени терени и 11 затворени спортско-рекреативни објекти, или вкупно 121. 220 m2 спортски терени. Некои од отворените објекти се лоцирани во опфатот на јавните зелени површини. Најмногу има фудбалски, кошаркарски и ракометни игралишта, еден базен, неколку локации за тениски терени, повеќе мултифункционални сали.

Во меѓувреме, градоначалникот на Општина Аеродром, најави ново правило со кое секој нов проект за изградба ќе придонесува за зголемување на зеленилото во општината. Но по едно друго правило, тие објекти се вметнуваат во преостанатиот празен простор, независно од контекстот и капацитетот. Според новото правило на општината, за секои 10 м² новоградба, на јавните површини ќе мора да се засади по една нова садница дрво. „Џабе ќе кречи“, затоа што урбанизмот не планира туку предвидува површини за градење таму каде што има празен простор, или на постоечки објекти со висина приземје и кат, предвидува објекти од 10 ката. На постоечка инфратструктура, која е идеална подлога сега е лесно да се гради. Што би рекла големата Вера Ќосевска, „кога работев прво се планираа улици, а после објектите“.

Наместо садење нови дрвја, би му предложила на градоначалникот да покрене постапка за заштита на населбата како наследство, затоа што не може да се каже дека таа е само проект од некое друго време и од друго општествено уредување. Таа со своите вкупни, сложени активности, означува потфат, не само како урбанизам и архитектура, туку во целиот процес на создавање на населба – планирање, проектирање, градење и учество во животот на населбата што трае и денес. Целта на општеството не била само обемот, квантитетот и бројките, туку и изградбата на функционален простор по мерка на човекот и неговата околина.
Автор: Сања РАЃЕНОВИЌ-ЈОВАНОВИЌ, дипл. инж. арх.
фото: Киро ПОПОВ


Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија